Актерка

На сцена со Лидија Вукичевиќ

Интервју со
Лидија Вукичевиќ
5 април 2023

Големата ѕвезда на балканскиот филм и театар, српската актерка Лидија Вукичевиќ периодов е актуелна со новата театарска претстава "Обвинителка", каде ја игра главната улога на сцена со етаблираните македонски актери Магдалена Ризова и Сашо Ристовски.

Се работи за проект кој е културен мост меѓу двете земји и кој обработува тема подеднакво актуелна и безвременска, не само на Балканот, туку и генерално.

Одличната екипа собрана за оваа комедија на ситуации, меѓу кои и Огнен Неделковски како автор, ЕЛЕНА ЛУКА како костимограф, а Сашо Ристовски и во улога на режисер и продуцент, гарантира успешен проект кој долго ќе трае на театарската сцена, за што потврда беа и реакциите на публиката во Штип каде "Обвинителка" премиерно се одигра на 29-ти март.

Fashionel имаше прилика да го следи процесот на подготовка на претставата и „зад сцената", односно имавме можност да присуствуваме на костимските проби во ЕЛЕНА ЛУКА каде поразговаравме со Лидија Викивевиќ и Сашо Ристовски.

Лидија Вукичевиќ: Костимот мора да се прилагоди на улогата и не смее да го оптерети актерот

На театарската сцена во „Обвинителка", Лидија Вукичевиќ маестрално го портретира водечкиот лик, а од друга страна блеска во креација на ЕЛЕНА ЛУКА која фантастично ја реализира својата улога на костимограф во овој проект.

-Mојата улога во претставата е многу интересна. Станува збор за конфликтна личност, сама со себе. Таа е жена која сака пари, и сака се што е на работ на законот, а во исто време е и обвинителка. Треба да има некакви кодекси на однесување, не смее да има мито ниту корупција, но таа е токму она спротивното. Во исто време се преставува како жена која го спроведува законот. Навистина интересен лик. Тоа ќе биде една одлична комедија со порака. Луѓето ќе го препознаат секојдневието.

За да се соживее со ликот, за актерот од исклучителна важност е сценскиот костим.

-Костимот е од исклучително значење. Тој ви го одредува ликот на некој начин. Штом ќе го облечете ви ја дава завршницата на ликот, на кој што вие долго сте работеле. Во моментов се наоѓам во ЕЛЕНА ЛУКА и ова што го гледам е фантастично, еден од најубавите салони што сум ги видела во животот. Не само што изгледа убаво, тука и луѓето се прекрасни, и има навистина што да се види. Вакви фустани, како што гледам во салонов, не сум видела ни во Белград. За тоа мора да се честита. Мојот фустан е посебен, ја дава онаа завршница за улогата што ќе ја играм во преставата. Ги погледнав речиси сите креации што ги имаше во ЕЛЕНА ЛУКА и сите беа феноменални. Костимот мора да се прилагоди на улогата и не смее да го оптерети актерот. Фустанот што ги видов и што вие го предложивте ќе ми ја обезбеди токму потребната функција за на сцена. Го облеков и чувствувам дека е навистина скроен за мене и за оваа улога.

За одличната соработка со актерите, зборуваше и г-ѓа Елена Пандева генерален менаџер и сопственик на ЕЛЕНА ЛУКА:

-Секогаш ми е драго кога работам на костимографија за театарска претстава, затоа што сцената навистина е предизвик, дозволува голема имагинација и артистично интерпретирање на темата која се обработува. Но, сцената бара и максимална посветеност на секој сегмент од изработката на костимот што пак треба да исполнува бројни критериуми. Со најголемите ѕвезди е најлесно да се соработува. Со Лидија со само една проба, успеавме да го пронајдеме совршениот костим за неа, односно за главната улога која таа ја толкува во претставата Обвинителка, а истиот максимален професионален однос го имавме и со нашите етаблирани актери Магадалена Ризова и Сашо Ристовски, на наше големо задоволство. Преку костимите им дадовме една соодветна завршница без која ликот не би бил комплетен.

г-ѓа Елена Пандева, Сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА

Во разговорот со Лидија, се навративме и во времето на „Бољи живот" и „Жикина династија", каде таа имаше легендарни улоги.

-Последното нешто што го работев во Југославија, некаде пред распадот, беше Бољи живот. Југославија никогаш не може да се спореди со ова што сме сега. Како прво имаше поголема конкуренција, повеќе можности да запознаете луѓе, да се дружите. Вашиот режисер Ѓорѓиевски, ја режиреше Коштана во Лесковац и тоа нема никогаш да го заборавам. Можноста да играм со други актери од балканските земји беше посебна, сите бевме како едно. Тогаш имавме поголема желба и за работа и можност да се покажеме на повеќе места, да бидеме актери од една голема земја.

Не може, а да не се забележи колку Лидија и во седмата деценија од животот изгледа негувано и витално и сѐ уште важи за една од најубавите актерки на Балканот.

-Најважно е човекот да е задоволен одвнатре, да биде среќен. Ако малите работи ве прават среќни, тогаш сте на вистинскиот пат. Има луѓе кои постојано се незадоволни, макар и биле на најубавото место на светот. Среќата е во нас, би рекла. Јас постојано сум се нагувала, сум водела сметка за себе, тоа го наследив од мајка ми, која студираше тука во Скопје. Во моментот кога жената ќе престане да се грижи за себе, таа веќе не е жена. Нам ни е од бога дадено да бидеме женствени и затоа грижата за себе е првенствена.

Со оглед на долгите години искуство и „багаж" од голем број успешни улоги, ја прашавме Лидија дали сѐ уште има кариерен предизвик...

-Секоја добра и комплексна улога, секоја улога која е нешто различно од мене ми претставува предизвик. На пример оваа улога на која што сега работам за претставата Обвинителка. Таа жена однадвор изгледа сосема поинаку од она што е сега. За глумците е многу интересно да играат улоги кои имаат падови и подеми, улоги што се разиграни, разуздани, наспроти здодевни еднолиниски, кои не ги сака ни публиката. Сега во Белград треба да почнам да работа на една серија. Имам уште една претстава во театар Славија, тоа е исто така една интересна булеварска комедија. Во принцип ништо не сакам да планирам, оставам животот да си тече, што биде нека биде.

Сашо Ристовски: Многу сум горд што имаме претстава на ситуации

Сашо Ристовски во претставата „Обвинителка" има тројна улога: како актер, режисер и продуцент и во овој проект влегува со голем ентузијазам, благодарение и на професионалниот тим со кој соработува.

-Јас имам тројна улога во претставата, режисер продуцент и актер, но не ми е прв пат да сум во тројна улога. Малку е тешко, морам да признаам, но успеав да си ги распределам работите. Прво ги поставив режисерските насоки и концепт, потоа преминав на продуцирањето на преставата и на крај заокружив со актерскиот дел, односно ликот на Пепито, обвинетиот во претставата.

Сакав да создадеме една комедија на ситуации. Малку ни е прездосадено од користење на вулгарности, што ги има кај булеварските комедии. Долго време размислував за темата, барајќи да пронајдам што досега не е обработено. Сме имале Госпоѓа министерка, Народен пратеник, но немало за обвинителство. Авторот Огнен Неделковски, кој зад себе има богата кариера, е мој соработник веќе долго време. Јас му ја раскажав мојата идеја, тој ја концепираше и ја упати точно јасната порака. Многу сум горд што имаме претстава на ситуации. Луѓето ќе уживаат во самата ситуација. За некои можеби е тешко тоа да се изведе, но ако си веруваш во својот лик тогаш имаш полн погодок.

Го прашавме Сашо како се случи соработката со Лидија Вукичевиќ.

-Прво јас добив една понуда од Лидија да играме заедно во претстава Чекајќи го министерот и откако заврши сето тоа почнавме да размислуваме што понатаму. Ние се разбираме и меѓународната соработка одекна многу убаво. И понудив на Лидија да ја игра главната улога во Обвинителка, таа прифати со задоволство. Се радувам што ние како држава веќе имаме мост на соработки со соседна Србија. Не велам дека сме немале порано, но сега во оваа претстава се зборува на два јазика и македонски и српски и преку овој проект го прикажуваме вистинскиот мост. Целта ми е спојување на државите од соседството преку театарот.

Костимите ги оживуваат ликовите и без соодветниот костим, ликот на сцена не е целосен. Ова ни го потврди и Сашо.

-Со ЕЛЕНА ЛУКА сум соработувал на претставата Дони Дарк, за која што костимите беа изработени исклучително брзо и затоа решив повторно да ги побарам. Тие ги отворија вратите како секогаш за театарот и за уметноста, што е реткост во нашата држава и треба да служи за пример. За зал, за културата ретко која компанија ги отвора вратите. Овој пат навистина ЕЛЕНА ЛУКА ги изработи костимите по теркот на актерите. Многу е важно за еден актер да ужива во костимот. Јас сум од мојот костим презадоволен. Морам да кажам ретко кој од прва успева да ги погоди работите, а тоа се случи со ЕЛЕНА ЛУКА. Ако имам среќа да режирам и понатаму, мои партнери покрај другите соработници ќе бидат ЕЛЕНА ЛУКА. Кога имате тим со кој се разбирате и кога секоја проба на костими ви е уживање, тогаш вие имате добар резултат. Ова се случува со целиот тим на ЕЛЕНА ЛУКА и многу ми се допаѓа што се разбирате меѓусебе и токму затоа имате добар краен резултат.

По маестрално одиграната премиера на „Обвинителка" и прекрасните реакции на публиката, го прашавме Сашо кои се неговите првични импресии по премиерата.

-Тоа што го пративме преку порака, по патот на сатирата, публиката го препозна. Штипската публика е посебна публика. Ако една претстава помине во Штип поминува секаде. Сакам да се заблагодарам на тие што не поддржаа, особено на ЕЛЕНА ЛУКА. Кај нив постои чусвството за театар што мене ми е посебно мило. Костимот е второто лице на театарот и од особено значење е ако е направен по мерка, ЕЛЕНА ЛУКА го има токму тој сенс за театар. Костимите имаат исклучително значење за оживувањето на ликовите, а ЕЛЕНА ЛУКА со своето долгогодишно искуство на сценска костимографија успеа маестрално да го долови ликот на секој актер.

А зошто публиката треба да ја погледне „Обвинителка", Сашо вели:

-Затоа што тоа е претстава на ситуации, зборува за нешто што се случува на целиот регион. Сатирата во претставата праќа порака да се потсетиме на тоа што нè мачи. Се вели дека со пари сè се може, но јас нема да се согласам.

Уште еден момент по кој долго ќе се памети премиерата на „Обвинителка", е прекрасното изненадување кое на крајот од претставата актерите ѝ го приредија на својата колешка Магдалена Ризова, која одбележува 30 години професионална кариера.

- Искрено морам да признаам дека бев изненадена. Всушност признанието дојде четири дена порано. На први април пред 30 години ме примија да работам во театар и не очекував дека денес, на премиерата ќе се случи ова. Уште сум превозбудена, полна со емоции, 30 години се многу, но брзо ми летнаа. Ова е моја 76-та премиера. Убавината на комедијата е тоа што дозволува и импровизација на сцената и затоа и публиката сака такви работи, ни изјави Маги.

Претставата е поддржана од: Министерство за култура, Почесен козулат на Република Србија со седиште во Охрид, Центар за култура ,Ацо Шопов - Штип, НУ Музеј на македонската борба за самостојност и од компаниите: ЕЛЕНА ЛУКА и Тикен Холдиг.

Сценографијата е доверена на Крсто Богојевски, а музиката за претставата е дело на талентираниот и популарен музичар Мишел Трајковски.

Следните изведби ќе бидат во Куманово, Охрид и Битола.

 

Објавено:
5 април 2023
object(stdClass)#478 (8) { ["nid"]=> string(5) "30085" ["ga_count"]=> string(3) "873" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691100000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
873 пати