Таа е еден од најмоќните женски вокали на нашата поп сцена. Петнаесетгодишната кариера ја заокружи со спектакуларен концерт, кој воедно беше и нејзин прв самостоен. Музиката е интимно поврзана со нејзиното семејство, па тоа како неизбежно да ѝ го трасираше патот во професионалниот живот, а сите ние сме сведоци на нејзиното музичко созревање зашто таа буквално растеше на сцена. Fashionel за годината што изминува, ја избра за најдобро облечена женска јавна личност зашто нејзиниот сценски настап секогаш има осмислена приказна што ја следи онаа на песната, а притоа најчесто соработува и со македонските модни дизајнери што секако е за почит.
Музика, емоции, ја менува ли бременоста, лекциите што до сега ги научи во шоу бизнисот, празници.... Имаше многу теми за разговор, во циклусот новогодишни интервјуа, со Тамара Тодевска.
Со спектакуларен, прв самостоен концерт ја заокружи 15 годишната кариера. Како ти лично го доживеа?
-Сега кога одмина малку време, вистински уживам во импресиите од концертот. Мислев дека ќе бидам крвнички самокритична, но за среќа толку многу се забавував, уживав, а реално и се изнаработев, да не можам да најдам ништо друго освен еден триумфален момент во мојата кариера. Задоволна сум пред се од тоа колку моќно изгледаше целиот концерт бидејќи дадовме се од себе сите што бевме на сцена. Чувствувам огромна благодарност за целата поддршка што ја имав зад себе.
Кога ќе направиш ретроспектива на тие 15 години, која е првата слика што ти излегува пред очи?
- Публиката, секогаш. Така беше и на концертот. Сите настапи ги паметам по лицата и насмевките на публиката. Не знам како е со другите, но јас не се анализирам себе си по настапите, туку ја согледувам целата атмосфера и што сме создале ние на сцена.
Која од твоите песни најблиску те опишува?
-Немирна. Не верувам дека тоа набргу ќе се смени.
Вечно втора... Тоа ли е тајната на успехот?
-Не, туку тоа е вистината за туѓото бламирање (се смее). Ниедна од тие песни не заслужи второ место. Толку за ова.
Најдобрата лекција што до сега ја научи од шоу-бизнисот...
-Не препуштај ништо во туѓи раце! Имено, имам огромна почит кон сите соработници, автори и продуценти со кои сум работела, па дури и сега кога сум дел од Горила продукција, сфатив дека најголем дел од товарот сепак морам да го земам во свои раце. Од мене се очекува врвна вокална интерпретација, воедно и песна која ќе се памети и поради тоа морам да имам целосна контрола на работите. Стандардите кои сама си ги поставив се многу високи и ако треба да се огледам во континуитетот на македонската поп музика, го сакам она по што ги паметиме легендарните македонски поп пејачки со незаборавни гласови.
Fashionel те одбра за најдобро облечена женска јавна личност за годинава што изминува. Што ќе кажеш во „своја одбрана"?
-Навистина ми е чест и ви благодарам искрено. Задоволна сум што овој престижен епитет сум го заслужила јас, но ова е и награда за луѓето со кои соработувам, тимот кој вредно работи и мисли на тоа како најсоодветно да изгледам за јавни настапи, снимања и фото сесии. Затоа тука ќе ги споменам „одговорните" за мојата визуелна појава: Fashion group, стилистите Мите Занов и Виктор Стојкоски, мејкап артистот Зоран Шурбевски и куќата на убавината Силуете во која се разубавувам веќе 10 години. Им благодарам од срце.
Често соработуваш со наши дизајнери за твоите сценски настапи...
-Да, ја почитувам работата на домашните модни дизајнери и сакам кога имам можност да соработувам со нив. Со Ивана Кнез имав одлична соработка долги години, а сега и за концертот ми направи една креација од која бев презадоволна. Исто така особено големо задоволство ми е и кога соработувам со нашата модна куќа Елена Лука, која за различни прилики специјално за мене креирала одлични стајлинзи за сценски настапи, но и за музички спотови. Секако да не го заборавам и Александар Ношпал, еден од нашите најголеми модни креатори.
Те менува ли бременоста?
-Да, но на убав начин. Не за џабе бременоста е блажена состојба. Мислев дека тоа е поради физичките промени, но не било така. Дури се променија и луѓето околу мене. Сите се екстра фини (се смее).
Се одлучи ли за име?
-Секој ден го менувам, но најмногу се задржав на Хана... Тоа е желба на мојот внук Вук, така да се вика братучетка му, па ќе видиме... (се смее).
Дали жената може да ја врши работата на Дедо Мраз?
-Не, бидејќи Дедо Мраз треба да си остане Дедо Мраз. Исто како што тој не може да биде принцеза од бајките. Едвај чекам да дојде моментот кога ќе ја „лажам" ќерка ми со тој добар дедо. Мислам дека улогата на Дедо Мраз за неа ќе ја има другар ми Зоки Бејбе, бидејќи тој ми е најблизок другар со брада (се смее).
Што ќе си посакаш за идната година?
-Пред сѐ посакувам да сме живи и здрави. Да имаме многу повеќе причини да се пофалиме од која земја доаѓаме, бидејќи Македонија заслужува да биде позната по епитетот „здрава средина за живеење" во секоја смисла. На сите читатели на Fashionel им посакувам се најубаво во новата 2016. Живели!
Локација: Think - House of furniture