Деновиве се дружевме со еден супер професионален, енергичен и ентузијастички тим на новата македонска стартап компанија Qpick. Се запознавме со сите нивни актуелни проекти, а беа доволно љубезни да ни најават и што подготвуваат во иднина. Она што е во нивниот фокус периодов, е новата дигитална апликација преку која заштедувате време од пребарување низ гужвата на интернет и ве поштедува од принтани флаери и досадни меилови со милиони промоции. Од друга страна пак, бенефитот од оваа апликација за бизнисите е тоа што се крати процесот на печатење за нивните промоции и им овозможува нивните флаери да ги достават до телефоните на потрошувачите со помош на GPS технологија. За сите детали дознавате од интервјуто во продолжение:
Дигиталните платформи се иднината на шопингот. Во тој контекст, каков е концептот на Qpick и всушност за каква онлајн платформа се работи?
Qpick е компанија која има за цел да ги поврзе потрошувачите и продавачите користејќи ги најновите технологии и иновации.
Со јасна цел и мисија нашата компанија се вклучува во креирање на големата слика за модерните потрошувачи, преку креирање на дигитални алатки со кои ќе го подобриме искуството на потрошувачите, а воедно и на бизнисите ќе им овозможиме лесно и ефикасно да ги остварат целите.
Кој стои зад идејата за Qpick?
Идејата допатува од Сан Франциско, каде што нашиот CEO, Зоран Настески имаше чест да биде дел од Global Entrepreneurship Summit 2016 и да се запознае со неколку претприемачи и професори од Стенфорд каде што и беше првично презентирана идејата за компанија која ќе работи на подобрување на бизнис процесите за онлајн продажба и маркетинг, а воедно со голем фокус на подобрување на шопинг искуството на потрошувачите преку технологија.
Идејата беше претставена и пред проф. Гал Џосефберг од Стенфорд и Патрик Колисон од Страјп, каде што фидбекот за потребата од ваква апликација беше одличен.
Од Сан Франциско и во текот на изминатата година Зоран Настески и Дамјан Димитриоски под менторство на Дарко Маџоски успеаа од идеја до концепт да изградат пилот верзија и бизнис концепт што беше награден од Охридска Банка Сосиете Женерал за најдобра бизнис идеја со 10.000€.
Во меѓувреме додека се работеше на лансирање на апликацијата, иновацијата и потенцијалот на бизнисот беше препознаен и од Nestle и MOL Group од Будимпешта каде што влеговме во потенцијален круг за акселерација, пристап до пазар и менторство. Од тука па натака приказната за Qpick ќе се развива со динамика која за нас како млад стартап е прилично возбудлива, но најпрво сакаме да ги постигнеме нашите зацртани цели во Македонија.
Каков е бенефитот од Вашата онлајн платформа за потрошувачите, а каков за бизнисите?
Дали некогаш сте користеле Тиндер? Знаеме дека сте користеле, не се грижете нема да ве издадеме. Едноставно нашата апликација креира љубов помеѓу потрошувачите и продавачите.
Кога првпат ќе ја вклучите Qpick апликацијата, ја детектира вашата локација и кажувате што преферирате и базирано на вашата локација и желби ви ги покажува локалните промоции односнo како што ние ги нарекуваме флаери. Со едноставно лизгање на десно го зачувувате флаерот во вашата кошничка, со лизгање на лево го отфрлате. Дополнително апликацијата е водич до вашите омилени брендови и ве алармира кога има промоции.
Како што нашиот тим ја нарекува, симпатична алатка која ви заштедува време од пребарување низ гужвата на интернетот и ве поштедува од принтани флаери и досадни меилови со милиони промоции.
За бизнисите е многу едноставно, го кратиме процесот на печатење за нивните промоции и им овозможуваме нивните флаери да ги достават до телефоните на потрошувачите со помош на GPS технологија.
На кој принцип заинтересираните може да се регистрираат на Qpick?
Qpick e отворена апликација, бесплатна за потрошувачите и за бизнисите. Она што ние го овозможуваме е со неколку клика да го регистрирате вашиот бизнис за што добивате инструкции како да го подготвите вашиот прв дигитален флаер и како да ја регистрирате вашата компанија со точни координати.
Qpick им овозможува на сите бизниси бесплатна реклама, секој месец засекогаш. Доколку вие видите бенефит од нашата технологија ви овозможуваме и да ги зголемите вашите таргети.
Во моментов апликацијата е достапна само за Android телефони, но во скоро време лансираме и iOS апликација, а за бизнисите регистрацијата и пуштањето на промоции ќе биде многу поедноставена со помош на WEB платформа која исто така ќе биде лансирана наскоро.
Така да: Download, swipe and have fun!
Која е главната професионална цел што настојувате да ја остварите преку Qpick?
Qpick во моментов е на пазарот со продукт кој има за цел да ги олесни маркетинг процесите за бизнисите кои секојдневно се натпреваруваат помеѓу себе да постигнат поголема продажба и полесно да стигнат до потрошувачите, а во исто време се обидуваме шопингот повторно да го направиме забавен со најновите технолошки достигнувања. Но, ова не е единствена алатка која Qpick ја подготвува, како компанија која развива технологија ние имаме повеќегодишен план за развој на иновативни решенија кои ќе ги таргетираат токму овие бизнис процеси, а дел од тие технологии вклучуваат и иновации преку виртуелна реалност, интелегентни шопинг асистенти во вашиот телефон, тач излози и Augmented Reality полици.
Qpick има за цел да ја креира иднината на трговијата и дигиталниот маркетинг.
Зоран покрај тоа што Вие сте иноватор, човек што суштински ја разбира дигиталната технологија, ја основавте и компанијата Inception Enterprises – Вие истовремено сте и хуманист, основач на познатата хуманитарна организација „Млади за љубов". Колку и каде се пресретнуваат иноваторот и алтруистот Зоран?
Мојата приказна е многу шарена, а тоа мислам дека е резултат бидејќи бев дел од сите транзиции, а најбитната за мене е онаа транзиција од аналогна во дигитална технологија. Уште како дете голем дел од времето го поминував на истражување на електроника, бев фасциниран од видео игри и дигитални алатки и мојата кариера започна на 12 години како вработен во играчница каде што можев директно да учам за технологија, како функционираат компјутерите и технологијата, како се работи софтверот и како се прават видео игри.
Дигиталната технологија никогаш не престана да ме фасцинира и постојано беше дел од мојот живот, но исто така бидејќи бев дел од генерацијата на децата кои играа на улица, многу јасно можев да ги согледам и негативните страни на технологијата.
Иако дигиталната технологија и социјалните медуими имаа за цел да нè спојат, всушност многу од нас се дистанцираа едни од други и мислам дека и голем дел од влијанието да се започне „Гратис Гушкање" како движење и да се основа „Млади за Љубов", произлезе токму од овој проблем.
Во 2016-та година Вие бевте првиот делегат претприемач, претставник од Македонија што учествуваше на престижниот Глобален претприемачки самит во Сан Франциско. Какви искуства донесовте од таму?
Тоа што бев избран како делегат од Македонија, претставник на самитот во Силиконската Долина, за мене беше едно големо достигнување и показател дека сум на вистинскиот пат. Самитот беше организиран од тогашниот претседател на САД, Барак Обама и претприемачите што беа дел од истиот, за мене од секогаш претставувале мотивација.
Со дел од нив имав и шанса да се запознаам и да поразговарам накратко за тоа како јас ја градам мојата компанија, а нивните совети вредеа за сè што поминавме овие години градејќи ја и организацијата и компанијата. Меѓу попознатите претприемачи што ги запознав беа и Марк Зукерберг од Фејсбук, Дејмон Џон од Шаркс Тенк, Патрик од Страјп, Реид Хофман од Линктин и Сундар Пикаи од Гугл.
Самиот самит беше огромна мотивација за нас и после враќањето сериозно ги засукавме ракавите со Дамјан и деноноќно работевме на Qpick.
Колку Македонија ги следи светските трендови кога е во прашање онлајн шопингот?
Македонија е држава која има голем потенцијал, поготово со новите генерации на претприемачи за кои не постојат граници и постојано размислуваат како да ги подобрат работите. Начинот на кој овие нови генерации креираат е многу иновативен и во изминативе неколку години имавме можност да видиме многу иновации кои всушност излегуваат од оваа држава а не се копија на странските трендови. Ова е наш пазар и треба да го слушаме што има да ни каже. Мислам дека е битно да учиме од светските трендови поготово во шопингот и ритејлот но исто така треба да знаеме дека креацијата нема граници и секогаш можеме да направиме нешто подобро и поиновативно од тоа што веќе постои надвор. Македонија створи одлична динамика во делот на онлајн шопингот и маркетингот и е на одличен пат, спремни сме за позитивни изненадувања.