Доколку има некој кому не му е познато името Николче Мицевски, ќе ви дадеме една оригинална асоцијација – „Македонско девојче 2“! Музичар и исклучително талентиран композитор, Мицевски стои зад еден од најуникатните и најзапаметени албуми во македонската музичка историја отпеан од неповторливата Каролина Гочева. Ние имавме чест да поразговараме токму со него за тоа како настана овој веќе култен музички албум, за тоа кои се проектите на кои работи во моментов, за фантастичната група „Етносфера“ и за многу други интересни работи за кои знаеме дека ќе ви го задржат вниманието. За тоа какво е чувството ѕвезда како Џос Стоун да отпее твоја песна, за семејството и за сѐ она што го прави среќен, во продолжение разговараме со Николче Мицевски.
Уживајте!
-Како успеавте да соберете толку квалитетна екипа за проектот „Етносфера“?
Проектот „Етносфера“ се планира последните три - четири години со две екипи на музичари кои ми се многу блиски и со кои музицирам последниве години. Една е групата Фонтана, а другата екипа е всушност бендот со кој ја придружуваме Каролина Гочева веќе 13 години. Некако успеавме да се споиме и да направиме една комбинација, една банда на музичари, долгогодишни соработници со многу позитивна енергија и така некако решивме да ја тераме таа приказна. Во целиот проект ќе има од сѐ по нешто, фолклор од целиот Балкан и сето тоа спакувано во едни современи аранжмани кои се светски трендови.
-Од каде потекнува љубовта за етно и фолк музиката?
Неколку генерации во моето семејство има истакнати музичари, татко ми и денеска е професионален музичар, па некако јас откако се родив сум во дружба со музиката. Пораснав со таа чиста македонска музика, фолклор, и најверојатно, тоа си остави белег кај мене. Сега гледам да го комбинирам она што значи традиција со нешто што е трендовско, но сѐ во рамки на нашето.
-Стоите зад огромен број музички проекти, постојат ли шанси да издвоите еден како Ваш омилен?
Генерално, јас на секој проект му приоѓам со 100 проценти љубов и посветеност, така што секој од нив ми значи. Постојат многу фактори кои влијаат на тоа како еден проект ќе биде прифатен кај публиката. Секогаш зависи од изведувачот, од маркетиншкиот дел и од многу други фактори, но мора да имаш квалитетен материјал. Се разбира дека „Македонско девојче 2“ ми е можеби малку подраг од останатите, затоа што генерално, последните години ме одбележа како автор, иако сум сработил и многу други. Комерцијално и во народот, тоа досега ми помина најдобро.
-Како се создаваат композиции како оние од „Македонско девојче 2“, или пак аранжмани како за „Ја излези Ѓурѓо“ и слични?
Друга приказна е кога се создава една песна од почеток, а сосема друга приказна е кога се работи на веќе дадена, позната тема. Нормално, јас обожавам да почнам од нула и одново да правам песна. Не постои формула за добра или лоша песна. Не можеш да кажеш дека денес ќе седнам и ќе направам песна која ќе биде супер. Тоа е еден релативно долг или пак краток процес, некогаш се случува и во еден ден да се направи една композиција, некогаш треба една или две недели. Многу е важно за еден композитор на старт да ја има идејата, односно да знае што сака да постигне на крај. Ако си поставиш рамка од почеток дека сакаш песната да биде таква и таква, така е полесно. Сѐ е релативно, секогаш зависно од инспирацијата. Јас генерално секогаш се инспирирам од музиката, секогаш сакам да направам нешто ново кое ќе звучи свежо и во тој аранжмански дел да ја заокружам таа приказна. Аранжманите се исто така еден предизвик, конкретно, „Ја излези Ѓурѓо“, е позната песна и сите ја знаеме и тука имав една голема одговорност. Не смееш да ја сквернавиш таа песна, мораш да ја направиш подобра, да ја доближиш до младите и гледам дека успеавме во тоа. На многу забави денеска ја бараат токму „Ја излези Ѓурѓо“, но од Некст Тајм, иако таа е песна стара многу години. Ние се одлучивме песната да има еден филмски призвук и генерално, го тераме целиот нивни проект во тој стил, со седум, осум такви обработки. До крајот на оваа или почетокот на следната, сакаме да го заокружиме тој проект на Некст Тајм со голем концерт и издавање на ЦД.
-Какво е чувството светска ѕвезда како Џос Стоун да отпее Ваша песна?
Не можам да го опишам чувството. Прво, се јави Филип од Авалон и ми рече: Викни ги Влатко, Зоче и Каролина и да се најдеме утре во парк. И Џос Стоун ќе дојде. Јас на шега го прашав: И Мадона да не дојде? По телефон, почувствував дека Филип има трема и дека очигледно е сериозен, по што за кратко се потврди дека дефинитивно доаѓа Џос Стоун и сака да ја отпее „Кој да ми запее“ со Каролина. И мене сите така ми реагираа кога им кажав, никој не ми веруваше. Во секој случај, сите бевме многу среќни и тоа беше едно супер искуство. Пред да оди во конкретната земја каде има концерт, Џос Стоун прегледува музика на Youtube и тоа што е специфично и актуелно за таа земја, таа го одбира. Се информирала кој е актуелен кај нас, и најмногу и се допаднала оваа песна, и јас сум пресреќен што тоа беше така. Дојде спремна, со напишан текст, со научена мелодија, пробавме два, три пати, ме праша да не недостасува нешто, на што јас не знаев што да и одговорам, бидејќи сѐ беше совршено. Си дозволи малку да импровизира во некои делови кои даваат специфичен звук, што беше супер.
-Како е да се работи со ѕвезда како Каролина Гочева, каква беше нејзината реакција кога прв пат го слушна „Македонско девојче 2“?
Принципот е многу едноставен, кога јас имам спремно нешто ново, правам демо снимка на која што се трудам да пејам (се смее) и таа ги преслушува песните. На „Македонско девојче 2“, беа понудени 10 песни и сите 10 беа прифатени. Одевме етапно, не брзавме, речиси две години го работевме материјалот. За секој квалитетен производ, треба време, ништо не може преку ноќ. Многу често се случува да се направи некоја песна на брзина за некој фестивал или слично, но по некое време ќе си кажеш дека ова можеше и подобро. За овој албум, тоа ни се нема случено, ниту еднаш не кажавме дека нешто можеше подобро. Едноставно е да се работи со Каролина затоа што е многу голем професионалец. Каролина е неверојатно музикална, многу ја разбира музиката, и воопшто, ние многу добро се разбираме, а тоа е многу важно. Потребни ни се два, три разговори пред снимање и ние веќе знаеме што сакаме. Патот и размислувањето ни се исти...На овој албум, таа создаде нов правец на пеење, не е ниту поп, ниту фолк изведба, а сепак е нешто извонредно.
-Сметате ли дека во Македонија постојат и други пејачи кои можат да ги изведат песните на начин како што таа го направи тоа?
Овој материјал е правен специјално за Каролина, затоа што кога ги правев песните мислев на нејзините технички способности. Нормално, секој пејач има своја специфика и ќе го донесе тоа на различен начин. Конкретно, „Македонско девојче 2“ е правено за неа и таа тоа го донесе најсоодветно.
-Што друго Ве прави среќен освен музиката?
Нормално, семејството. Моите две ќерки и сопругата. Одговорен татко сум, станувам секој ден во 6:15, ги спремам, ги носам кај што треба (се смее). Секој ден носи нови обврски. Не сум обврзан со работно време, живеам од и за музиката и го сакам тоа што го работам. Целиот живот го посветив на тоа, тоа и студирав, композиција, и 24 часа размислувам на музика, меѓу другото. Сакам и да се дружам со пријателите, па така, пред секое снимање си даваме време за кафе и ручек, кога и се раѓаат најголемите идеи. Големи проекти, токму така се случуваат.
-Покажуваат ли Вашите деца посебни афинитети кон музиката?
Да, секако. Големата ќерка ми е второ одделение, свири клавир и морам да кажам дека е одлична и најобјективно велам дека е особено музикална. Покажува знаци на апсолутен слух уште од сега, ја гледам дека напредува, но не ја форсирам воопшто. Тоа што го знае, го учи со професорите во музичко, но постојано е околу мене. И малата е музикална, но таа повеќе сака балет и глума, што го гледам и во секојдневието кога задолжително мора да одглуми нешто во некоја ситуација. Музиката всушност не се учи, можеш да ја „набубаш“ како информација, но да ја чувствуваш никако.
-Битола или Скопје?
Па двата подеднакво. Јас од 1999 сум во Скопје и ќе кажам дека колку Битола ја чувствувам како свој град, толку и Скопје. Половина живот го поминав тука, како што имам убави моменти од детството таму, тука имам уште поубави поврзани со семејството, со градење на дом, на важни моменти од мојата кариера, концерти и што уште не. Тука се чувствувам среќен. Битола ми е за релаксација, да се прошетам, да се видам со пријателите, така што убаво е кога човек има повеќе можности.
-Колку сметате дека модата е важна за музичарите на сцена?
Многу важна, тоа треба да е така за секоја јавна личност. Јас себеси не се сметам за јавна личност, некако повеќе сакам да работам зад камерите и потоа луѓето да го слушаат мојот проект, без да ме гледаат. Но, кога свирам на концерти, важно е во што ќе се појавам. Секој изведувач треба да внимава на тоа да е природен. Не е важно дали нешто е во тренд, ако тебе не ти прилега тоа. Кога ми треба помош, жена ми е тука за совети, но не прифаќам сѐ (се смее).
-За новите проекти...
Можам да го најавам следниот сингл на „Етносфера“ со Дамјан Пејчиновски и Џамбо Агушев. Наскоро ќе има и видео, се надевам тоа ќе се оствари до крајот на месецов. Станува збор за интересна композиција која ја нарековме „Дафина“ која е енергична и се надевам дека добро ќе помине кај публиката. Работиме и на проектот на Некст Тајм кој сакаме да го заокружиме со концерт и ЦД некаде кон крајот на оваа или почетокот на следната година.