Во пресрет на летните одмори, решивме да направиме една прекрасна приказна за уште поубавата Малта, а токму истата, ни ја раскажува Наталија Ристовска, светски патник моментално стациониран на оваа фасцинантна островска држава. Оваа шармантна девојка која е зависна од патувања и запознавање на нови култури, ќе каже дека за да тргнеш на ваков пат потребна е голема храброст и одлучност, но и дека сето тоа на крајот, дефинитивно ќе се исплати, благодарение на убавините што светот ги нуди. Наталија раскажува дека меѓу тие убавини што светот ги нуди се и интернационалните пријателства, комуникацијата со различни луѓе и искуството со кое се стекнува секој млад човек. Она на што секој кој ќе се одлучи на ваков чекор како нејзиниот, мора да биде подготвен, е справувањето со носталгијата, тешките моменти, но сепак, сосема на крајот, тоа пак ќе ви помогне да прераснете во изградена и вистински самостојна личност. За сите убавини на Малта, предизвиците со кои се соочува еден млад човек – авантурист надвор од својата земја и за прекрасните места кои таа ги посетила, во денешната приказна нѝ раскажува Наталија Ристовска.
Која е Наталија?
Светски патник и космополит кој секогаш се труди да го зачува ведриот дух, хуморот и вистинските пријателства. Патувањата се дел од моето секојдневие и најубаво се чувствувам кога сум во потрага по нови култури и кога запознавам луѓе со различни животни приказни.
Каде е Вашиот дом?
Мојот дом е онаму каде што се чувствувам исполнето, среќно и каде што имам луѓе со кои можам да ги споделам и добрите и лошите моменти. Краткорочно, повеќе пати сум живеела во Америка, Кејп Код (Масачусетс), а моментално живеам во Малта. Моите најдобри пријатели се во Македонија, но во изминатите години сретнав прекрасни луѓе од секаде низ светот кои ми го направија престојот на секое место незаборавен и полн со искуства кои остануваат засекогаш.
Кое е најубавото место што сте го посетиле?
Навистина не би можела да издвојам конкретно. Почнувајќи од Америка и високите облакодери на Источниот и Западниот брег, па се до тропските места како Мексико, Доминиканска Република, Бахами, како и Блискиот Исток , каде имав можност да се запознаам со култури кои имаат позитивни и негативни карактеристики. Чикаго поседува дух што скоро и ме предомисли да се преселам во овој град, а додека Мароко ми остави измешани чувства на изненаденост, емпатија за оние кои живеат таму, но и восхит на сите негови бои и шаренила.
Кои се предностите, а кои лошите страни да живееш на Малта?
Иако го сакам топлото време, високите температуви понекогаш знаат да претставуваат проблем при извршување на секојдневните обврски. Сепак, предност е тоа што сонцето е присутно најголем дел од годината, а тоа ми помага да бидам секогаш насмеана и позитивна. Ведриот медитерански дух на луѓето околу мене ми помага да одржам баланс на приватно и професионално ниво, и тука навистина уживам во секој миг од денот.
Кое место во Малта прави да се чувствувате најблиску до дома?
Кога сум излезена со моите пријатели од Балканот. Начинот на забавување, темите на разговор и шегите помеѓу нас ме потсетуваат на мојата Македонија и така се чувствувам многу блиску до дома.
Каква е храната на Малта?
Прекрасна, а за да се уверите во тоа мора да ја посетите. Тука локалното население посветува големо внимание на квалитетот и разновидноста на храната, а најмногу ми се допаѓа тоа што храната не е тешка и изобилува со многу свежи салати и овошје. Веројатно поради топлото време и температурите.
А ноќниот живот?
Сега почнува летната сезона и ноќниот живот е фантастичен. Местата каде што се организираат забавите потсетуваат на бескраен рај, насекаде бела боја и тиркизно море. Свежите коктели и одличната музика ја прават секоја забава единствена. Најмногу ми се допаѓа што тука луѓето навистина се забавуваат, дојдени се да танцуваат до раните утрински часови и да поминат вечер полна со смеа и забава.
Потребна ли е храброст да се замине од сопствената земја, или доволен е авантуристичкиот дух?
Храброст и одлучност секако, тоа се првите две работи клучни пред да се направи одлука за заминување од Македонија. Авантуристичкиот дух доаѓа подоцна, кога после определено време надвор од сопствената земја сфаќате дека светот ви нуди искуства кои досега сте немале можност да ги искусите. Тука се интернационалните пријателства, начинот на комуникација и секако – планирањето за посета на следна дестинација.
Дали се сметате себеси за авантурист и некој што не може да живее на едно место подолго време?
Не би рекла дека не можам да живеам на едно место, па затоа и сега сум во потрага по она место каде би можела долгорочно да го планирам мојот престој. Малта во моментов ми го нуди тоа и размислувам да останам овде подолго време.
Имате ли план некогаш да се вратите во Македонија?
Секако, Македонија е местото каде што сум пораснала и каде што се моите спомени. Би се вратила еден ден, но сепак пред тоа сакам да уживам во местата кои имам можност да ги посетам.
Која е следната дестинација што би сакале да ја посетите?
Азија, а тоа би било Хонг Конг, Тајланд, Филипини.
Што најмногу Ви недостасува од Македонија?
Ајвар, а најмногу ми недостасуваат моите родители, пријатели и мојата сестра која живее во Прага.
Што би им препорачале на младите луѓе кои се подготвени за авантури, живот и работа надвор од Македонија?
Да не се плашат да излезат од Македонија на подолго време, затоа што искуството кое се стекнува надвор од неа е непроценливо и полно со прекрасни спомени. Мора истовремено да бидат подготвени на носталгија, и тешки моменти, но сето тоа до сега ми помогна да се изградам како личност и да се соочувам со прблемите самостојно. Светот е полн со изненадувања, а кога патуваме и ние сме дел од нив.