Стилските девојки во македонските бендови: Уникатни и единствени примероци!

Интервју со •
24 март 2014

Ова е машки свет, но тој не би бил ништо без жена или девојка...

Овие три девојки се сосема различни, но ги спојува едно - огромната љубов кон музиката и модата. Во „машкиот свет“, тие се издвојуваат со нивните супер и уникатни комбинации на секој настап каде и да се појават. Леа, (која е дел од екипата на повеќе бендови, а во моментов најактуелна со „Емили“ и Бета Хаус и „Да дишеме слободно“ и The Hounds), заедно со Ана од Пеперминт и Ирена од Памперс, само за читателите на Fashionel ги откриваат стилските тајни за тоа како да се „преживее“ и да се биде девојка со стил покрај толку мажи. Со неверојатен шарм тие раскажуваат за нивните стилски икони, за тоа која е најфраерската комбинација за на сцена, но и за тоа како музиката влијае врз нивниот стил и расположение.

Уживајте и инспирирајте се за вашата следна свирка!

Опишете го вашиот стил со неколку зборови...

Ана Пеперминт: Лежерен, урбан, колоритен...

Леа: Лабаво - спортска елеганција.

Ирена Памперс: Рок, младешки, урбан, пост-панк.

Кои е вашето тајно оружје кога станува збор за стилот на сцена?

Ана Пеперминт: Немам тајно оружје, само сакам да сум своја и на сцената и зад неа.

Леа: Би сакала да верувам дека тие оружја имаат повеќе врска со изгледот, но не од аспект на облеката што ја носам, туку повеќе – како ја носам, односно севкупниот впечаток, како звучам, она што го пеам и самиот став на сцената.

Ирена Памперс: Слобода во музиката и слобода во стилот.

Имате ли стилски херои?

Ана Пеперминт: Кога бев помала сакав да гледам како се облекуваат,„колешките“ од големите светски бендови, меѓу кои беа Гвен Стефани, Пинк... но, сега веќе немам потреба од херои, едноставно си градам сопствен изглед што не сакам да го видам кај никој друг.

Леа: Секогаш - едноставноста на Џенифер Анистон и спортската елеганција на Гвен Стефани!

Ирена Памперс: Имам многу стилски херои бидејки од мала следам модни списанија и телевизии. Би ги издвоила Карл Лагерфелд, Вивиен Вествуд, Ив Сен Лоран, но има многу да се црпи и од младите луѓе со стил.

Која е вашата омилена продавница од каде често знаете да си купите по некое парче и која најдобро го отсликува вашиот стил?

Ана Пеперминт: Мислам дека нема многу продавници кај нас што го имаат она што јас сакам да го купам, но сепак една од ретките во која јас се пронаоѓам е Acid Wear Girls.

Леа: Омилени продавници во Скопје ми се Liu Jo и Fashion & Friends. Секојдневната гардероба најчесто си ја склопувам таму, како и во Zara, Massimo Dutti, а знам да наминам и до нашите Acid Wear.

Ирена Памперс: Понекогаш забележувам дека речиси сѐ што носам е Теранова, Конверс или кожени италијански обувки. Ги почитувам и светските мегабрендови и дизајнери, но нивните парчиња најчесто се по едно во моите комбинации.

Совршената, „фраерска“ комбинација за на сцена е...?

Ана Пеперминт: За настап со мојот бенд дефинитивно би била еднобојна маичка со колоритни шалвари и патики.

Леа: Според мене, изгледот за на сцена треба да биде комбинација на твојот личен стил и стилот што го диктира амбиентот на самиот настан. Секогаш се трудам да најдам едно парче, еден силен детаљ околу кој што ќе го градам целиот изглед. Многу сакам фустанчиња (особено црни) и мислам дека со нив ретко кога можеш да згрешиш, но сакам и панталони што стојат добро, сакам интересни обувки, а најмногу од сè, сакам интересни аксесоари.

Ирена Памперс: Хеланки, кусо здолниште и тесна маичка со интересна апликација, се разбира тука се и модните додатоци кои се движат од урбани до тренди.

Постои ли некој посебен дрес код за девојките од бендовите? Сметате ли дека можеби е интересно да комбинирате слични парчиња со останатите членови од бендот?

Ана Пеперминт: Мислам дека не постои посебен дрес код за девојките од бендовите и дека нема ни таква потреба. Сметам дека како што секој бенд треба да си создава своја музика, исто така треба и стилот да се одбележи со свој личен печат.

Леа: Да! Отсекогаш ми изгледало интересно кога ќе се вклопат комбинациите на членовите на бендот, но во никој случај унифомирано облекување. Да речеме, вклопени во слични тонови, или една црвена нишка – ситен заеднички елемент што кај сите ќе се појави на различен начин – сепак секој да се држи до својот личен стил. Инаку, нема некој посебен дрес код за девојките од бендовите. Тие често знаат да се изгубат помеѓу желбата да не изгледаат пренежно, а сепак да ја задржат женственоста.

Ирена Памперс: Речиси никогаш не сум слична со дечките, можеби колоритно се усогласуваме, но јас сепак сакам да сум различна.

Имате ли нешто во вашиот плакар што нема да се осмелите да го фрлите никогаш?

Ана Пеперминт: Имам неколку такви парчиња од кои мислам дека никогаш нема да можам да се одделам, а особено од накитот.

Леа: Мојот плакар и јас сме во долгогодишна неразделна љубовна врска. Многу сакам облека и таа за мене претставува уште еден начин на кој можам да се изразувам. Скоро секое парченце облека во мојот плакар го плачам со денови кога ќе ни дојде време за разделување, ама апсолутно најдраги ми се двата џемпери сплетени од мајка ми. Тие ми се неразделен дел од багажот каде и да одам и во кое годишно време и да се наоѓам.

Ирена Памперс: Имам многу парчиња со „музејска“ важност (се смее). Поминале многу спотови, концерти, фестивали, фотосесии и сето тоа ми значи многу, па имам оддел во гардеробата за парчиња што се облечени само еднаш и не се фрлаат.

Дозволени ли се експерименти во вашата професија во однос на стилот и колку се тие пожелни?

Ана Пеперминт: Секако дека се дозволени, дури и пожелни, па некои од големите светски музички имиња опстојуваат само поради тие стилски експерименти. Лејди Гага е пример за тоа колку уникатноста и ексцентричноста во стилот знаат и тоа како да продаваат.

Леа: Мислам дека живееме во време во кое на секој му е дозволено буквално секакво експериментирање во поглед на стилот. Ми изгледа како сосема да е изгубена мерката за тоа кој, што, каде и како носи и дека, во принцип луѓето сакаат да експериментираат со својот стил. Ама јас некако не сум дел од тоа – мислам дека отсекогаш го имам од прилика истиот едноставен стил што се движи во тие некои удобно-спортско-елегантни комбинации.

Ирена Памперс: Како што реков и погоре, јас сум многу слободна во комбинирањето, многу е важно човек да има развиен вкус, потоа се е лесно.

Влијае ли вашата музика на вашиот стил?

Ана Пеперминт: Мислам дека тоа некако обратно оди, стилот што е во склоп со начинот на живот, вкусовите, интересите и ставовите во однос на животот и уметноста воопшто, го одредуваат и стилот на музика што ја сакате, а потоа и создавате.

Леа: Па да, претпоставувам дека тоа е тоа што го кажав малку погоре. Двете работи ми се начин на изразување и претпоставувам дека едното секако поприма од другото.

Ирена Памперс: Се разбира. Влечам инспирација од многу места меѓу кои се и секојдневните изгледи, но според мене не смееш на сцена да изгледаш секојдневно, за мене тоа е непочитување на сцената.

Ако може да го опишете вашиот стил со една песна, која ќе биде таа?

Ана Пеперминт: Не знам, мислам дека тоа се многу песни што се запишани во мојата глава, а сега не ми излегува ниту една конкретно...

Леа: Тоа би било многу тешко, чисто дека таа песна би требала да има екстремно мирен акустичен дел, да прејде во нешто поживо и да заврши многу, многу гласно (се смее). Секако би требало да е спој од 2-3 песни!

Ирена Памперс: „Слобода“, сите револуции започнале со мисла за некаква слобода, а тоа важи и за модните револуции.

Би дозволиле ли некој стилист или модна куќа да се грижи за вашиот стил?

Ана Пеперминт: Е за ова сум многу тешка на компромис, мислам дека би дозволила само доколку ми дадат дозвола и јас да учествувам во изборот (се смее).

Леа: Да, секако би дозволила, но пред сè би требало тоа да се луѓе во чиј вкус верувам и ми се допаѓаат стилски. Освен тоа, секогаш би сакала да имам збор во она што го носам. Досега, за модни совети се имам консултирано само со мојата блиска пријателка, дизајнерката Маја Димовска. Таа е личност чиј стил отсекогаш ми се допаѓал и токму затоа и сум немала проблем да ги почитувам нејзините совети. Често се советувам и со мајка ми – таа има одличен вкус и никогаш нема да ме излаже во врска со тоа како нешто ми стои.

Ирена Памперс: Се разбира. Се работи за луѓе кои одлично ги проучиле и ги применуваат модните стилови, па имаме широко поле за комбинирање и воведување на нови и интересни работи.

Објавено:
24 март 2014
bool(false)