уметница

Создавам уметност за луѓе кои сакаат да бидат приметени, различни и препознатливи

Интервју со
Марта Поп Антоска
13 октомври 2017

Фасцинантно е како уметниците умеат да им дадат функција и карактер на нештата. Па дури и од нешто неприметливо или навидум обично парче материјал, да изградат цела приказна која има свој идентитет.

Марта Поп Антоска е академски уметник кој својата креативна мисла ја визуелизира преку стакло. Нејзините дела се имагинативни, игриви, колоритни и просто ве воодушевува нејзината иновативност која на стаклото му дава живост и конкретна примена.

Марта прва асоцијација за Вашиот идентитет како уметник е создавање уметност од стакло. Зошто токму овој материјал го препознавте како предизвик?

Сосема спонтано, воопшто не се сеќавам каде сум го видела овој процес на изработка, знам само дека отсекогаш ме фасцинирале јаки колоритни бои на витражи.

Сакам да сонувам, сонувам во боја, моите дела се многу шарени, ведри, полни со многу љубов, среќа и енергија, останатото е едноставно и лесно, целата моја визија се обидувам да ја вградам во нешто опипливо и достапно за сите.

Што сѐ може да се создаде од стакло?

Фузијата на стакло е многу слична техника со витраж, работам ентериери, преградни ѕидови, врати, прозорци, маси, светилки... Ова стакло може да се вгради буквално секаде, но за мене декоративните и употребни предмети се поголем предизвик. Имам уште многу да истражувам затоа што имам илијадници идеи.

А какви уметнички дела од стакло креирате Вие?

Моментално најактуелни се мијалниците кои создадоа вистински бум на нашиов простор... Сега пробувам да создадам стаклени скулптури кои исто така би биле нешто ново кај нас. Новата колекција на накит е многу специфична и различна од претходните. Повеќе не ме задоволува содзавање на мал накит, сега изработувам многу гламурозни и големи парчиња кои имаат свој карактер.

Какви техники користите при изработката на Вашите уметнички дела?

Фузијата ја изработувам од високо квалитетно италијанско стакло и сите пропратни елементи се единствено компатибилни едни со други. Кога работам со сребро користам специфична сребрена 0,35 дебела жица која во комбинација со стаклото изгледа совршено.

Со какви други материјали работите, освен со стакло?

Стаклото го работам 10 години, имам завршено академија за ликовни уметности, графичар сум, сликам масло на платно, изработувам филигран кој е специфичен и мноу поразличен од традиционалниот, изработувам мозаици, а понекогаш и дизајнирам.

Имате ли позитивен фидбек од љубителите на уникатниот дизајн кај нас? Знаат ли луѓето да ја препознаат вредноста на Вашите уникати?

Морам за признам дека огромно задоволство ми причинува тоа што мојата уметност можам да ја споделам со еден огромен број љубители на уметноста, специфични по својот карактер, горди и храбри за да го носат мојот накит или да поседуваат дел од она што го создавам за нивните домови. Тоа се личности кои знаат да ја ценат вистинската вредност на рачно изработените дела, воедно сакаат да бидат приметени, да бидат различни и препознатливи. Всушност, тие се имагинативни, весели и ведри, исто како што се и моите дела.

Тешко ли е да се пронајде инспирација за творештво во денешно време?

Мене никогаш не ми било тешко, едноставно инспирацијата била секогаш тука некаде пристуна, околу мене во деталите на несекојдневните предмети, музиката, луѓето... Останатото го работам по инстикт. Кога и да се потпрев на разумот, грешев. Инстиктот е тоа што ме води!

Имаме ли платформи во нашата земја што го помагаат пласирањето на Вашиот производ на пазарот?

Јас имам свое студио и претежно работам таму, ретко учествувам по базари и саеми.

Какви се Вашите професионални амбиции за во иднина?

Би сакала да направам една голема изложба со стакло, тоа одамна го посакувам и се надевам следната година ќе се оствари.

Објавено:
13 октомври 2017
object(stdClass)#453 (8) { ["nid"]=> string(5) "17715" ["ga_count"]=> string(4) "3116" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690927200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
3.116 пати