Артист

Најдов тишина и во бучавата

Интервју со
Тони Зен
18 јули 2019

Кога се сретнавме пред пет години да направиме интервју, Тони Петковски беше сосема поинаков човек од оној што го видовме пред неколку дена. Сега е страшно заразна неговата позитивна енергија, зрачи со духот што го разбудил изминатите пет години, вистински среќен е и целосно смирен – нешто за што сведочи и неговиот нов албум кој е вистинско ремек дело. „Од изворот на изборот“ наиде на огромно воодушевување кај публиката и неговите верни фанови што имаат само позитивни критики за истиот. Иако во малку поинаков правец од оној на кој сме навикнати да го слушаме, сите осум песни од албумот се вистинска магија и рај за ушите, особено што истиот  е снимен во 432 Hz. Доколку сè уште не сте го преслушале неговиот албум, сторете го тоа уште денес, а во продолжение прочитајте го интервјуто со Тони Зен во кое тој на наједноставен начин нѝ објaснува како стигнал од изворот до изборот. И да, разговаравме и за неговата нова љубов, синот Јасен. 

-Што се случуваше со Тони изминативе пет години?

Пред пет години имав еден непријатен период, повреда, операција на колено и морав да донесам одлуки, за да направам промена на себеси, бидејќи сите физички повреди се поради тоа што нешто ни се случува внатре. Треба да спознаеме каде е проблемот и да одлучиме да направиме избор да се промениме за да се среди тоа. Сè е поврзано со некое искуство. Решив да се повлечам и да се посветам на она што од секогаш сум сакал да го правам и во целост да се посветам на духовните практики. Тоа и го направив и се случија промени сами по себе. Се промени буквално целата структура во мене бидејќи така одлучив и така избрав. Нема ништо спектакуларно, никакво повлекување, одење во странство, тука сум постојано, вежбав многу, едноставно заздравував. Коленото заздраве благодарение на Боро Илиев, кој е експерт за зглобови, а потоа работите се одвиваа спонтано и природно. Научив и уште учам и почнаа да се случуваат убави работи и животот тече. Пуштаме музика секој четврток со Soul Street Delight, јас, Boogieman и Мартин, а во сабота сме во Soul 091.

-Новиот албум е насловен „Од изворот на изборот“, објаснувањето е дека тоа е стекнување свесност за тоа дека ТИ СИ... Како да се освестиме кои сме и што можеме?

Секогаш времето е сега. Тоа е вистината. За да се себеспознаеме, доволна е намера. Ако јас имам намера себе да се спознаам и одам по патеката, сè што се појавува по патеката се знаци или насоки за правецот кој треба да го одржувам како последица од намерата. Еднаш се случи да ме поканат да држам говор на еден настан за да ги инспирирам луѓето и некако сами по себе ми дојдоа пет фази што им ги пренесов за тоа како луѓето да се себе спознаат:

-Во првата фаза се раѓаме, се идентификуваме, мирисаме, гледаме, чувствуваме, допираме...Се идентификуваме преку блиските, имитираме, па потоа емитираме.

-Втората фаза е веќе кога развиваме свесност дека постоиме, дека имам родители, општество, околина, маало...Продолжуваме по втората фаза, односно будењето и си велиме, зошто одиме на училиште, зошто станувам толку рано, тешко ми е...Откако ќе се идентификуваме, почнуваме да играме улоги на идентитети...Тука информациите кои се доволни да те разбудат си доаѓаат сами по себе, дали тоа ќе биде некој документарец, некој што ќе го сретнеш на улица па ќе те освести, некоја случајност или слично...Сè тоа се случува со цел. Откако ќе се разбуди битието, доаѓа одлуката како трета фаза.

-Носење одлука како трета фаза...Продолжувам по будењето или се враќам во игрите на идентитети, си функционирам како што ќе ми кажат и слично. Можеби ќе се прашувам што ќе беше, но си имам комфорна зона и ќе играм идентитети за да им биде убаво на другите, но тоа не е добро. По одлуката следи изборот...

-Од изворот на изборот, тука е и насловот. Сум избрал и дејствувам од изворот, од внатре. Чистината, пренесување, комуницирање... без разлика дали сум диџеј или настапувам, снимам или пишувам. Важно е дека јас сум од изворот пренесен низ тие идентитети.

-Петтата фаза е намерата. Зграда, оди со намера зграда да направиш. Да заработам милион евра годинава, заработи... Направи, од чистината, искрено, од внатре. Албум, имај намера да се реализира. Да бидам здрав, посвети се на себеси. Денеска има вишок муабети во комуникацијата. Глумиме идентитети и така мислиме дека најдобро ќе поминеме, а само си го трошиме времето така. Тишината е суштината на целата комуникација. Сите сме просветлени, продуховени, тоа ни е во генот, само треба да ни текне и да живееме онака како што сакаме вистински. Тоа може да помести и планини.

-Албумот е направен во малку поинаков стил од она на што сме навикнати да слушаме од тебе, но подеднакво добар и квалитетен како и музиката претходно. Зошто се одлучи за посмирена музика овојпат?

Да, овојпат е малку посмирено. Има рецитирање, има блуз, џез, фанки, афро бит, има етно моменти, јас би го ставил во жанр на светска музика, 432 херци и толку. Немам нагон да бидам постегнат од ова. Кога одам во студио, можам да глумам идентитети. Да си речам, сега ќе бидам од гето, така се чувствувам, сите можеме така, јас можам да го сменам вокалот, но тука нема идентитет, зборовите сами излегуваат, спонтано, вистински како последица на сè она што искусив. Затоа и така звучи, смирено. Затоа е и така убаво прифатен, иако и претходно сум менувал стилови, сите сум ги поминал, бидејќи ние сме го увезале хип – хопот, не го измисливме. Што ни се допаѓаше, тоа правевме, емитиравме, но овојпат е поинаку, овојпат е од изворот на изборот.

-Што за тебе значи „Флека“? Колку се пронајдовте со останатите членови од бендот?

Се „флекам“ и кога јадам леблебија (се смее). Ние сме другари со сите членови од бендот, и претходно кога сум имал настапи, сме свиреле заедно. Па така некако почна и процесот на оформување на бенд што ќе биде како колектив, автентичен, со песни, со аранжмани, и така се споивме. „Флека“ е моја идеја за еден друг проект што сакав да го правам, баравме име како да се вика бендот и јас го предложив. „Флека“ е лично мое, таков сум од мал, тоа е факт. Така настанавме, продолживме да свириме, да се промовираме, да правиме нови аранжмани, работевме со Нино Васков, кога можеме свириме, одиме на настапи и така функционираме, немаме амбиции да бидеме бенд што се промовира на пазарот, свириме кога имаме желба, спонтано. Толку, нема ништо повеќе, иако секогаш можеме да направиме албум, па ќе видиме што ќе се случи.

-Како се пронаоѓа тишината?

Тишината е целосна пост интензивска практика. Тие зборови сами ми излегоа, бидејќи се од тишината, а за да се стигне до неа треба да се работи многу. Треба да се потрошат сите содржини во свеста, кои се складирани некаде. Да се поминат сите кризи кои се последица од сите тие содржини, за кои мора да комуницирате ако сакате да влезете во тишината. Тоа се работи низ прашањето, односно коанот, коан е всушност прашањето. Работејќи на коанот, се трошат тие импресии, тие содржини, се стигнува до празнина, па се стигнува до тишина. Ние само малку сме пробале од тишината, од тоа колку ништото и празното е сешто и полно. Сега веќе ретко каде има тишина, и од Водно ми ја земаа тишината. Но, таа тишина што е надвор, не е вистинската. Вистински е да најдеш тишина и во бучавата. Ти можеш да отидеш на планина каде има тишина, но по некое време умот пак ќе почне да ти „галами“. Тука кога ќе се стиши умот, да не се задржува на тие содржини, е тука е апсолутната тишина, таа може да ја искусам и кај што живеам, и во сред Центар. Медитација не е да мораш да седнеш со позата, туку да одвоиш време во денот, да ги оставиш мислите да проаѓаат, да летаат и да не се задржуваш за ниту една. Да не мислиш дали треба да пуштиш правосмукалкапосле, за детето, кај пуштам музика во сабота...Тишината е тоа.

-Остануваш во овој правец или...

Евентуално нешто следно ако направам, тоа ќе биде целосно инструментален албум, каде што јас ќе тропам. Имав прилика да свирам на еден прекрасен инструмент, рачен тапан, кај другарот Бојан Глуми кај кој што го работев и албумот. Се пушти микрофонот и тоа што ми доаѓа директно, го свирев без да посветам внимание дали ќе има аранжман, туку сосема спонтано. Следно би правел нешто такво, уште помирно. Но, тоа е само приказна, иако намеравам да одам по патеката и да ја остварам. Избирам да одам по патеката, за да ми биде постојано интересно, постојано да бидам среќен, да излезам од кругот и да се ослободам.

-Животот пред и по Јасен...

Секое бебе кога се раѓа си има причина, си има намери. Јас велам и дури дека понекогаш, ако не и секогаш и они одлучуваат каде да се родат според намерата. Бидејќи сме научени да осудуваме и да даваме мислења, си викаме „тоа е само бебе, ништо не знае“, ама тие се свесни, постојат, приземјени се...Ништо не може да биде случајно. Инаку, менувам пелени и одговорен сум (се смее). Одговорноста, будноста по неговото раѓање е многу зголемена, што е нормално. Тој е голема љубов. И моето и вниманието на сопругата е повеќе кон него. Не гледаме толку за себе, прво гледаме за него, па после за нас. Иако, кога ќе видам некое капче, жена ми вика не, ама јас го земам (се смее), бидејќи немам, а всушност дома имам 30.

-Со текот на годините еволуираше и твојот стил...

Јас секогаш се облекувам според чувствата, според времето, какво е времето, такви парчиња носам. Од секогаш сум носел капи, шапки, брадата е таа, кошулите ми се тие, бермудите се тие, само ги менувам кога ќе се искинат. Влечки, апостолки, еспадрили, не сум бркал трендови никогаш бидејќи се многу површни, иако може понекогаш да земам некое парче, но никогаш од глава до пети. Стилот ми е тој, а имиџот се менува во однос на она што се нуди на пазарот за да го купам, но секогаш според мој стил.

Објавено:
18 јули 2019
object(stdClass)#483 (8) { ["nid"]=> string(5) "22155" ["ga_count"]=> string(4) "1145" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690408800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690408800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.145 пати