Јутјубер

Не очекував ништо од ова што ми се случува!

Интервју со
Стефан Рашковиќ - Steffonator
20 август 2018

Тој е еден од најпознатите македонски Јутјубери чија популарност секојдневно сè повеќе расте. Видеата на Стефан Рашковиќ или попознат како Steffonator на социјалните мрежи, имаат и по 100.000 прегледи, а на истите најчесто говори за секојдневни теми интересни за младите. Познат е и по серијалот „90 Секунди“ од кој досега биле дел некои од најголемите македонски ѕвезди, а за следната сезона ветува многу повеќе. Во интервјуто за Fashionel тој говори за популарноста меѓу младите, открива дека подготвува нешто големо наскоро, а со нас сподели и која е неговата најголема љубов. За тоа како неговите родители го прифатиле она што тој го работи, која е пораката што сака да им ја пренесе на младите во Македонија и за конкуренцијата тука, читате во продолжение.

-Од каде идејата за „90 секунди“?

Па не знам, сакав да направам нешто поразлично, бидејќи кога новинарите прават интервјуа со познати личности, не им ги поставуваат прашањата што јас сега им ги поставувам. Обично ги прашуваат монотони прашања или нешто лично, а јас сакам да им поставам прашања што се интересни и на кои никогаш не одговориле, а нивните фанови ги интересира.

-Кој од гостите ти оставил најголем впечаток?

Секогаш ги издвојувам Лила и Кили како најинтересни и како најголем предизвик. Тие и како личности се доста интересни.

-Очекуваше ли толку голема популарност кога започна со „Јутјуберство“?

Дефинитивно не, затоа што некако сум научен што и да почнам, да немам некои големи очекувања за да не се разочарам ако не успее. Не очекував ништо од ова што се случува сега.

-Како се справуваш со популарноста?

Фино (се смее). Некогаш знае да се стрча некоја толпа или луѓе да сакаат да ме поздрават, но тоа не ми пречи, туку напротив, многу ми е мило.

-Во однос на комерцијалниот аспект на твојата работа, се заработува ли од она што го правиш?

Ако споредуваме со други земји, тогаш не. Во странство со ова што го правам би заработувал 15 пати повеќе можеби, но и тука некако работите одат во нагорна линија. Некако и онлајн маркетингот не е толку фокусиран на Јутјуб кај нас, но да се надеваме дека ќе се поправи и тоа.

-Како поминавте на големото Јутјуб шоу во Арената „Борис Трајковски“?

Тоа беше нешто што никој од нас не замислуваше дека ќе му се случи. Беше нешто многу големо, цела сала веднаш беше распродадена и сето тоа беше нереално да се види. Најпросто кажано, таму го правевме она што го правиме на видеата, но во живо и на многу поспектакуларен начин. Сите беа задоволни, тоа и ни беше целта, сите од салата да излезат среќни и долго да го паметат настанот.

-Твоите обожаватели постојано те прашуваат кога ќе може да те сретнат. Може ли наскоро да очекуваме „meet up“?

Тоа порано го правевме почесто, ќе кажевме таму сме тогаш и тогаш, дојдете да се видиме, но сега затоа што малку се зголемија бројките на фановите, знае да се направи хаос и да има потреба и од обезбедување. Кога ќе имаме простор за некаква организација, секогаш се најавува на социјалните мрежи каде би биле. Сега работиме за нешто што ќе се случува во октомври и најверојатно тогаш ќе имаме повеќе средби.

-Тешко ли е на твоите дома да им објасниш што работиш? Колку денес возрасните ги разбираат твоите термини и целата работа околу Јутуберството?

На почетокот беше многу потешко, затоа што не гледаа Јутјуб и воопшто не беа упатени, но искрено не се трудев нешто посебно да им објаснувам јас, туку им пуштав да гледаат и сами да сфатат што правам.

-Како реагираат на твојата популарност?

Искрено, уште се зачудени и не им се верува, затоа што некои деца знаат и дома да дојдат, да звонат на врата или да тропаат на прозор, а тие да се чудат што се случува. Но, полека сфаќаат и секако, после настанот сфатија многу повеќе.

-Која е твојата омилена серија?

Game of Thrones.

-Кој е твојот најголем страв?

Се плашам од височина, и од осаменост се плашам. За 30.000 претплатници направив едно видео во кое морав да летам, а никогаш немав летано претходно  и мислам дека тогаш се соочив со стравот и малку го надминав.

-А најголема љубов?

Тоа е она нешто што не се објаснува со зборови...Подвигот, инспирацијата што ме движи, што ме тера да работам секојдневно и да креирам нешто ново, ама не можам да најдам еден збор да го опишам.

-Која е личноста на која најмногу и се восхитуваш?

Мајка мѝ. Ние сме три деца и тоа што се бори за нас цел живот мене ми е восхитувачки.

-Кој талент би сакал да го поседуваш?

Да знам да пеам.

-Сосема за крај, кратка порака до твоите обожаватели?

Ако некој сè уште не е упатен дека постои ова што ние го работиме, да бидат посвесни за тоа, да нè гледаат, бидејќи кај нас има многу креативни луѓе што заслуживаат внимание и заслужуваат да бидат гледани.

Објавено:
20 август 2018
object(stdClass)#486 (8) { ["nid"]=> string(5) "19797" ["ga_count"]=> string(3) "575" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688076000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688076000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
575 пати