членови на танцов клуб од инклузивна група

Танцот на реалноста и мечтата

Интервју со
Dancers United
2 април 2018

Цако, Кико, Оли, Ена, Моника, Ана, Дарко, Деа се танчари. И другари. Тие се тим. Но, и многу повеќе од тоа - тие се инспирација, потсетник за тоа што сè може да биде среќа и радост, а на што често забораваме.

Неодамна се дружевме со инклузивната танчарска група при танцовото студио „Dancers United“. Секој петок оваа дружина ги поместува границите на она што ние го знаеме или мислиме дека го знаеме за лицата со Даунов синдром, а под водство на Сара Кочан и нејзиниот сопруг Нермин, основачи на клубот и инструкторката Виолета Балшевска.

Уште десетина минути пред почетокот на часот, тие се веќе во студиото и подготвени за следниот час. Се поздравуваат и се гледа дека веќе одлично се познаваат. Се чувствува возбуда и доза на одважност бидејќи некој дошол да ги посети, бидејќи прават нешто што го сакаат, а и добри се во тоа, за што говори и податокот дека се државни прваци во соло категории, група и формација за 2015 и 2016 година. Во 2016 на светското првенство во Австрија беа шести, додека лани на светското првенство во Данска го освоија третото место.

-Здраво, јас сум Кико. Доаѓам овде секој петок и супер ми е.
-Здраво Кико. Кој танц ти е омилен?
-Го сакам хип-хопот и брејк денс.
-А имаш ли најдобар другар од групата?
-Да, тоа е Цако. Со него сме другари и колеги од факултет.
-Се натпреварувате кој е подобар танчар?
-Да.
-И кој е?
-Па, секако јас!

Тоа е едно од искуствата што ќе ги паметат засекогаш. Но, и нивните родители, кои беа и повеќе од расположени да ни зборуваат за успехот на нивните деца, бидејќи сè што таму се прави е еднакво на среќа.

-Сара постигна огромен успех и многу веруваше во нив. Ги третира како и сите други, а тој третман направи тие да почувствуваат дека се важни, дека умеат нешто. Кога одиме на натпревари, функционираат како едно. Јас сум презадоволна – вели Славица, мајката на Ена, која веќе четири години танцува во клубот.

Славица додава дека забележува големи позитивни промени кај Ена, а и во поглед на нивното меѓусебно дружење има голем напредок, а на тоа се надоврза и Мирјана, мајката на Дарко, кој е исто така еден од првите танчари во „Dancers United“. 

-Децата стекнаа многу голема самодоверба. Дознаа што значи настап на сцена, пред публика. Треба да се видат видеата од нивните настапи, нивната радост кога танцуваат. Многу се задоволни, а ние уште повеќе. Но и редовни сме. Не пропуштаме ниту еден час, што исто така придонесува во целата приказна. Тоа е наш мал придонес, да ги донесеме тука, за да постигнат резултати. А сега очекувањата станаа и поголеми – не крие Мирјана.

Инаку, „Dancers United“ ја започнува својата приказна пред четири и пол години. Сара и нејзиниот сопруг Нермин, и двајцата танчари, одлучуваат дека ќе отворат студио, каде освен групите со лица со типичен развој, ќе има и една инклузивна. Меѓу првите за тоа дознава и другарката на Сара, Марија.

-Сара и јас сме другарки од деца и растевме заедно, вклучително и со Цако, нашите семејства се познаваат, па кога Сара ми спомена дека ќе прави инклузивна група со лица со Даунов синдром, навистина бев горда. Тоа е едно од најубавите работи што некој го направил за мене, Цако и моето семејство. Ова е европски тренд, кој што за среќа го има и кај нас. Така почна приказната, по што отидовме во здруженијата што претежно работат со лица со Даун, но и друг вид интелектуална попреченост и почнаа да доаѓаат и да се формира групата – се присетува Марија.

Токму на тој начин и Марица, мајката на Оливер, кој инаку е и највозрасниот член во групата, има 37 години, дознава за можноста да го однесе својот син на танц.

Кико, Цако и Оли

-Сара дојде во нашето здружение, нè праша дали сакаме да бидеме дел од нејзината замисла, потенцирајќи дека тоа ќе биде доброволно и на нејзина волја, што значи дека ние би биле ослободени од било каков трошок. Така почнавме и бевме поголема група во почетокот. Но, за мене е голем и еден друг момент. Кога одиме на натпревар, заедно со другите групи, со лица со типичен развој и кога нашите настапуваат или ќе добијат награда, другите им пружаат голема поддршка, ги прегрнуваат, ги бодрат „Напред наши“, па и ние како родители сме задоволни. Никој нема да ви каже поинаку или само од куртоазија. Тоа е навистина така. За овој еден час кога сме тука, како и ние да сме вежбале – потенцира Марица.

фото: Dancers United

Валентина е мајка на Ана, која веќе две години е дел од оваа група.

-Одамна барав ваква група, бидејќи Ана многу сака музика и танц. Одлично се вклопи, ужива, многу е среќна. Ова е едно ново искуство и мислам дека е супер и за нив. Функционираат одлично, дружењето им е многу битно. Генерално, нивните можности за дружења се ограничени и ова за нив е излегување од нивното секојдневие. Со нетрпение го очекуваат секој час, некое случување, настапи или натпревари. Беа и во Копенхаген, што во своја режија ретко кога би можеле. Тие откриваат нови работи, патуваат, се запознаваат со нешто што инаку не би можеле или би било многу тешко.

Моника е една од највеселите членови, на која посебно ѝ беше интересно нашето доаѓање.

„Здраво јас сум Моника. Сакам да танцувам. Сега ќе имаме час, па ќе смислам нешто убаво да ви кажам после. Сара, убава ти е косата“.

Нејзиниот татко Јован, вели дека таа постојано е со музиката:

-Исполнета е. Дома цел ден е со музиката, па продолжува овде и обратно. Од овде продолжува дома, тоа што го вежбале да го повтори и усоврши.

Генерално, лицата со Даунов синдром имаат љубов кон музиката и потреба од истата.

- Некој помалку, некој повеќе, сите се музикални. Но, афинитетот кај сите е ист. Спојувањето на музиката со танцувањето е прекрасна комбинација за нив – посочува Славица.

Освен талентот, успехот, оваа позитивна дружина ја обединува и невеорјатното другарство.

- Знаете какви се кога патуваат? Неверојатно сплотени. Ако некого го боли стомак, сите се грижат за него. Имам една фотографија кога Мони ја боли стомак, Оли ја гушнал како него да го боли. Многу вредности кои они можат да ни ги покажат, ние сме ги заборавиле. Во Копенхаген слаевме роденден на Ана, таа толку се трогна, многу емотивно го доживеа тоа. Ние уште од овде подготвивме торта, колачиња, криевме сè за да не се открие. А девојчето претчуствуваше нешто, но ние се правевме како ништо да нема. Кога ѝ ја дадовме тортата, толку беше среќна, не сте виделе таква среќа! Кога освоија трето место, кога се изговори името Македонија, сите бризнаа од радост во плач. Плачат и се смеат истовремено. Тоа нема цена. Нивната среќа треба да се доживее. И публиката, која што беше таму, посебно се радуваше за нив и се направи една еуфорична атмосфера која тешко се заборава. Тоа ни покажува дека се прифатени и од страна на деца со типичен развој – вели Марица, рскажувајќи со иста возбуда и после толку месесци.

-На овие деца, многу малку им е потребно за среќа. Задоволни се со мали работи, што другите ги забораваат. Со едно кафе, со муабет, со некој да го гушне... – потенцира Валентина.

Со оглед на позитивните искуства, тие постојатно даваат препораки на останатите родители, но не секој може или е подготвен да направи ваков чекор.

-Споделуваме, нè имаме по медиуми, што значи дека сега веќе не е толку непознато. Настапуваат на многу места, родителите гледаат. Тогаш се поканети и многу здруженија или поединци. Но, не е ни за обвинување ако не ги донесат. Обврските и времето им е ограничено. Работното време денес е  незгодно за да можете во 17 или 19 да го носите некаде, а и можностите да го однесете некаде детето каде што ќе биде прифатено се ограничени. Многу малку места има каде што може да бидат прифатени – објаснува Марица.

А на прашањето, што им донесе ова дружење ним како родители, Мирјана вели:

-Гордост – дека и тие постигнале нешто и дека се чувствуваат важни.

Овој тип на инклузија е еден чекор нанапред, па ги прашавме родителите, значи ли тоа дека работите кај нас по однос на ова прашање, почнуваат да се менуваат.

-Бавно, но да. Оливер има 37 години што значи дека јас многу одамна сум со сето ова. И работите се менуваат, за разлика од пред 5 до 10 години, кога буквално немав каде да го носам. Но, сега веќе има. Тргнете од вас медиумите. Тие порано ретко каде беа спомнувани, а сега и нивните успеси се третираат. Но, многу бргу се заборава. Сепак, свеста полека се менува. Но, и ден-денес постојат родители што ги кријат децата. Наназад неколку години знам интелектуалци што не сакаа да ги извадат децата надвор. Порано нè гледаа поинаку на улица. Сега веќе е поинаку. Сега можат сами да се движат, да одат на училиште. Кога Оливер беше дете, градинката како институција не смееше да прима деца со Даун.  Но, треба уште да се работи– смета Марица.

Славица пак посочува дека сето ова се сведува на активности.

-Се сведува на дружење, некој нешто организира и тогаш нè викаат и ние сите одиме. Зошто да не биде нешто во континутитет? Не само еднаш во годината. Сè е врзано со проекти и само само тој еден ден во годината кога се одбележува Светскиот ден на лица со Даун.

На разговорот се приклучи и Сара. Нè интересираше дали пред да започне со работа со една ваква, инклузивна група, се консултирала со стручно лице, околу пристапот и начинот на работа со нив.

-Не, затоа што немаше стручно лице со кое би го сториле тоа. Разговарав поединечно со секој од родителите за нивните деца, какви се, како да се допре до нив. Но, немавме кого да прашаме стручно во однос на танцот, бидејќи никој до сега не го работел тоа со нив. Дефектолозите не знаат како да им пристапиш од аспект на физичка активност, како танчер. Така што, учевме постепено, пробувавме што функционира што не. И знаете на крај што се покажа како најуспешно? Тоа да се третираат како да не се со посебни потреби. Кога почнавме да ги насочуваме сами да се изразат, кога почнавме да им даваме сè поголеми задачи, тогаш почнавме да добиваме сè поголеми резултати.

Сара Кочан

На почетокот, сè додека ние имавме лимитирано размислување дека толку можат, дека тие се лица со Даун, сепак како некој што не е стручен слушаш секакви мислења и почнуваш да ги третираш така. Сè додека не почнавме да ги третираме како танчери, кои мораме да ги научиме нна кореографија, немавме некои резултати. Важен чекор беше што ги извадив од група. Но, кога почавме да ги насочуваме поединечно и да видиме што ги интересира – Моника сака бавна музика, такви и се и движењата, Оливер сака пожива музика, Кико сака хоип-хоп, тогаш почнаа да се изразуваат и да излегува на површина нивниот талент. Сега имаат и соло настапи, мешани настапи со децата со типичен развој... Таа инклузија придонесе за сиот нивен развиток во текот на овие години – објаснува Сара.

„Здраво, јас сум Оли. Добро се забавуваме и убаво е тука.

-А кој е твојот омилен танц?

-Јас многу го сакам тангото и Сара ми помогна да го научам уште подобро. Тангото ми е омилено“

На почетокот биле дури 30-тина члена, но со текот на време се направила природна селекција.

- Неодамна коментиравме со инструкторката Вики, а поведени од тоа дека имаме ново девојче во групата, дека сме заборавиле како изгледале на почетокот, на првите часови. Сфативме дека многу напреднале. Со нив се работи како да работите со тинејџерските групи. Затоа што никогаш не можеш да знаеш што да очекуваш од нив. Зависи и што им се случува дома, тоа го рефлектираат и на часови. Или се пасивни или се смеат и се вредни. Но, многу се послушни. Сите вежби ги прават од почеток до крај, ставот им е поинаков. Движењата им се поразлични. Последниве години сме сконцентритрани на хип-хоп, бидејќи натпреварите на кои учествувавме се такви. Инаку, ги учат сите танци –  Оливер игра танго со девојка со типичен развој, Моника игра модерни танци, Цако игра валцер и нешто латино во пар со Флоренс, Кико игра брејк денс... Сите имаат нешто за што се талентирани и што им лежи. Сите многу се трудат и дават максимум од себе. Пред светските натпревари имаат секој ден тренинг, по неколку часа. Но, како и кај секој од нас, важно им е, сакаат да направат резултат, сакаат да победат, многу им е јасно што ќе се прави и се трудат да го остварат – потенцира Сара.

Во мај ги очекува нов натпреварувачки предизвик - Европско првенство во мај во Италија. Токму затоа, во тек е подготвувањето на нови кореографии, а воедно и повик до сите да ги поддржиме на најдобар можен начин!

- Напреднаа и како танчери и како личности. Сега се многу понезависни. Постојано се трудиме да правиме промени. Најново е што ги измешавме со танчарите со типичен развој. Но, светските првенства, шетањето надвор од Македонија најдобро им влијае, затоа што гледаат еден нов свет. Одат на натпревари каде што има 3-4 илјади танчери, многу публика, каде што можат и да заработат, и ќе продолжиме додека не го прошетаат светот :) - вели Сара.

На крајот, се поздравивме сите меѓусебе, со ветување дека повторно ќе се видиме. „Не нè заборавајте“ ми рекоа родителите, среќни што повторно некој се заинтересирал за оваа група.

Рекоа дека со нетрпение го очекуваат  текстот. А јас после средбата со сите нив сфатив дека тие го танцуваат танцот на среќата. Но, и танцот помеѓу реалноста и мечтата – реалноста дека не е ни малку лесно, но дека можете да ги поместите границите и да бидете пример за другите. Ако верувате и ако некој верува во вас.

И мечтата – да постигнете уште повеќе успех, да оставите трага и да ве паметат. Ако  верувате дека можете и ако некој верува во вас.

Објавено:
2 април 2018
object(stdClass)#484 (8) { ["nid"]=> string(5) "18770" ["ga_count"]=> string(3) "777" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1682632800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1682632800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
777 пати