Музичар

Пере: Воздухот во Барселона е полн со позитивни јони

Интервју со
Никола Перевски-Пере
8 февруари 2017

Јас ѝ припаѓам на онаа генерација која на своите први тинејџерски журки ги слушаше Нокаут меѓу звучници. Оттогаш поминаа 20 години, па иако журките се сѐ поретки, многу често знам да пуштам плеј листа со нивните хитови и така во уживање да го поминам работниот ден.

Нокаут годинава слават цели две децении постоење! Оставија и тоа каков траг во македонската поп музика, многу генерации растеа заедно со нивното музичко созревање, периодов подготвуваат и нов, четврти студиски албум по ред, а од неодамна имаат и своја официјална веб страница.

Никола Перевски-Пере одлично функционира на релација Македонија-Шпанија, во Барселона има свое музичко студио, посветен е на студиите, но како што вели Нокаут се „форевер". Додека периодов беше во Скопје, ја искористивме можноста да поразговараме со него на различни теми, од Барселона до 20-годишниот јубилеј на Нокаут.

Читајте и уживајте во продолжение...

Барселона – возбудлива авантура или животна дестинација?

-Би рекол повеќе едукативна животна лекција. Барем за овие две години. За понатаму рано е да зборувам. Сега сум сконцентриран на студирањето, а за понатаму оставам сами да си течат работите.

Таму имате и Ваше музичко студио?

-Сите оне кои што професионално се занимаваат со музика, па дури и оние на кои таа им е хоби, имаат домашно студио, без кое јас лично не можам да го замислам денот. Така живеам тука во Барселона, а така и во Скопје. Добро е да можеш во секое време да го снимиш она што ти дошло како идеја, од која понатаму може да се развие некоја посериозна тема, во смисла на тоа дека може да биде одлично прифатена од пошироката јавност, без разлика дали е темата среќна или тажна. Инаку повеќе ценам кога музиката се користи не за да се наметнете,туку едноставно за да и се препуштите на самата неа и искрено да уживате во она што го создавате како дело.

Како изгледа еден Ваш ден во Барселона?

-Во Шпанија денот не може да го започнете без цеден портокал. Тоа е првото нешто што го правам наутро. Потоа, утрото го користам за рекреација комбинирајќи трчање и пешачење на самата Барселонета, затоа што тој дел од денот сакам да го исполнам со здравје, а здравјето значи и среќа, која пак е секогаш добра инспирација. После тоа следат активности најчесто поврзани со академијата. Секако оставам простор и за некое кафе или чај со пријателите, а навечер одвојувам некој саат за креативно творење. Попусти во градот многу многу не ме интересираат, иако знам дека ги има многу често.

Што најмногу Ве фасцинира во тој град?

-Климата, уметноста и концептот на Гауди, шпанската култура, музиката, историјата, музеите, улиците на Барселона, преубавите паркови, плажите, необичните и шарени маала во кои сакам да се изгубам, и најмногу насмевките кај луѓето од градот крај море.
Посебно ме фасцинира чистотата на градот и покрај огромниот број туристи и возила. Воздухот е полн со позитивни јони, а градот иако раздвижен сепак некако во исто време мирен, спокоен. Не сум ју-носталгичар, но некои работи ги доживувам исто како кога сум бил дете... На пример овде не се ѕвони на телефон во периодот од 14:00 до 17:00 часот, на секој агол има кафанчиња со препознатливите метални маси и столчиња. Јадеш свински бут и во исто време се коцкаш на слот машина. Последново јас не го правам.

Како функционирате на релација Македонија-Шпанија, што тоа значи за Нокаут?

- Исто како да живеам во Охрид и студирам туризам Два часа и 45 минути возење со кола Охрид-Скопје е исто што и лет до Барселона... Да признаам, не ми е баш толку интересно често да летам, затворен во лимената конзерва на 10.000 метри над земјата. Секое полетување и слетување по две влакна ми побелуваат, но жртвата е таа. Нокаут форевер.

А какви новости имате кога Нокаут се во прашање?

-Нема веќе трема... нема ни дилема. Нокаут остануваат Нокаут. Продолжуваме да работиме со истото име и со истата љубов. Едно без друго не може. Мора да има зашеќерено или посолено и љубов кон својата професија за да имаат движечка сила и способност работите да се движат напред во позитивен правец. Барем така тоа функционира до сега кај Нокаут.

Ова е јубилејна 20-та година од постоењето на вој бенд и бренд. На некој начин Скопје и Македонија имаат неколку, баш скопски бендови кои функционираат толку години на оваа музичка сцена. Конечно оваа година добивме своја веб страница, свој дом на интернет. Работиме на четвртиот по ред студиски албум, тргнуваме на заедничка летна турнеја со Игор Џамбазов која треба да започне некаде април-мај, која ќе финишираме со интересен перформанс во Скопје. Новата година ја започнавме со промоција на сајтот nokaut.mk со клубски настап во Станица 26 на 26ти јануари.

Што било некогаш подобро во музичката индустрија, а што е подобро денес?

-Што се однесува до музичката индустрија некогаш и сега, за жал таа девалвирала и ќе девалвира исто како и динарот на времето во Југославија, марката, денарот ,еврото. Променлива е постојано. Дваесет години одреден музички стил е интересено, но следните 30 години интересни ќе бидат некои сосема поинакви правци и ритмови. Но, како што знаеме сите некои музички теми знаат да се вратат, можеби во некоја поинаква ретро форма, но сепак се враќаат.

Денес технологијата ви овозможува и олеснува многу други методологии и пристапи на работа во музиката и самата индустрија. Голем арсенал на музика ни е достапен, за кој ви требаат 100 години живот за да го преслушате сето она што го имаме сервирано на тацна. Порано тоа беше невозможно. А, не е многу голема временската разлика од денес па до самите почетоци на блузот и џезот. Затоа пак, класичнатата музика има своја и константна вредност како и златото, не девалвира како другите правци. Доказ е фактот што таа датира од многу поодамна и зазема свое посебно место во музичката глобална и светска индустрија како вечна музика и музички паравец, за кој има најмногу едукативни информации.

Бидејќи симболично февруари е месец на љубовта, која е Вашата дефиниција за љубов?

- Дефиниции има колку сакате, но љубовта се уште е непознат феномен, а треба да биде еден од најпознатите. Прашањево би имало смисла само ако никогаш во животот не си љубел, ако никогаш го немаш доживеано и искусено тоа чувство. Ако веќе морам да дефинирам тогаш би рекол дека е храна на душата, а вие сте прегладнети. За жал има души кои никогаш не примиле љубов и воопшто не знаат кој е нејзиниот вкус. Љубовта е најтешкиот поим, најмногу е опеан, а сепак е како мисла недовршена. Љубовта е незаситна, волшебна... таа маѓепсува.
Сепак се уште немам дефиниција.

Колку Вашите две ќерки се заинтересирани за музика?

-Премногу. Мислам дека музиката им е животот, исто како и на мене. Се будат со музика и песна и си легнуваат со музика и песна. Има и по некоја насемвка и среќа, и солза и тага сигурно, но барем се трудат повеќето од проблемите да ги решат преку тој феномен... Музиката.. Неа или ја носиш во себе или не. Едноставно е.

Каде е Франц?

-Знам дека е среќно оженет, преселен и живее во Л.А. Калифорнија.

Која Ви е најголема животна амбиција што до сега не сте ја оствариле?

-Музичарите немаат конкретен одговор на ова прашање. Тие секогаш остануваат гладни и желни за нешто ново и уште поголемо. Таква е музиката. Секогаш имаш чувство дека можеш уште повеќе и уште подобро. И покрај тоа што повеќе од 20 години творам музика, јас не можам да речам дека сум постигнал сѐ што сум замислил. Имам уште многу за откривање и остварување.

 

Објавено:
8 февруари 2017
object(stdClass)#484 (8) { ["nid"]=> string(5) "15785" ["ga_count"]=> string(4) "1430" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1687557600" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1687557600" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.430 пати