Никола Ефтимов: Во Македонија не постои вистинска модна индустрија

Интервју со •
12 ноември 2014

Дизајнерот кој на македонската публика и' е познат по својот уникатен дизајн и специфичен моден печат кој не прави компромис со тенденциите, Никола Ефтимов, срдечно не пречека во неговото ателје. Во пријатната атмосфера, за која придонесе уметничкиот декор, шаренилото од бои и дезени како и кучето Арон - верниот пријател на дизајнерот, позборувавме за новата колекција, за отсуството од годинешниот Моден викенд и за идните планови на Ефтимов.

Градењето на колекцијата за оваа сезона дизајнерот ја започна со стилистичкото истражување на неколку децении од минатиот век, а во фокусот е ликот на благородна жена, со силен инстинкт за преживување.

„Мојата колекција  за есен-зима 2014/15 е насловена Дејм Електра (Dame Electra). Иако насловот упатува на митолошката личност Електра, сепак, идејата на колекцијата не е директно базирана ниту на старогрчките преданија, претстави и подоцнежни уметнички дела, ниту на одредени елементи на античкиот костим“, вели Ефтимов.

Оваа година како резултат на професионалните ангажмани, дизајнерот се одлучи промоцијата на новата колекција да биде проследена со фотографии и со интимна дружба на неговите пријатели и познаници во неговото ателје. Овој начин на промоција според Никола се покажа мошне ефективен, бидејќи во крајна линија публиката која доаѓа на Моден викенд не се неговите вистински купувачи.

„За презентација на колекцијата се сними едиторијал. Фотографиите беа презентирани на социјалните мрежи, потоа следеше презентација на колекцијата во моето ателје. Ваквиот тип презентација го избрав поради бројот на парчиња во колекцијата“, открива Никола, кој додава дека не планира друга промоција за истата линија, затоа што на негово големо задоволство таа е веќе распродадена.

„Долги години наназад, јас сум фокусиран најчесто во рамки на она што е нослива облека која што понатаму можам да ја продадам. Јас сум најсреќен кога мојата облека ќе ја видам на обичен човек на улица. Тоа е најголемата награда, тоа значи дека како дизајнер сум успеал да создадам парче облека кое што има живот понатаму. Многу ми се допадна промоцијата што ја направив и затоа во иднина планирам да се задржам на артистичките презентации, бидејќи сметам дека на тој начин промоцијата не би имала само моден карактер, туку би го опфатила и културниот аспект. Сакам луѓето да дојдат на шоу, на спектакл, да уживаат во креативноста, би сакал да ја задржам таа насока не само во мојата следна, туку и во сите следни ревии. Таквиот тип на презентација е едноставно како театарска претстава и се занемаруваат сите оние банални прашања од типот „Каде би го носела ова?“.  Луѓето едноставно знаат каде се дојдени“, вели етаблираниот дизајнер.

Во однос на инспирацијата за новите модели, Ефтимов првично бил понесен од гламурот на шеесеттите години на минатиот век, но подоцна сосем случајно вметнал и елементи од педесеттите и седумдесеттите, за да постигне баланс и континуитет на мислата преку внесување на порелаксирани елементи кои би и' дале живост на базичната геометрија.

„Се разбира, за да се избегне здодевното повторување на елементите од наведените периоди, колоритот  на моменти е неочекуван, а изгледите завршени со современ стајлинг. Во однос на боите, доминираат земјените и неутралните сиви тонови, црната, со акценти на интензивни бои. Дел од материјалите по состав се природни (волна, памук, свила), а останатите се синтетички мешавини. Застапени се чојата, вештачкото крзно и кадифето. Материјалите варираат од еднобојни, преку дезенирани, до ткаенини со текстура. Формите најчесто се базични и геометриски“, ни кажа дизајнерот кој својата лична приказна продолжува да ја плете и во новата колекција која е видлива преку стилистичкиот и презентацискиот дел.

Дизајнерот  оваа сезона не беше дел од учесниците на Модниот викенд поради две причини:

„Годинава, покрај мојата авторска колекција имав и дополнителни ангажмани за изработка на други колекции.  На Модниот викенд не се претставив, заради тоа што едноставно немав време да постигнам да ја организирам и ревијата, а втората причина беше затоа што јас засега работам уникатни парчиња и за  14 – тина комплетни аутфити мислам дека напорот што јас би го вложил во организирање на ревија е едноставно неисплатлив. Друго би било доколку јас сериски после ги произведувам парчињата“, раскажа дизајнерот.

Во текот на разговорот, Ефтимов ни го образложи своето видување за актуелната домашна модна сцена.

„Јас мислам дека кај нас понекогаш ги гледаме последиците, а не причините. Мислам дека најголем проблем во Македонија во моментов е што не постои вистинска модна индустрија. Постојат дизајнери кои во рамките на нивните можности си изработуваат колекции, меѓутоа за приказната понатаму да биде комплетна во модата треба да има инвестиции и тие инвестиции најчесто доаѓаат од луѓето од индустријата или од луѓе кои што сакаат да вложат во оваа дејност, затоа и некои работи кои што се случуваат на Модниот викенд само ја пресликуваат нашата реалност. По мене, дури единствениот можен начин или причина да се презентира колекција е таа колекција да биде една сезона однапред претставена, само доколку постои купувач за тој простор помеѓу двете сезони се искористи за производство на нарачаното, за правење на маркетинг и тогаш ја има логиката колекцијата да биде една сезона однапред, ама кај нас отсуствува голем дел од тој систем што на Запад претставува мода. Се разбира дека секогаш може подобро да се организираат работите, јас знам дека почетокот на Модниот викенд имаше многу повеќе пропусти отколку сега во моментот што се случуваат и не може да заборавиме дека сепак и тие направиле некој исчекор напред, меѓутоа мислам дека најголемиот проблем не е во поединците или во организаторите на одредени вакви настапи туку што едноставно во Македонија модата функционира многу инцидентно и без вистински вложувања“, нагласува Ефтимов.

Тој посочи дека покрај се', ако веќе професионално се вложувате во модата, од тоа треба и да живеете.

„Во ред е за младите дизајнери, бидејќи FWSK им е супер начин да се промовираат да се пишува за нив на медиуми, меѓутоа ако сфатиме дека покрај оној момент на креативно изразување и комуникација сепак ние би требале и да живееме од нашата работа ако сакаме нештата да ги наречеме професионални, мислам дека не се исплати. Кога јас ќе го пресметам мојот личен ангажман на нешто такво се прашувам зошто воопшто и да настапувам. Ама повторно ќе кажам дека не е само и до организаторите“, наведува дизајнерот.

Со оглед на фактот што дизајнерот повеќе од две години има свое ателје каде се изложени парчињата и колекциите што ги креира, ги откри неговите искуства за тоа колку кај луѓето е развиена навиката за купување на македонски производи.

„Сè уште не постои навика на купување на македонски дизајн и обично дизајнерите во Македонија за жал се врзуваат единствено за венчални фустани, матурски фустани, фустани по мерка и слично. Сè уште ја немаат навиката да купат готова облека. Јас во дуќанот имам и убави искуства кога ќе дојде некоја случајна минувачка, па ќе рече дека парчето од излог и се допаѓа и сака да го проба, меѓутоа многу е болно сознанието за мене барем дека најдобрите продажби во смисла на купена количина се токму од клиенти кои не се од Македонија. Јас мислам дека голем проблем кај нас е што нема средна класа, бидејќи според мене, моите жени купувачи би биле токму оние од средната класа. Креативни жени, жени кои што се интелектуалки, професорки кои што имаат почит спрема индивидуалното и сакаат да покажат малку поинаков стил преку својата облека“, потенцира Ефтимов, кој импресиониран од искуството во Бангкок, нагласува дека треба да постои поорганизирана помош од државата.

„Не сум од оние луѓе кои сметаат дека државата е должна сè да им направи во животот, бидејќи апсолутно не е така, меѓутоа знам дека кога предавав во Бангкок, во тој момент, целата држава беше застаната зад платформата градот Бангкок да стане моден центар и за таа цел беа викнати многу експерти од Запад за да помогнат во одредени стратешки насоки, планови и програми за подобрување на одредени секвенци во рамките на текстилното производство“, го сподели своето искуство Ефтимов.

Во однос на медиумската застапеност, Ефтимов е задоволен, но смета дека не треба по секоја цена дабиде присутен во медиумите. За да се случи тоа потребене  повод и според него постојаното актуализирање на одредени личности може да биде и контрапродуктивно во однос на работата.

Според дизајнерот водечки трендови за актуелната студена сезона се парчињата со животински принтови во различни стилизации, апликациите инспирирани од стриповите и илустрациите, инвентивните интерпретации на фолклорот, слоевитите изгледи и интензивните бои. Комотниот џемпер со големи печатени мотиви или карактеристична плетка во нијанса на зелена и виолетова боја е омилено модно парче на Никола без кое едноставно не може да си го замисли својот стил. А за апсолутен „out“, дизајнерот ги наведува модните парчиња изработени од полиестер и трико за кои вели дека треба засекогаш да останат како еден лош флеш од минатото.

Со оглед на работните ангажмани посветени на неговите авторски колекции, но и на оние кои се надвор од неговите професионални задачи, менаџирањето на неговото ателје и попратните проекти,  Ефтимов вели дека едноставно е принуден да ги селектира работите по приоритет за да се ослободи од се' друго кое залудно му ја троши енергијата и да се посвети на вистински важните работи.

„Мој голем  предизвик е машката мода. Сите мои проекти на мастер студиите во Италија беа поврзани со машка мода и многу ми е жал што во секоја сезона се помалку машки дизајни работам за на крај и да исчезнат. Едноставно сфаќате дека ги правите само за себе како фотографии или како некоја дизајнерска вежба и тука завршува целиот процес. Би сакал линијата на машка долна облека Лезет која што беше промовирана во 2003 година и доживеа снимања на неколку локации во светот во Париз, САД, повторно да се актуализира. Покрај изработката на ниво на прототипови заживеа и како сериски производ. Мислам дека тоа ќе биде една од работите на која што сакам да се фокусирам. Сакам повеќе да експериментирам во начините презентација дури размислував дека можеби од следната година ќе направам виртуелен дуќан со спој на фотографија - мојата стара пасија, со модата, не знам“, ни кажа за крај дизајнерот.

Во продолежение погледнете го едиторијалот од најновата колекција за есен – зима 2014:

Модел: Ивана Гелева

Фотограф: Виктор Наумовски

Стајлинг и шминка: Лидија Минчев

Објавено:
12 ноември 2014
bool(false)