Во јануари годинава, Фондацијата Елена Лука објави јавен Конкурс за бесплатни професионални обуки за вработување, преку кој на пет жени им овозможува да стекнат професионални вештини во области кои што им се афинитет и со тоа ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот.
Маја Пупулеска и Наташа Петревска се првите две од петте селектирани кандидатки, кои веќе го завршија својот курс во областа на професионалната шминка и со нас ги споделија импресиите и новите искуства што им овозможија професионално да се стекнат со нови вештини.
„Во јануари годинава објавивме јавен оглас на кој се пријавија голем број на жени и девојки од целата територија на државата, а изборот на петте учеснички на обуките беше извршен врз основа на однапред дефинирани критериуми. Сите учеснички, по свој избор, се одлучија за видот на обуките според нивните интереси и потреби. Им посакувам голем успех и остварување на нивните професионални амбиции", изјави Елена Пандева, основач на Фондацијата Елена Лука
Нашиот разговор го започнавме со прашањето колку овој проект на Фондацијата Елена Лука за бесплатни професионални обуки, ги мотивираше и ги поттикна да размислуваат за професионално себе надоградување?
- Во чекор со новото време преку пребарување на интернет го видов конкурсот на Фондацијата Елена Лука за бесплатни професионални обуки. Аплицирав со мотивационо писмо и бев избрана помеѓу петте кандидатки кои ќе учествуваат во проектот, за што сум неизмерно благодарна на Фондацијата и г-ѓа Елена Пандева. Како невработено лице, оваа шанса за бесплатни обуки на мене влијаеше навистина позитивно, ми овозможи да најдам начин да ја изразам мојата креативност и ми отвори шанса за нови контакти, вели Маја.
На нејзиното искуство се надоврзува и Наташа.
- Пред се сакам да ја поздравам идејата од страна на фондацијата Елена Лука затоа што целиот концепт и намерата да се направи нешто добро за некого заслужува секакви пофалби. Кај мене разбуди позитивни чувства и ентузијазам за да ги надоградам моите вештини и знаења кои што потоа ќе ги имплементирам во мојата професионална кариера.
Во рамките на овој проект, Фондацијата Елена Лука на петте селектирани кандидатки им понуди широки можности за обуки во различни области, а Маја и Наташа имаа заеднички избор: Курс за професионални шминкери.
- Јас и Наташа посетувавме обука за професионални шминкери во едукативниот центар за креативни курсеви Кариера плус кој е специјализиран за курсеви од областа на модата и убавината. Програмата се реализираше преку предавања и практична работа, видео презентации, демонстрации во живо на различни типови на мејкап и пракса со модели, појасни Маја.
Бидејќи неодамна ги завршија своите обуки, ги прашавме со какво искуство се стекнаа и кои се нивните импресии.
- Оваа обука за мене е посебно искуство затоа што работевме со тим од професионалци докажани во својата работа. Обуката ја водеше професионалниот шминкер Васе Доковски кој со нас го сподели своето знаење и искуство. Не едуцираше до тој степен што ни ги откри сите тајни, трикови и козметички производи кои беспрекорно делуваат за да се создаде соодветниот и посакуваниот изглед, го сподели со нас своето искуство Маја.
За позитивното и корисно професионално искуство, се сложи и Наташа.
- За себе можам да кажам дека на курсот организиран од страна на Кариера плус научив многу, си го надоградив моето досегашно знаење, стекнав нови познанства, но и целиот процес беше на високо професионално ниво, се работеше со професионални шминки и четки и владееше позитивна атмосфера.
Тие надополнија дека преку овие обуки научиле корисни и исклучително значајни информации околу целиот процес на професионално шминкање, која е разликата во однос на секојдневниот мејкап, го научиле пристапот и начинот на шминкање на одередени типови кожа, како и тоа како правилно да ги применуваат различните козметички производи.
Откако го заокружија овој процес на професионални обуки, логично нашиот разговор го завршивме со прашањето колку ова ново искуство ги инспирира новите вештини да ги имплементираат во сопствена бизнис стратегија?
- Можноста и вратите што ми ги отвори Фондацијата Елена Лука и инспиративниот курс на кој се стекнав со доволно практично знаење, навистина значат еден голем пресврт на професионален план. Сега имам и многу поголема самодоверба која ми дава дополнителна енергија да продолжам да работам на своето лично професионално портфолио кое започнав да го градам уште додека траеше курсот. Мотивирана сум и размислувам да го надоградувам моето знаење преку други курсеви поврзани со естетиката на жената со што во иднина сакам да започнам и да развивам сопствен бизнис на овој пазар, каде има и голема конкуренција. Верувам во слоганот на Кариера плус „Сега можеш сам", инспирирано зборува Маја.
Оптимистички за својата професионална иднина размислува и Наташа.
- Со добро менаџирање и со покажување на квалитетот кој го имам се надевам на позитивно искуство.
Девојки ви посакуваме големи успеси!