пејачка

Сакав да траам и тоа и го постигнав!

Интервју со
Маја Оџаклиевска
21 септември 2015

Маја Оџаклиевска дефинитивно е една од најуникатните пејачки што некогаш се појавиле на македонската и балканска музичка сцена, која и денеска плени со нејзиниот шармантен глас и безвременска убавина. „Многу солзи", „Шила", „Не ме допирај", беа само некои од огромните хитови со кои Маја ја освојуваше публиката низ годините, а кои и денеска младите обожуваат да ги запејат. Покрај песните, Маја секогаш остава силен печат со својата интерпретација, долгата црвена коса, впечатливите аутфити, енергијата, таа едноставно освојува и е секогш пред своето време. На наша голема чест и задоволство, имавме можност да поразговараме со Маја за тоа што денеска го исполнува нејзиното секојдневие, за модата, музиката, преработките на нејзините хитови, семејството..

-Што е она што Ве исполнува овие денови?

Уживам во своето слободно време кое, делумно, му го посветувам и на внук ми Лука. Читам, шетам, гледам филмови, иако со големо задоцнување...Во секој случај, гледам да уживам во секој ден што ќе отпочне со изгрејсонце.

-Веќе две децении немате снимено албум. Дали може да се каже дека ѝ ставивте крај на кариерата или може да очекуваме уште некој евергрин?

Јас се појавувам спорадично и умерено, за да го одржам „имиџот“, а што се однесува до нови снимки, не е невозможно да се сними уште нешто, но тоа не зависи од мене, туку од околностите. Да сакав да бидам застапена продукциски, по принципот на „штанцање“, тоа можев да го направам многу порано. Но, тоа никогаш не ми беше целта. Мојата поента беше да траам, и тоа и го постигнав. Ги одбирав песните, ги пеев со цело срце и им овозможив вистинска и искрена интерпретација на љубителите на добарата синтеза. Да работев повеќе, можеби некому ќе му паднеше на памет да каже: „Оваа жена станува здодевна“. Вака, не само што не сум здодевна, туку немав ниту едно промашување во изборот на песни и интерпретацијата.

-Која е најдобрата лекција на која ве научи животот? Постои ли нешто за што денеска посакувате да го направевте поинаку?

Ми се чини дека направив неколку патриотски грешки. Имено, отсекогаш сакав да и го дадам најдоброто на публиката од овие простори, а имав навистина многу понуди да си заминам од тука. Не сакам да зборувам за тие понуди, бидејќи многу пати досега сум кажала каде сѐ можев да отидам, а тоа подразбира дека и мојот живот ќе добиеше друг правец. Сепак, задоволна сум што немам рап песни во кариерата.

-Тешко ли е да се биде Маја Оџаклиевска? Се чувствувате ли исполнета од животот што го живеете?

Понекогаш е тешко, но тоа е жртва за која знаев од самиот почеток на мојата кариера. Ги слушав постарите колеги кои постојано ми зборуваа колку е напорно да се биде под лупата на јавноста, како е кога твојот живот е изложен пред сите, а најмалку ти го живееш онака како што сакаш. Направив компромис и ги разретчив изјавите  за лични работи. Од друга страна, во младоста, исклучително ми годеше што ме препознаваа каде и да се појавев.

-Што мислите за денешните генерации на пејачи во Македонија, па и на Балканот воопшто? Има ли некој од нив потенцијал да направи хит како некој од Вашите?

Хитовите ги прават композиторите, а помалку изведувачите. За поголемиот дел хитови што јас ги пеев за македонскиот пазар, заслужен е Григор Копров, а за останатите, Сања Илиќ и Раде Радивоевиќ. Секако, не го оспорувам значењето и на другите композитори со кои сум соработувала. Луѓето ги гледаат само изведувачите, а тоа е неправда. Она што е важно, тоа е заедничкиот јазик со композиторите и аранжерите и нивната адаптираност која мене ми пружи шанса нивните песни да ги донесам на најдобар можен начин. Што се однесува до младите надежи, морам да забележам дека начинот на пеење многу се искристализира и дека денешните пејачи се склони да ги следат трендовите на пеење, па со самото тоа и да дадат свој печат на песните што ги пејат.


-Дали ви се допаѓаат преработките на вашите големи хитови?

Некои ми се допаѓаат, а некои не ме одушевија, но и понатаму сметам дека е одлично што младите пејачи сакаат да се пробаат со некои од песните што јас ги пеев.


-Вашето обележје, кога станува збор за физичкиот изглед, дефинитивно е долгата и беспрекорна коса. Зошто Маја никогаш не го промени имиџот со косата? Може ли да ни откриете како ја негувате?

Косата мора да се негува, а тоа подразбира долго чешлање наутро и пред спиење. Понекогаш правам смеса од јајца, ад капки за коса и маслиново масло и со тоа ја негувам косата. Таа е најизложена од негативните влијанија од фарбањето и фенирањето. Се трудам тоа да го правам што е можно поретко, да не ја малтретирам својата коса. Ја кратам еднаш во три месеци и ја врзувам кога спијам. Никогаш не сакав да ја скратам косата драстично, бидејќи таа беше мојот печат, но си реков дека ќе ја скратам тогаш кога ќе престанам да се појавувам.



-Како би го опишале Вашиот стил? На сцената на Скопскиот фестивал во 1974 година се појавивте во прекрасна бела тоалета за која се зборуваше години подоцна! Како се менуваше вашиот стил низ годините?

Јас немам посебен стил на облекување и не се грижам многу околу тоа. Отсекогаш ми беше поважно сите да ме слушнат како пејам, а помалку да го гледаат мојот стајлинг. Се снаоѓав така што им давав на кројачките да ми направат нешто што ќе се вклопи со композицијата што ја пејам, во текстот што го пејам...И да имав поголеми приходи, немаше да трошам пари на гардероба. Важно е дека никогаш не бев гола (се смее).

-Дали во младоста бевте подложни на модни трансформации? Посакувате ли повеќе да експериментиравте?

Како што веќе кажав, тежнеев кон тоа да изгледам пристојно, да не провоцирам бидејќи не сакав да им го привлекувам вниманието на луѓето со костимите и затоа секогаш бев скромна во облекувањето. Освен тоа, им давав приоритети на некои значајни работи на кои сакав да ги трошам парите како на пример патувања и слично.

Фото: Pulsonline.rs

-Имате две ќерки. Колку тие беа фасцинирани од вашиот стил во детските години и колку често знаеја да пробуваат ваши парчиња?

Децата кои ги родив имаат свои сопствени стилови и ретко кога позајмуваат нешто од мојата гардероба. Едноставно, ниту ги интересира сцената, ниту ги интересира таквиот вид на облекување. Тие си водат свои животи и секогаш сакаат да бидат подалеку од случувањата што јас ги живеев на естрадата. Велам, „на естрадата“, затоа што тоа е еден стил на живот, а приватно е нешто сосема поинаку. Имено, јас не се шминкам, ниту нешто посебно се дотерувам, ако тоа не е врзано за некој настап. Кога Тања Петернек дојде кај мене да ја работиме емисијата „Да живееш како останатиот нормален свет“, таа заклучи дека јас навистина водам таков живот и дека ништо кај мене, ни на мене, не отскокнува од останатите луѓе во мојата околина.

Фото: Story.rs

-Колку ја следите македонската модна сцена? Дали во вашиот плакар има парчиња со потпис од македонски дизајнери и што мислите воопшто за модата што не окружува денеска?

Не ја следам модата, не ме интересира. На тоа ќе додадам едно сосема логично објаснување, а тоа е дека не може да се изгради сопствен стил доколку се копираат другите бидејќи некогаш имате нешто на себе од некој светски дизајнер, а не умеете тоа да го носите. Такви примери можеме многу често да видиме.

-Постои ли некој македонски/српски дизајнер од чија работа се фасцинирате и за кој може да кажете дека е ваш омилен? Со кои дизајнери досега сте имале можност да соработувате?

Не сум размислувала за тоа и сега не би можела да се сетам на некое име, само ми се провлекува едно име, а тоа е Дарко (не можам да се сетам на презимето), кој секогаш прави женствени линии на вечерни фустани.



- Кои се идните планови и проекти што може да ги очекуваме од Маја Оџаклиевска?

Мислам дека веќе зборувавме на оваа тема, но сакам да повторам дека немам ништо во план, не сум ни многу заинтересирана и сега, во пензија, ми е многу убаво, а во Македонија доаѓам само кога ме викаат на некој настап.

- Доколку животот би Ви бил песна како би се викала?

“All of me” & “My way”

Фото: Story.rs

-За крај, кој е Вашиот совет или порака за читателите на модниот портал Fashionel?

Почитувајте го сето она што другите го создаваат, бидејќи луѓето се трудат да ви угодат, но секогаш имајте еден детал што најмногу ќе ви прилега вам.

Објавено:
21 септември 2015
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "12017" ["ga_count"]=> string(4) "1511" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1687125600" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1687125600" ["fb_count"]=> string(3) "154" }
Прочитано:
1.511 пати