креативци

Сè што изработуваме може да собере во џеб

Интервју со
Pocket Gallery
14 ноември 2016

Откривањето креативци е секогаш интересен дел од нашата работа. Веќе извесно време вниманието на Инстаграм ни го привлече профилот на Pocket Gallery, па одлучивме да дознаеме кој се крие зад оваа креативна работилница со симпатично име.

Наидовме на двајца млади и позитивни, Виктор и Моника, кои беа расположени да ни откријат нешто повеќе за она што го работат и за нивната приказна. Работат во Скопје, а сè што ви се допаѓа можете да го порачате преку социјалните мрежи. Ни открија дека наскоро ќе бидат уште подостапни, а деталите следат во интервјуто.

Во продолжение запознајте се луѓето кои како велат, создаваат „ситни" нешта, но со голема креативност:

Моника Стојановска и Виктор Танасковски; фото: Марија Грујовска

 

Кои се Виктор и Моника?
-Виктор и Моника се неразделни партнери во сè. Луѓе што имале среќа да го делат истото време и простор, да се запознаат и да си најдат дел од себе кај другиот. Пред сè, пријатели што делат слични и различни интереси, а имаат иста суштина.

Како се создаде „Pocket Gallery“?
-„Pocket Gallery постоеше отекогаш, но само помеѓу нас двајца, и немаше име. Уметноста, дизајнот, и воопшто – естетиката, се нешта што од првиот ден нè поврзувале. Секогаш сме креирале и твореле во различни форми, а дојде и тој ден кога решивме да ја споделиме нашата страст за рачната изработка со останатите. Идеите од ден на ден се множеа, стилот се градеше (и сè уште се гради) природно, материјалите и начинот на работа не остануваат константни, туку постојано се менуваат, се’ со цел да се дојде до еден ваков резултат, мала и симпатична работилница, која има огромна почит кон рачно изработеното, кон креативноста и кон споделувањето на идеите со останатите.



Од што сè се состои вашиот асортиман?
-Најпрво почнавме со сликање на илустрации врз платна со минијатурни димензии (оттука може да одгатнете од каде дошло името на работилницата), потоа вметнавме нови материјали, како дрвото од коешто изработуваме подметачи за чаши, магнети за фрижидер, украси за домот; изработуваме и честитки, колажи, а сега имаме и обетки, прстени и беџови во наш дух. Во моментот изработуваме макети. 


Од што ги изработувате?
-Секогаш гледаме да експериментираме со материјалите и постојано да вклучуваме нови. Доколку на почетокот сме користеле дрво, глина за моделирање, хартија, темперни, сега користиме и полимерна глина, смола, акрилни бои. Сето она што можеме да го снабдиме од тука како материјал  и што може да си го дозволиме, со задоволство го употребуваме во работата.

Што сè може да собере во џеб?
-Сега за сега, најверојатно се’ што изработуваме, освен, можеби колажите што ги правиме и урамуваме по нарачка и макетите што сè уште не се објавени. И двајцата нè фасцинираат минијатурни предмети и секогаш ни претставуваат голем предизвик.

Како доаѓате на идеја што следно да направите?
-Постојано внимаваме и следиме што се изработува во светот, новите креативни решенија што ги нудат ракотворците, следиме безброј блогови, интернет страни, списанија од областа на уметноста, посетуваме изложби, гледаме квалитетни филмови, слушаме музика, читаме, се дружиме со инспиративни луѓе. Сето тоа ја раѓа новата идеја, без никакво форсирање, по природен пат.


Покомплицирано ли е да се изработат помали предмети или сложеноста на изработката не зависи од големината на тоа што се изработува?
-Како што рековме, нам навистина од секогаш нè предизвикувале ситните предмети. Без сомнение, за нивна изработка потребно е да се вложи концентрација, трпение, прецизност, сталоженост, што воопшто не е едноставно, но резултатот е секогаш толку задоволувачки што прави да заборавиш колку време и истрајност биле потребни за истото. Секако, ниеден предмет не е едноставен за изработка,колку и некогаш да изгледа така, без разлика на големината на предметот, она што се вложува во целиот процес не е малку. Само оние што безрезервно го почитуваат трудот на изработувачот и што се вистински вљубени во рачната изработка, можат тоа да го проценат, или, ако ништо друго, да го претпостават.



Задоволни ли сте од досегашниот фидбек на Македонците?
-Одговорот на ова прашање секогаш варира. Барем во нашиот случај, се работи за периоди. Некогаш има голема заинтересираност, некогаш просечна, а има периоди кога воопшто и нема. Тоа често знае да влијае врз мотивацијата, а и инспирацијата.
Сепак, земајќи ја предвид пошироката слика, мора да се истакне дека несомнено има група на луѓе во Македонија што на секој базар, на секоја изложба, за секоја објава, се искрено заинтересирани за изработките од многуте работилници и занаетчии што ги има во оваа држава. Тие се секогаш присутни, љубопитни, и многу важни, бидејќи нивната поддршка е од суштинско значење за оваа работа.

Патуваат ли вашите производи во странство?
-Сега за сега не, бидејќи не сме продавале на странски сајтови. Но, во скоро време ќе се лансира македонски сајт со светски квалитет, од којшто, со големо задоволство, ќе бидеме дел и ние. Македонските ракотворци преку него ќе имаат шанси да се пробијат на странскиот пазар. Ова до сега го немало во Македонија.

Каде се гледате за 10-тина години?
-Не размислуваме на толку долгорочни планови. На крајот, годините и времето се лага и граница. Среќни сме во секој нов ден и се обидуваме да го разубавиме сето она што нè опкружува. Тоа е, можеби, единствената наша цел - да оставиме нешто зад нас, нешто што ќе разубави нечие секојдневие; да креираме; да создаваме; нашата дарба да ја претвориме во дар за некој, само така дарбата има значење.

Ваш предлог подарок за претстојната празнична сезона...
-Наш предлог е да се дејстува локално, да се поддржат македонските креативци што се во голем број, а благодарение на интернетот и останатите медиуми се и сè подостапни. Да се вреднуваат идеите, да се стави креативниот индивидуалец пред гладните корпорации, и на тој начин да бидат среќни сите страни: И оној што подарува, и оној што создава, и оној што добива. Секако, наш предлог за подарок е и нешто што може да се изработи дома, со скромни материјали и вештини, но со голема желба и мотивација. Секој подарок во којшто вметнувате дел од себе, останува засекогаш. 

Објавено:
14 ноември 2016
object(stdClass)#541 (8) { ["nid"]=> string(5) "15141" ["ga_count"]=> string(3) "803" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1688594400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1688594400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
803 пати