Во период кога времето надвор е ужасно сиво, потребни нѝ се некои вести што ќе нѝ го разубават секојдневието и барем за момент ќе нè оттргнат од лошите мисли. Такво нешто се случи минатата недела кога светот дозна за Ристе и огромната љубов што им ја пружа на жирафите во скопската зоолошка градина. За приказната да биде уште поубава, тој за жирафите се грижи заедно со неговата сестра Маја, а љубовта кон животните ја наследиле од нивниот татко кој целиот работен век го поминал како негувател во Зоолошката градина. Ние имавме чест да се дружиме со нив и нивните големи миленичиња, а како што претпоставувате, бевме воодушевени од таа љубов што се случува таму. Флопи, Каспер и Тебого нè дочекаа со кружење во нивните живеалишта, а дури ги подадоа и главите за подобро да нè видат и да нè запознаат. Ристе и Маја уживаат во нивното секојдневие, а ќе кажат дека токму овие грациозни и прекрасни животни секојдневно ги полнат со позитивна енергија како никој друг. Во заедничкото интервју за Fashionel, тие говорат за навиките на Флопи, Каспер и Тебого, како е да се работи со нив, а предупредуваат и од сериозните работи што може да се случат ако продолжите да ги храните животните кога одите во Зоолошка.
Каспер и Тебого – многу се приврзани за нас, знаат кој ги чува, многу се послушни.
-Свесни ли сте за популарноста што ја доживеавте Вие и жирафите изминативе денови?
Ристе: Сè беше сосема случајно, не очекував дека ќе станеме толку популарни (се смее). Беше сосема обичен викенд, дојде мојот пријател Горан со семејството и почна да ги фотографира животните. Во еден момент, дојде кај нас, ме замоли да направиме неколку фотографии на што јас се согласив и сосема случајно излегоа сите тие фотографии.
-Од кога се грижите за жирафите, како успеавте да воспоставите ваква прекрасна врска со нив?
Ристе: Јас се грижам откако се дојдени во Зоолошката градина. Прво дојдоа Каспер и Тебого, па после една недела дојде и Флопи. Нашата приказна, мојата и на сестра ми со која се грижиме за жирафите е всушност семејна. Нашиот татко долги години работеше во Зоолошката градина, па ние некако го наследивме. Тој беше тука 38 години, јас сум речиси 17, а последниве години и сестра ми работи со мене. Жирафите се многу интересни за чување, толку се навикнати на нас што одлично функционираме.
Маја: Тоа е една неверојатна меѓусебна љубов, тие се многу мили животни. Кога го донесоа Каспер, тој беше многу мал, а сега можете да видите дека е израснат во вистински убавец. Денеска речиси сите се израснати до пет ипол метри.
Ристе: Каспер е најмирен, најмногу сака да се гали, да нѝ јаде од раце, а многу сака и да го галиш за косата (се смее). Во последно време, и Тебого почна да се приврзува со нас, иако порано беше доста плашлив. Флопи е најелегантен, боите сега му се потемни, прекрасни, особено на сонце.
-Поминавте ли некоја обука пред овој предизвик?
Ристе: Да, секако. Јас бев на обука во Белград, а потоа јас ја обучив Маја.
-Како Ви поминува еден ден со жирафите, кои се нивните потреби?
Маја: Работно (се смее). Прво влегуваме и секогаш ги проверуваме дали се сите добри, дали температурата е добра, како ја поминале ноќта. Веднаш им ставаме храна, ги чистиме, па ставаме сено и така тече денот, постојано имаме обврски со нив. Нив сè ги интересира, нема шанси нешто да помине незабележано кај нив, така што постојано имаме забава, сакаат да се дружат меѓусебно и секогаш добро поминува денот.
-Колку тие имаат слични карактеристики со луѓето?
Маја: Ние како возрасни многу сме далеку, тие можеби повеќе потсетуваат на тинејџери, на деца. Многу сакаат внимание, љубов, сакаат постојано да им збориш. Кога им збориш буквално те слушаат. Ги разбираат сите наши команди. Веднаш кога ќе ги викнеме, сами доаѓаат, само што ќе нѝ го слушнат гласот. Многу се послушни.
Ристе: Секогаш зависи како негувателот ќе се постави кон нив, ако си добар кон нив и тие ќе возвратат исто.
-Со оглед на тоа дека жирафите се една од најголемите атракции во Зоолошката, како на нив реагираат посетителите и обратно? Како всушност посетителите треба да се однесуваат со нив?
Ристе: Сега, во овој период, посетителите немаат многу допир со нив. Во договор со нашиот стручен тим, направивме ограда за да не можат посетителите да дојдат до нив затоа што има и деца, сепак, може да се случи да повредат некого. Флопи е најблиску до патеката, но и тој секогаш бега каде што му е помирно. Нема шанси да дојде за некој да го погали.
Маја: Тие се доста плашливи, се случило еден гулаб да прелета и да се исплашат. Кога се вознемирени и исплашени од нешто, тие секогаш трчаат, така знаеме дека нешто се случува.
-Ве исполнува ли оваа работа?
Маја: Да, мене многу. Јас уживам секој ден. Се подмладив тука (се смее). Животните возвраќаат со некоја неверојатна позитивна енергија, само да ги погледнеш, веднаш забораваш на сè. Најинтересното е што Зоолошката те смирува. Животните ти ја црпат сета негативна енергија и навистина сме среќни тука. Кога влегуваме на работа, се исклучуваш од сите надворешни проблеми. Уште како мали, ние постојано доаѓавме тука со татко ми, седевме од сабајле до вечер. На времето татко ми ја чуваше слоницата Анка која ние ја обожававме и постојано бевме кај неа. Во Зоолошката отсекогаш сме имале прекрасни моменти, а така е и денеска. Тука постојано се случуваат убави и позитивни работи. Постојано имаме принови, размножуваме животни и со тоа можеме да се пофалиме и на светско ниво. По тоа се гледа дека животните се негувани и чувани, а сите други коментари се излишни. Нас лично како работници, кои знаеме колку сме посветени на животните, не иритираат таквите коментари. Особено нè иритира хранењето на животните за кое многу пати сме алармирале. Ако ви е мерак, ние ќе ви дадеме храна, па тогаш можете да ги нахраните. На пример, колку да знаете, жирафите не јадат крупна храна, туку само дробена и може да се случи да се задават ако им дадете нешто крупно. Ако им дадете цело јаболко, тие веднаш можат да се задушат. Луѓето треба да сфатат дека имаме огромна количина на храна, имаме залихи и животните секогаш се сити.
Ристе: Се сеќавам, кога се породи тигрицата, татко ми и јас бевме на смена. По моја заслуга, тигрите сè уште се тука, јас се грижев долго време за нив. Тогаш, прв пат во Македонија се случи да добиеме принова од сибирски тигар, така што таа случка долго ќе ни остане во паметење. Постојано слушаме негативни коментари за Зоолошката, но никој посетител не може да добие мислење за она што се случува тука од само еден час прошетка. Се знае кој е тука секојдневно и како навистина оди работата. Исто така, посетителите постојано фрлаат храна, особено зелка, а таа е најштетното нешто. Ако некој сака, ние никогаш не сме забраниле да видат со што ги храниме, да дојдат да погледнат, но не и сами да ги хранат.
За ова накратко поразговаравме и со портпаролот на Зоолошката градина Скопје, Тина Мицковска која изјави дека е можно наскоро да бидат пропишани и соодветни казни за сите оние кои ќе ги хранат и несоодветно ќе се однесуваат со животните. На прашањето кои се новитетите што можеме да ги очекуваме од нив, таа вели:
-Што се однесува до новитети, во моментов го подготвуваме живеалиштето на пингвините и фламингата. Тоа ќе биде еден вид на лагуна и ќе биде навистина интересно, нешто досега невидено. Се надевам дека посетителите тогаш ќе бидат посовесни затоа што фламингата се многу чувствителни животни и ние ќе се трудиме на секој начин да ги заштитиме. За прв пат Зоолошката градина ќе добие пингвини и фламинга, а за кратко ќе дојде и Коко со пријателите од рехабилитација. Тој таму се здружил со други шимпанза кои за жал биле дел од разни експерименти, но сега сите се во ред и доаѓаат кај нас да живеат заедно. Им направивме огромен дом по светски стандарди, така што за сега тие се новитетите.