Писателка и сценарист

Со моите приказни се трудам да будам емпатија и емоции кај децата

Интервју со
Билјана С. Црвенковска
28 јануари 2019

Да се остане дете и да се доживува светот низ љубопитните детски очи и богатата детска фантазија, е прашање на избор. Нашата етаблирана писателка и сценарист Билјана С. Црвенковска е децидна во својот избор: не сакам да пораснам затоа што тоа е ужасно ограничувачки, особено за луѓе кои треба да фантазираат и да сонуваат.

Да сонува во милион бои и тој колорит да им го пренесе на децата, па да ги збогати нивните мечти во една бесконечна детска игра – тоа е блaгородноста на нејзината професија. Успешна е како автор кој фокусот го ставил на литературата за деца, можеби затоа што и самата е вечно дете?

Билјана ги работи сценаријата и приказните за проектот на Факултети.мк и Деца.мк "Светот на Биби", од неодамна е дел од сценаристичкиот тим на "5+", една е од двајцата сценаристи на новата детска играна серија "Зоки Поки", која ќе се снима годинава.

Се занимава и со едукација, односно држи курсеви и работилници за деца по креативно пишување, цртање, креација и имагинација...

Најпознати нејзини романи за деца се: "Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња", која е преведена и во Србија под наслов "Шест чаробних колачића"; "Што сонуваше Дедо Мраз"; "ТКЦП: Канџа во мракот"; "ТКЦП: Замокот на илјада мачки". А најпознати сликовници: "Светот на Биби"; "Облачињата кои не сакаа да плачат"...

Имавме мал милион убави поводи да разговараме со една од омилените современи, домашни писателки за деца...

-Од каде побудата да почнете да пишувате книги за деца? Од што се инспирирате?

Инспирацијата ја пронаоѓам длабоко во себе: во светот на фантазијата во кој постојано престојувам уште од најрана возраст; во своето детство – кое беше прекрасно; во книгите, сериите и филмовите кои ги гледам, а најчесто се од жанрот фантастика, бидејќи тоа е мој омилен жанр... и секако во фактот дека никогаш не пораснав и останувам вечно дете.

-Отсекогаш ли знаевте дека сакате да бидете писателка?

Отсекогаш звучи многу страшно. Не, верувам дека во различни периоди од животот сакав да бидам нешто различно, на пример астронаут(ка), балерина, волшебничка и амазонка. :) Подоцна, сакав да бидам режисерка, но не ми успеа. А работев многу работи што не се врзуваа со тоа што сакам да бидам, на пример никогаш не сонував да работам во маркетинг агенции, но половина живот го поминав таму. Но, она што е важно е дека отсекогаш пишував. Првата збирка поезија ја напишав уште во основно училиште и сè уште ја чувам некаде. И без разлика што пишував и дали тоа беа реклами, новинарски текстови, песни, раскази или цели книги, во ниеден момент не престанав да пишувам.

-Зошто велите дека никогаш нема да пораснете? Ве плаши ли нешто во светот за возрасните?

Имам два одговори на ова прашање: прво, не сакам да пораснам затоа што тоа е ужасно ограничувачки, особено за луѓе кои треба да фантазираат и да сонуваат. Децата се многу покреативни, повеќе фантазираат и ги немаат бариерите кои возрасните насила си ги наметнуваат, бариерите со "мора", "треба", "не смее", "вака е правилно" и сл. Возрасните грешат во многу нешта, а првото и најстрашното е што решиле да станат "возрасни". :)

Вториот одговор произлегува од првиот и се надоврзува на прашањето. Да, апсолутно многу работи ме плашат во светот на возрасните: нашата огромна алчност, ненаситност, потребата за стекнување на прекумерни материјални нешта, која доведува до ужасни консеквенции за нашите деца, нашата иднина и опстанокот на планетата и човечкиот род.

-Пишувате за суперхерои, но кои се реалните херои од Вашиот живот?

Реални херои за мене се децата кои, во овие неубави времиња на погрешни вредности, успеваат да израснат во "саглам" млади луѓе. Во денешно време, тоа е најтешко да се постигне и затоа тие се моите херои.

-Очекувавте ли „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња" да биде еден од најпродаваните наслови во Белград?

Не. Искрено, не очекував ништо за таа книга, ниту дека ќе се преведе, ниту дека ќе биде толку успешна – и кај нас, и сега во Србија. Најинтересно од сè е што кога ја напишав, воопшто не бев задоволна со крајниот резултат. Ја оставив да стои цела година необјавена, затоа што не ми се допаѓаше. Потоа ја прочитав уште еднаш, нешто коригирав, па дури тогаш се согласив со себе дека може да се објави. Во целиот процес на мое созревање како автор, јас сум си својот најголем критичар. И си поставувам превисоки цели, на пример дека сакам да пишувам како Нил Гејман и сè друго помалку од тоа не е доволно. :)

-Ако морате да понесете со себе само една книга на пуст остров, која би била таа?

На вакво трик-прашање, ќе дадам трик-одговор: ќе земам таблет, затоа што во него ги собира сите книги на светот. :) Иако сум писателка, не сум од оние непопустливи романтици кои тврдат дека нема ништо подобро од книга во рака и дека мирисот на хартијата е незаменлив. Да, сакам стрип во рака, но книга, доколку нема илустрации, преферирам на таблет. Последниве години читам претежно на таблет и немам никаков проблем, напротив – полесно ми е за читање, особено навечер. Покрај тоа што ми е полесно читањето, не собира прашина. :) Затоа – таблет!

-Секоја од Вашите книги досега била хит кај децата. Како успевате секогаш да им го задржите вниманието?

Имам неколку тајни формули, кои ако ги откријам нема да бидат тајни :). Но, накратко, гледам секогаш приказните во моите книги да бидат возбудливи, волшебни и привлечни за децата, а пак да пренесат некоја подлабока порака. Исто така, се трудам она што го пишувам да буди и емпатија кај децата, да развива повеќе емоции, а не само да биде смешно и забавно. И, последно и најважно, се трудам да има некаква интеракција на приказната со детето, да не биде само обично читање, туку детето да мора нешто да направи и да открие.

Секако, во целиот процес на креирање на книгите за деца, клучна е соработката што ја имам со илустраторите на моите книги. Без нив и без нивните фантастични илустрации, книгата е половична. Клучно е какви се илустрациите, затоа што инаку, без добра илустрација, детето нема ни да ја погледне книгата, па каков сака нека е текстот во неа. Затоа, најголема благодарност до Здравко Гиров, Катерина Николовска, Ана Петрова, Тхе Мичо, Марта Поп Антоска Башевска – илустраторите кои им имаат дадено живот на моите приказни.

-Мислите ли дека нешто им недостасува на денешните деца во однос на детството што сте го имале Вие?

Да, има доста работи кај што сум била во предност, особено поминувањето време надвор (многу, многу време надвор), качувањето на дрвја, играњето од утро до вечер по улиците и дворовите... Но, од друга страна, денешните деца се технолошки многу понапредни од нас. Не сум од оние кои се плашат од технологијата, но верувам дека прекумерното користење на компјутерите, таблетите и мобилните телефони е штетно за здравјето на сите нас, а особено на децата. Би барала златна средина, умерена и контролирана употреба на телефоните и компјутерите, а повеќе време во природа.

-Каква публика се децата?

Децата се најстрогата публика и ова е жива вистина. Тие се деца и се искрени и нема никогаш да ти кажат дека нешто е добро, ако не е. Напротив, ако не им се допаѓа, нема шанси да "поминеш". Токму затоа сметам и дека пишувањето за деца е најтешко, особено што пишувањето за деца секогаш мора да биде и за возрасни. Мора книгата да е привлечна и за нив, и да ја има онаа слоевитост во која возрасните ќе препознаат пораки кои се само за нив. Во најдобрите книги за деца, има уште една цела приказна само за возрасните – и таа се чита меѓу редови.

-Што е она што го сметате за Ваше најголемо достигнување?

Ова е многу тешко прашање, но мислам дека одговорот е следен: тоа што успевам да го работам она што го сакам и да го работам релативно солидно. Ако, пак, мислите на некое конкретно "дело", во моментов сум највозбудена што со илустраторката Ана Петрова успеавме да направиме стрип ("Девојчето кое танцуваше со пролетта")! Отсекогаш сакав да имам свој стрип и сега конечно имам! :) Јеееј!

-Каква приказна подготвувате следно?

Периодов сум претежно фокусирана на пишување сценарија, работа што ме исполнува целосно, па пишувањето книги е малку во втор план. Сепак, имам некои книги кои се во некаква фаза на пишување или привршување и ќе излезат во текот на годината: продолженијата на серијалот ТКЦП (веќе има две, а ќе бидат вкупно 6 книгички за деца), продолжението на "Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња", една нова книга за деца која е различна од сè друго што сум напишала досега (нема да откривам повеќе), како и мојот прв роман за возрасни – ова последново ми е особено значајно, затоа што е мој прв посериозен чекор на полето на книжевноста.

Локација: Бар „Woodstock“, Скопје

Објавено:
28 јануари 2019
object(stdClass)#447 (8) { ["nid"]=> string(5) "20872" ["ga_count"]=> string(3) "813" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689804000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689804000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
813 пати