Тамара Милановиќ Икс Фактор: Сцената ми дозволува да бидам моден камелеон

Интервју со •
20 февруари 2014

Жирито го освои со нејзиниот тотално необичен и несекојдневен глас што го поседува. На првата аудиција ја испеа прекрасната „Don’t you remember“ на Адел и веднаш предизвика воздишки и солзи кај жирито и кај публиката. Сосема едноставна, нежна и романтична во комбинација својствена за неа, се појави и на настанот на кој беше најавен големиот концерт на учесниците од во моментов  најактуелното шоу на Балканот Икс Фактор, што ќе се случи на 14 – ти март во салата Борис Трајковски. Со неа разговаравме за стилот, за модата, за одличните комбинации што ги прави на настапите во живо, а на кои сме и самите сведоци. Таа обожува да се трансформира, обожува шминка, мода и сѐ што се врти околу неа. Розовата Кавали јакна од последниот настап во живо е нејзината омилена досега, но особено драг и е и белиот фустан што наликуваше на венчаница, а кој таа го носеше на четвртиот настап. За нејзиниот личен стил и комбинациите што ги носи во Икс Фактор, ексклузивно со моменталната балканска миленичка – Тамара Милановиќ.

Колку ти годи моменталната популарност, кои се нејзините предности и недостатоци?

Ми годи сѐ она што се случува сега, најмногу заради тоа што знам дека таа огромна моментална популарност ќе заврши со шоуто, бидејќи мислам дека нема да поднесам да живеам на овој начин и навистина не знам како им е на ѕвездите како Ријана, некогаш Бритни Спирс и Бијонсе и како тие жени воопшто спијат и живеат од блицовите и новинарите и сѐ она што ги окружува во целата таа приказна.

Како се прилагодуваш на модните трансформации во Икс Фактор?

Мене сето тоа навистина ми се допаѓа. Кога учествував во емисијата „Јас имам талент“, немав можност да го доживеам сето ова, стигнав само до полуфиналето кога побарав да носам фустан како на баба, а на крајот носев венчаница на Ивана Ребреновиќ (стилистка и модна уредничка на магазинот Стори) и сето тоа беше остварување на мојот сон. Но, ова сега, е токму она за што сонував уште од малечка и не мислам само на настапите во живо, туку и сето она што пропратно ми се случува, како подготвувањето за фото – сесии, интервјуа, настапи и сѐ останато. Неверојатно многу сакам да се трансформирам, да се шминкам, буквално сѐ околу тоа ми годи премногу.

Колку тие трансформации се блиски до твојот стил? Колку е тоа твојот личен стил од секојдневието?

Па сето тоа што го гледате на малите екрани, тоа сум јас. Особено на последниот настап во живо. Можам да кажам дека можеби на првите два настапи, комбинациите беа експерименти и не беа мој стил. Сето она што можевте да го видите по тие два настапи, беше целосно мој стил. И гламурот во петтиот настап и сета нежност во комбинациите што следеа, оние облаци на кои лебдев на четвртиот настап, комбинацијата што ја носев последниот вторник, буквално сѐ.

Како се одвива целиот тој процес на трансформирање и подготовки пред настапите во живо?

Секогаш на местото каде се одвиваат настапите доаѓаме околу пладне и тогаш почнува целиот тој процес на фризура, шминка, стилизирање со нашите стајлинзи и сѐ останато. Тие ни ги носат костимите за вечерта и тогаш почнуваат подготовките. Шминкањето ни трае околу половина час, ни ставаат слоеви и слоеви шминка (се смее). Но, сето тоа изгледа супер на крајот и ние сме многу задоволни.

Која креација/комбинација што досега ја носеше ти се допадна најмногу? Пред кој настап се погледна во огледало и се чувствуваше едноставно прекрасно?

Ах, не можам да издвојам една. Еве на пример, на последниот настап во живо носев Кавали јакна од еден музеј, јакна која што веќе не ја ни продаваат, ниту пак може да се најде. Таа беше едноставно прекрасна, супер! Последниот настап ми беше сосема комплетен, бидејќи не само што пеев, туку и глумев. Многу ми е драга и премногу ми се допаѓаше и оној фустан, полу – венчаница од четвртиот настап во живо... не можам да издвојам еден.

Колку според тебе изгледот е важен за една ѕвезда?

Мислам дека стилот е многу важна работа, но не и пресудна. Има многу примери што тоа го потврдуваат. Различните изведувачи нормално, нудат различни работи. Ако на пример, говориме за Џенифер Лопез, таа е жена која самата е шоу, иако вокално, според мое мислење, не е претерано силен вокал, но таа дава сѐ од себе на сцената. Нејзините концерти се секогаш полни. Или на пример Бијонсе, која е вонсериска, која не може да се спореди со ниту една друга ѕвезда. Повторно ќе кажам, зависи што сакате да продадете.

Која е според тебе комплетната светска ѕвезда, комбинација на супер изглед и добар глас?

Можам да кажам дека Адел ми е вистински пример, но не можам да кажам дека едноставно сакам да имам нечија кариера. Секогаш следам сегменти од кариерата на повеќе музичари што ми се допаѓаат. Би сакала да го имам талентот што Лејди Гага го има приватно, талент што таа не го продава на нејзините концерти, но жената е едноставно волшебничка за некои работи. Нејзиниот стил е резултат на нејзината енергија. Тоа не сум јас. Таа тоа го носи во себе и затоа успева да го изнесе и мене тоа ми е супер. Еве на пример Ријана, таа е шоумен, таа не е вокално силна, но постојано полни безброј и безброј арени на нејзините концерти.

Колку ти се важни коментарите од жирито во однос на твојот стил и комбинациите што ги носите на настапите во живо?

Па, тие всушност го оценуваат она што сами го одбрале на крајот на краиштата. Да речеме Емина, таа секогаш ги облекува нејзините момчиња и не може да не биде задоволна на крајот. Јас баш ги сакам нашите стилисти и некако секогаш сум задоволна.

Кои се стилистите што се грижат за вашите комбинации?

Па, за нас секогаш се грижат младата дизајнерка Марија Јелесијевиќ и нејзините помошнички.

Можеш ли да ни откриеш што ќе носиш на следниот настап во живо?

Не знам ни јас самата. Песните ги дознаваме еве на пример денеска (четврток), а што ќе носиме дознаваме дури во недела.

Објавено:
20 февруари 2014
bool(false)