„No Exit Museum“ – вселенска музика што ќе ве натера да сонувате

Интервју со •
6 јуни 2015

The Protagonist е еден од најпрогресивните бендови што во последно време и се случил на македонската алтернативна сцена.  Подолг период работеа на нивниот прв албум „No Exit Museum“ што звучи како вселенски симфониски оркестар, чии инструменти раѓаат галаксии од звуци и бои, како што го доживуваат и самите. Албумот го мастерираше Сајмон Хајворт, продуцент што работел со Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ино, Депеш Моуд, Симпл Мајндс и многу други.  Двојката која што стои зад овој несекојдневен и прогресивен производ се всушност визионери со високи артистички стандарди, R.S. Rush и Кузман, со кои имавме можност да поразговараме по повод новиот албум, но и за нивната уметничка филозофија и суштината на нивната музика.

Албумот бесплатно може да го симнете на официјалната веб страна на The Protagonist:

 

  „No Exit Museum“  e првиот албум на The Protagonist. Колку лично сте задоволни од крајниот резултат? 

R.S.Rush:

Првиот албум секогаш, барем според мене, претставува филтрирање на многу желби и соништа кои кога работите напорно, дури делува апстрактно т.е. како да работите со воздух оформувајќи го со сето она за кое што предходно сте сонувале, пишувале, слушале, читале, гледале или пак со целиот спектар на бои кој сите нас не опкружува. Така да, во таа смисла, она што лирично и музички макотрпно го работевме, ја достигна нашата цел, односно стигнавме до тоа што го сакаме. Но, ќе треба да помине одредено време и да извадиме уште неколку албуми за да можеме малку од временска дистанца да видиме дали сме го направиле точно она што сме сакале, сега тоа ни изгледа како 110%, но времето можеби ќе не донесе на 100% J.

Како звучи The Protagonist во „No Exit Museum“?

Кузман: The Protagonist во No Exit Museum звучи како некој вселенски симфониски оркестар, чии инструменти раѓаат галаксии од звуци и бои.

Каква порака испраќате преку музиката „спакувана“  во овој албум?

R.S.Rush: Ние како кретивни луѓе се занимаваме со суштински, човечки потреби, да сонуваме, да размислуваме, да го шириме хоризонтот на човековата свест. Албумот е составен од два дела, првиот дел обработува теми од космосот, додека вториот дел обработува социјални теми, меѓутоа љубовта е таа што цело време е присутна. Слушајќи ја нашата музика, секој може да најде нешто за себе, нешто за коешто ќе сонува и размислува и едноставно ќе се впушти во ова наше прво патешествие.

А на кого му се обраќате?

Кузман: Темите се универзални и со универзална проблематика.  Се обраќаме на сите возрасни категории,  кои пред се имаат широк спектар на интереси, и кои се гладни за нови чувства искажани преку музика.

 Опишете ни го амбиентот како се подготвува еден алтернативен музички албум.

R.S.Rush: Per Aspera Ad Caelum!(Преку тешкотии, до небото!). Сцените позади филмовите понекогаш се многу поинтересни и од самите филмовиJ. За жал нашата реалност , или поточно хиперреалност не им олеснува на  креативните умови, но ние сме борци и поминавме низ многу тешкотии за да дојдеме до овој момент и албумот да биде издаден. Неверојатна е возбудата кога ќе дојдете до посакуваната боја, тон, текст, вокална или гитарска линија, тоа е неопишливиот момент на магија кој ме исполнува и ме прави среќен. Среќен сум што сета таа музика што ја створивме е веќе ваша, таа е на сите оние што го слушнале албумот или допрва ќе го слушнат.

Планирате ли концертна промоција?

Кузман:  Ќе има претставување на материјалот на најразлични начини, па со тоа и поактивни ќе бидеме концертно. Ќе не има на "Бела Ноќ" а се договараат и други настапи.

 Кои се следните предизвици за The Protagonist?

R.S.Rush:

Планираме вториот албум и нов сингл и видео од истиот, да бидат пуштени во етер оваа есен. И се разбира, полека но сигурно ширење на No Exit Museum надвор од балканската пенинсула.

Кузман: Дефинитивно вториот албум, со нов сингл и видео, се разбира имаме желби и сништа кои секој здрав бенд ги посакува, кои би сакале и за кои веќе работиме да ни се случат!

 

 

 

 

Објавено:
6 јуни 2015
bool(false)