тема

Природна жена е убава жена - Убава жена е среќна жена!

Интервју со
природни жени
3 август 2021

Низ медиумскиот простор изминатиов период една од најдоминантните теми беше онаа за стареењето, природноста и белата коса. Се дебатираше изгледот на познати дами, се коментираше до кој степен природното е прифатливо.

Како седата коса на црвениот килим е супер, но онаа помеѓу филмски сет или на летен одмор не е. Како го сакаме достоинственото стареење сè до моментот кога почнува на другите да им претставуваа очобол. Немавме ист аршин ниту за проследувањето вести, ниту пак за коментирање на истите. Со леснотија го „претворивме“ #sexandthecity во #stressandthecity, #prirodnažena во #nesredjenažena. Објавувањето фотографии без шминка се доживеа како уште еден активистички чин, макар (само) на социјалните мрежи.

И темата која можеби првично имаше цел да ги обедини жените, стана уште една за која се поделивме.

Дали природната жена е урбан мит, како што е тоа и „пластичната“? Дали да си природен е „ретро“ или „ин“?

И тргнувајќи од една точка, оваа тема доби широки размери и испреплетени мислења и поенти. Некако такво беше и нашето реализирање на нашата водечка тема за месец август.

Почнавме „потрага“ по наши познати жени кои го негуваат природниот изглед, без да фаворизираме и да вперуваме прст во оние кои одбрале поинаку. Да бидеме искрени, по малку и се изненадивме од позитивните коментари да направиме ваква приказна и во оваа пригода сакаме да им се заблагодариме на сите што покажаа интерес, го искажаа својот став и поддршка, а кои од оправдани причини не можеа да бидат дел од официјалната средба, како и на оние кои имаа поинакво гледиште и останаа доследни на себе.

Секако, уште поголема благодарност за дамите кои ги гледате на оваа насловна - Мијата, Ана Бунтеска, Ана Зафирова, Амернис Нокшиќи, Рисима Рисимкин и Мерсиха Шукри,, кои дојдоа да се фотографираат без или со минимална шминка, некои со природната коса, други со бојадисана, кои го покажаа лицето без естетски корекции, го покажаа богатството претставено во брчки, ја покажаа својата професионалност, едноставност, ослободеност, во облека што е репрезент на нивниот стил.. Без вештачки нокти, трепки, коса - прифатија публиката одново да ги запознае онакви какви што се...

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk)

 

И пред да ги прочитате и слушнете нивните приказни, овој наш проект покажа неколку нешта:

- сè уште има жени кои сакаат природно да стареат и се радуваат на тоа

-сè уште има жени кои го сакаат природното, кое не ја намалува естетиката на среден и негуван изглед

-природниот изглед не е ниту (само) во белиот израсток во коренот, или брчките, целулитот или останатите несовршености кои годините и стареењето ги додаваат или одземаат, туку е (и) она со кое зрачиме, она што го носиме одвнатре.

-природниот изглед е насмевката која ја носиш, длабочината на погледот, количеството на љубов со кое располагаш, добрината која ја даваш и примаш, почитта која ја имаш дури и кон оние што мислат и прават поинаку.

-природната жена, без разлика на килограмите, со шминка или без, е убава жена. А убавата жена е среќна жена.

Во продолжение ви ги пренесуваме пораките на овие шест среќни жени.

 

 

Рисима Рисимкин, кореограф, 58 години

Добро е да можеш убаво да си остариш

Сметам дека во гoлeма мерка, трендовски, природниот изглед се губи и жените стануваат унифицирани во својот изглед. Сметам дека секој треба да се однесува како што сака, но за мене губењето на индивидуалната посебност во изгледот не е прифатлива. Од најмали нозе имаме одредени типови кои се претставени преку куклите со кои децата си играат, како Барбиките, а сега тој изглед е тренд и наоколу можеме да видиме ист тип на девојки кои на некој начин ја губат својата природна убавина.
Добро е да можеш убаво да си остариш и кога ќе дојде моментот. Сега имам речиси 60 години, а порано кога бев млада мислев дека тие години се крај на светот, но од оваа перспектива гледаш дека тоа не е така. Индивидуалноста се изразува преку духот, а во тој контекст се чувствувам млада, како да имам 18 години. Едноставно, го поседувам тој дух. Работам многу со млади, што сметам дека е супер, бидејќи постојатно сум во тек со она што на младите им се случува, па мислам дека тоа и мене ме подмладува. Тоа е нешто го разубавува денот секојдневно.

Денеска има голем проток на информации и сигурна сум дека секоја жена знае како да се негува и однесува. Многу е важно да се има спокоен сон, без разлика на сè што се случува. Да може човек да си легне, да отспие за да има сила следниот ден повторно да се фати во коштец со новите предизивици. Јас се однесувам онака како што ми налага моментот – во однос на исхрана, нега на лице, тело, коса... До неодамна имав многу кратка коса, што не бараше посебна нега, сега имам малку подолга и ѝ посветувам повеќе внимание. Добро е да се слуша внатрешениот систем, кој во одредени моменти ни јавува дека очекува промени. Мислам дека треба да ги следиме знаците кои телото ни ги дава..

Одамна престанав да се шминкам, можеби има веќе 30-тина години. Тоа веројатно имаше врска што од многу млада играв во балет и за претставите користевме многу шминка. Сакав да се одморам од шминката. Се сеќавам дека колешките се шегуваа со мене, ми велеа: „Природно си убава, па можеш без шминка". Можеби ова доаѓа како малку реклама сама за себе :) но ги паметам тие моменти, одамна одлучив дека немам потреба да се шминкам и одлично ми е!

 

Ана Зафирова, новинар, 40 години

Ни треба малку повеќе добрина, за да може таа да се огледа во сите нас

Јас сум по малку и ригидна по однос на тие хируршки зафати – ботокси, филери, пластични операции, затоа што мислам дека секоја брчка на моето лице си има приказна. Некои се од исконски радости, а некои од длабоки таги. Но сите тие ни го формираат и карактерот и визуелниот идентитет и не се плашам од стареење. Мислам дека убавото и достоинствено стареење, стареењето во среќа и љубов е најдоброто нешто што на секој жив човек може да му се случи.

Не сум сигурна дека природниот изглед доживува револуција. Со ковид ситуацијава се свртевме кон сè што значи природа, па не знам дали и во новинарството остави трага, сметам дека тоа е тесно поврзано со карактерот на човекот. Би сакала доколку секој од нас има подлабок, посуштински однос кон природното, не само со физичкото туку и кон она што нè опкружува. Не спаѓам во категорија на фанатичнипоборници на природното, сметам дека средната мера е клучот за се во животот.

Но, секој човек треба да работи на својата еволуција – енергетска, духовна, физичка, интелектуална и мислам дека таа потоа го создава неговиот идентитет и физичкото пакување. На пример, во моментов имам недостаток на време, кое не го користам како сопствено алиби, меѓутоа заради сплет на околности не можам да спортувам колку што би сакала, но се трудам да одржам други баланси, хранејќи се на друг начин со таа убавина која му е потребна на мојот дух и тело, за да ја одржам формата на телото. На крајот, сметам дека на светот му треба малку повеќе добрина, за да може таа да се огледа во сите нас, а со тоа и во нашиот физички изглед.

 

 Амернис Нокшиќи, актерка, 44 години

Најважно е жената да се сака себеси

Tенденцијата на новото време се повеќе ни налага да бидеме постојано "скоцкани" при што се губи спонтаноста да изгледаме природно. Потребата да се влезе во рамките на модерното живеење не направи еднолични и склони кон прифаќање на наметнати естетски вредности за тоа како треба да изгледа една современа жена. Опседнатоста со надворешната убавина стана пресудна за потврда на женскиот интегритет. Негата на жената на природен начин скоро и да нема веќе вредност. Мојот критериум за убава жена е: уредна и стилизирана коса, природно негувана кожа, минимален мејкап и насмеано лице.

Созревајќи низ искуствата како жена сфатив дека најважно е да се сакам себеси. На тој начин стареењето како процес станува предизвик за мене. Не се плашам од староста ниту од брчките. Чувството на среќа ме прави убава жена.

Професијата како актерка ми дава можности да се доживеам како жена на различни начини кога е во прашање женската убавина. Преку тоа искуство единствената вредност на женската убавина доаѓа од карактерот, што значи дека сепак надворешниот изглед е последица на внатрешната убавина.

Тргнувајќи од фактот колку естетските корекции земаат замав за да се дефинира женската убавина, релативна е смислата "што денес значи Убава жена". Ја разбирам потребата на жената да интервенира за по совршен изглед но притоа да се задржи природноста. Посакувам сите жени да умеат да погледнат во себе и да забележат што е тоа што ги прави вистински убави наместо да се стремат да ги задоволат прототипите за женската убавина во овој модерен свет.

 

Ана Бунтеска, поетеса, 49 години

Надворешната убавина е манифестација на внатрешната

Го прифатив овој ваш повик, за малку да се струши митот и пресијата дека жената секогаш мора да биде, нема да кажам убава бидејќи е секогаш убава, но тип-топ средена бидејќи само тогаш ја истакнува својата убавина. Верувам дека тоа не е точно, бидејќи надворешната убавина е манифестација на внатрешната.

Не знам зошто ова „ослободување" и тренд и порано не се случи, иако сметам дека се' што е екстремно не чини, без разлика во која насока оди. Затоа не сум поборник на природен изглед во насока сите да изгледаме како грмушки, бидејќи сепак и овие модерни времиња ни дале некакви можности. Но, сум за тоа дека жената треба да изгледа природно и да се чувствува своја. И секако, секоја жена треба да го прави тоа што ја чини среќна.

Сум пишувала често за тоа дека се поистоветуваме со оние жени што ги гледаме во магазини, често сме фрустрирани, а факт е дека за нив работат цели тимови за да изгледаат такви какви што се, а на крајот финалниот производ е резултат и на фотошоп и други видови "уметност". Природната жена е раритет, бидејќи ова е ера на ботокси, на силикони, на филери, на липосукции. На крајот, од своја кожа не се може надвор, па сеедно дали кожата ти е поопуштена или помлада. Од таа кожа нема бегање. Сè си носиме внатре во себе, а човек не може да избега од тоа што го има внатре од мисли, стравови... Јас страв од стареење немам, затоа што сум ослободена од многу работи што порано сум си ги ставала како пречка, како предизвик.

Секоја фаза ми е во стилот дека наредната ќе биде полоша, па дај да ја изуживам оваа - се шегувам, но навистина немам проблем со прифаќање на физичките промени, колку што со климаксот имам проблеми од друг тип. Секое доба си носи свои убавини. Без шминка сум многу одамна, дури и ми се случило кога имав многу кратка коса да ми се обратат со „дечко". Но, никогаш не сум имала проблем со тоа. Мислам дека ова што го правите е битно за секоја жена, девојка, дете што допрва ќе се развива, да биде растеретено од оние норми и начела кои самите си ги наметнуваме и ни создаваат тежина понатаму.

 

Мерсиха Шукри, харфистка, 44 години

Стареењето е привилегија

Во последно време се дава поголем акцент на природниот изглед и бидејќи зборуваме пред се' за жената, таа станува свесна за своите квалитети за тоа што го носи во себе и за природната убавина која може да ја истакне и без шминка. Во еден период сме кога сме врзани и живееме со вирус околу нас и тоа многу не' измести од многу нешта, од нормалниот тек на живеењето. Носевме маски и сигурно имало и жени кои се шминкале и под маска, но повеќето од нас не носеа шминка. Маската прекриваше и дел од нашето лице и нашата убавина. Сепак, очите, устата, носот, формата на нашиот лик е природната убавина, со шминка само се интензивира.

Јас стареењето го доживувам како привилегија. Да старееш, да стасаш до некои години, со брчки на лицето, со лузни по кожата, со сите трауми што ги носи животот и пред сèстареењето, е привилегија. Сите брчки се од некоја емоција и оставиле некоја трага. Емоции кои што се врзани за некој дел од животот кои сме ги споделувале. Стареењето го прифаќам нормално, спрема годините, и кожата старее, ќе се појават и брчки повеќе и косата ќе белее. Но, треба да се радуваме и да ги прифаќаме нештата.

Она што ми е битно е да вложуваме во убавината внатре во нас. Да го негуваме детето во нас. Иако имам 44 години и почнувам да ги чувствувам тие знаци на стареење, го негувам детето во себе и тоа ми е најважно. Најважна ми е комуникацијата и хуморот да биде застапен, затоа што кога тоа ќе го имате одвнатре, тоа ќе се прикаже и на вашиот лик. Тука се прави баланс и луѓето не можат да препознаат дека имате години колку што имате.

Слободата е убава, но е една голема одговорност. Да имаш слобода да искажеш нешто што чувствуваш, од една страна е привилегија, но од друга треба да знаете како да го искажете. Да имате слобода да го кажете тоа што го мислите, притоа да не повредите никого одоколу, со почит кон спротивното мислење.
Убавината пак, зборува преку насмевката. Тоа е единствениот јазик. И преку очите. Убавината зборува од душата, срцето, искреноста, она што го имате и го негувате внатре. Ние сме како градина, што ќе негуваме внатре зависи од нас, како и начинот на кој што ќе го прикажеме.

 

Мијата, музичар, 40 години

Кога човек премногу време посветува на надворешноста, нема време да ја развие есенцијата внатре во себе

Природниот изглед, што е во некоја ренесансна ситуација, е само рака под рака со будењето на феминистичките движења. Тоа што многу долго време женскиот род беше субординатен на машкиот, вроди со будење. Жената покажа дека може да биде засебна единка и да не зависи од некого.

Лично, никогаш не сум била роб на состојбата: „не смеам да излезам без шминка". Не сум соживеана со улогата „естрадна личност Мијата" 24 часа, па тоа да ми го одредува секојдневието. Тоа е мое алтер персоналити. Дневниот распоред ми е премногу динамичен, за да можам постојано да го менувам изгледот. Многу сум среќна што и на работното место немам посебен кодекс на дотерување.

Кога сакав да се занимавам со музика, со сестра ми, која што е актерка и на која телото ѝ е алатка за работа, имавме дебата. Таа ми велеше: „Нема шанса да си пејачка, а дебела. Не е ова Америка". Јас ѝ велев дека не е во право. А навистина, во Америка се други вредности, таму бев сензација бидејќи сум ваква каква што сум. Овде не смеев до продавница да излезам без да го покријам задникот, сум се соочувала во продавница да нема број за мене, па не ти е најпријатно чувството, мораше сè да биде во некој македонски калап, но таа Америка многу ми помогна да си ги раширам крилјата.

Како дете со Хашимото, уште во тинејџерските години бев најкрупна, но тоа не ме спречуваше уште тогаш да имам став. Рано сфатив дека телото не може да се скроти и да прати стандарди кои општеството ги очекува, бев приморана да работам на внатрешниот аспект. Себеси се сметам за реализирана личност и токму тој внатрешен аспект што сум го создала кој може да се рефлектира преку самодоверба, ауристичност, среќа, доверба..., е исклучително важен. Сметам дека кога човек премногу време посветува на надворешноста, нема време да ја развие есенцијата внатре во себе. Гардеробата и шминката треба да се рефлекција на некое наше внатрешно чувство. Не мора да сме робови. На денешниве генерации им е многу постресно, отколку во времето кога јас бев тинејџерка.

Како луѓе, иницијалниот контакт што го имаме е во првите пет минути. Но, што потоа? Џабе толку труд за првите 5 минути кога вторите нема да ги бива воопшто, ако не поработиш на тоа да бидеш вдахновен, да читаш, да патуваш, ако не работиш на вокабулар, внатрешна есенција, духовност...

 

Со нивните пораки и пример ја заокружуваме оваа тема, со надеж дека сме успеале макар малку да повлијаеме на поинаков начин.

Објавено:
3 август 2021
object(stdClass)#447 (8) { ["nid"]=> string(5) "27087" ["ga_count"]=> string(4) "3065" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688767200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688767200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
3.065 пати