Др.спец. уролог

Тесните фармерки влијаат врз машкото здравје

Интервју со
Маја Софрониевска – Главинов
23 ноември 2018

Од 2003 година па наваму, благодарение на здружение од Австралија, ноември станува препознатлив како Мовембер - Месец на машко здравје. Мо-браќата тогаш ги истакнуваат мустаќите, но зад овој естетски момент (за некои жени привлечен, за некои можеби и не толку) се крие пораката дека свесноста кај мажите за нивното здравје мора да се зголеми.

Токму околу свесноста, најчестите проблеми со кои мажите се соочуваат кога е нивното здравје во прашање, како и сите останати прашања кои можеби ве мачат во Мовембер, ние ги поставивме за вас на Др.спец. уролог Маја Софрониевска – Главинов. Таа е една од малкуте жени уролози кај нас, со што разбива бројни предрасуди, но во разговорот што ќе следи, се обиде да ги разбие и заблудите и предрасудите што мажите честопати ги имаат за оваа тема.

Со долгогодишно искуство во областа, таа беше и повеќе од расположена и стручна да ни посочи на најважните работи кога е машкото здравје во прашање.

Во продолжение прочитајте го целиот разговор:

 

Од која возраст е најдобро да се почне со прегледи?

-Зависи за што. Ако зборуваме за простата, тогаш се препорачува еднаш годишно да се прават регуларни скрининзи за простата. Но, ако зборуваме за Мовембер како месец за машкото здравје, тој не опфаќа само грижа за машко здравје од аспект на карцином на простата, туку и заради тумори на тестиси и психолошкото здравје на мажите. Така, ако зборуваме за прегледи и скрининзи на тестиси, тогаш треба вниманието да се подигне на повисоко ниво, па би рекла околу 20 година. Што не значи дека и претходно не треба да се стави акцент на вниманието, бидејќи има мажи на 20 години што доаѓаат со скриени тестиси, кои што се генерално детски промени и заболување, но не е обрнато внимание на време, па се манифестираат во подоцнежна возраст. Во овој контекст одговорот е секогаш, бидејќи рутинските контроли се добредојдени во секое време, особено кај матичниот лекар. Не би ставала рамка, дали е тоа еднаш годишно, но треба да се има предвид дека постои шанса да се случат такви промени. Она што е потребно е да се смени свеста кај луѓето и ако тие се доволно свесни дека се случуваат промени да се јават на лекар, тогаш сме постигнале многу.

Во тој поглед, има ли напредок?

-Ако направам споредба со пред 10 години и сега има некое поместување на свесноста, но во овие наши, балкански услови да ги наречам, тоа е многу малку и многу назад во однос на тоа што се случува во европските земји и САД. Треба уште многу да работиме, да вложуваме во кампањи и да спроведуваме кампањи, за да ја подигнеме свесноста на луѓето.

Би помогнало ли воведувањето на сексуално образование како предмет, во развивањето на таа свесност?

-Да, апсолутно. Децата, сакале или не, се информирани. Но, подобро е таа информираност да потекнува од официјален образован систем и установа отколку сами да гледаат и да слушаат информации и констатации кои можеби не се во вистинска насока од тоа што посакуваме или треба да биде.

Како се врши самопреглед?

-Самопрегледот е и тоа како важен кога станува збор за туморите на тестиси. И многу битно - јас имам три сина и нив истото им го зборувам - тестисите сами да си ги прегледуваат. Треба да се обрне внимание едниот да не е поцврст од другиот, да не се зголеми нагло волуменот. Не мора секогаш да има болка, најчесто лошите работи не одат со болка, туку одат со вакви промени – нагло зголемување, поцврста конзистенција во однос на другиот. Во последните 10 години, од тоа што го гледаме во секојдневната пракса и тоа како сме свесни дека сѐ поголем е степенот и шансата да се заболи од тестикуларниот канцер. Статистиката е поразителна. Но, кога е самопрегледот во прашање, истото не можам да го кажам за простатата. Невозможно е мажите сами да ја прегледаат простата. Затоа постојат доктори специјалисти, сега постојат и нови дијагностички методи, не е секогаш оној класичен и директен преглед, туку се прават ехо, туморски маркери, испитувања преку крв, и сето тоа заедно му дава слика на специјалистот каква е состојбата на простатата кај мажот. Но, за тоа, мажот после 40-тата треба да е свесен дека убаво е да се појде и да се направи еден рутински преглед.

Можат ли проблемите со простатата да влијаат врз плодноста на мажот?

-Да, но од еден друг аспект. Воспалувањето на простатата може ретроградно да предизвика и воспаление на епидидимусот и тестисот – жлездата во тестисот и самиот тестис и заради воспалението да настане промена во температурата на тестисот, па да се намали сперматогенезата - да е успорена, намалена. Кога зборуваме за воспаленијата, акутните и хроничните, тие може да влијаат, но тоа се минливи, транзиторни промени, кои што со отстранување на причината (воспалението) за одредено време повторно се враќа нормалната функција на тестисот.

Наследни ли се заболувањата на простата?

-Секогаш постои генетска предиспозиција, кога се однесува на заболувања на простата, како и за некои други заболувања, макар што основната причина сè уште не е доволно разјаснета кога станува збор на пример за бенигната хиперплазија и карцином на простата. За карциномот на простата е докажано дека кога се работи за појавување во помлада возраст, помеѓу петтата и шестата декада, дека настанува поради тој ген склон кон развивање на болеста. Така што, постои генетска предиспозиција кога се работи за заболувања на простата.

 

Располагате ли со статистика колку мажи во Македонија патат од ваков тип заболувања?

-За Македонија важат истите бројки како и на страна, се вклопуваме во европската и светска рамка, дека карциномот на простата останува втор по зачестеност кај мажите, што воопшто не е за потценување. Исто така, на тестикуларниот канцер во изминатите 50 години, инциденцата му е порасната за дупло. Што се однесува до психолошкото здравје на мажите, има податок дека минатата година има 500 илјади самоубиства на мажи на светско ниво, што воопшто не е мала бројка. Сето тоа е врзано едно за друго, па во 2003 година е формирано тоа друштво во Австралија, кое ја почнуваат иницијативата за Мовембер, за да се зголеми свесноста дека мажите и покрај другите ангажмани, обезбедување материјални средства, кариера, итн, треба да водат грижа за своето здравје, бидејќи овие податоци се поразителни.

Што е причината за зголемувањето на ваквите бројки?

-Начинот на живот дефинитивно има влијание. Само за илустрација, карциномот на простата има ниска инциденца во Јапонија. Јапонците многу малку заболуваат од карцином на простата. Но, кај Јапонецот што живеел долги години во Јапонија, а се сели во САД, инциденцата да заболи од карцином на простата е многу повисока. Од ова се покажува токму тоа  – дека навиките, исхраната, динамиката, и тоа како влијае за да се зголеми инциденцата за зголемување на овие болести.  Затоа, треба навистина да поработиме на тоа да се намали стресот, да се живее помирно, да имаме умерено користење технологија, да се внимава на исхраната... Воздухот што го дишеме не можеме да го смениме, но можеме да влијаеме да се сменат ставовите кон чиста здрава средина и да водиме сметка за себеси. Не за она што ќе го стекнеме во животот, туку она како ние како индивидуи ќе се вклопиме во системот и ќе го поминеме животот.

Кои заблуди мажите најчесто ги имаат за машкото здравје, уролошките проблеми?

-Мажите се посуетни за здравјето од жените. Обично тие бегаат од вистината. Потешко се соочуваат со евентуалната можност да се болни. Од психолошки аспект тоа е нормално. Гледано низ историјата, тој се грижи за семејството, од него зависат материјалните средства, тој е столбот на семејството, што веројатно во текот на годините им има изградено суета, па тешко им е да признаат дека и нивното здравје е подеднакво кревко  како и на сите. Уште не сме ги разбиле оние предрасуди дека нема врска дали си маж или жена, ти си човек кој има свои јаки и слаби точки, а кога ќе удри нешто не знаеме каде ќе удри. Мислам дека последните години во тој поглед работите почнуваат да се менуваат, но сепак далеку сме од светот.  За мажите одењето на лекар е стрес, жените тоа го поднесуваат многу похрабро, понормално. Веројатно природата тоа го дала од самото раѓање.

Кои се најчестите проблеми кај децата и кога треба да се реагира?

-Многу е важно, од раѓањето, да се провери дали двата тестиси се спуштени во скротумот. Бидејќи криптрохизмот е вродено заболување, ако не се третира правилно и не се третира до максимум двегодишна возраст, може да даде други последици, кои подоцна се одразуваат на плодност, ако останат неспуштени може да малигнизираат итн. Затворањето на кожичката е исто така важен момент, ако не е на време направено, подоцна, особено во периодот на пубертетот, доаѓа до потреба од интервенции, а тоа повеќе психички влијае врз пациентот, сексуалниот живот исто така, а не толку на мокрењето. За ова треба да се крене свеста пред сѐ кај родителите и педијатрите, за да евентуално се препознае некое од овие болести.

Иако каменот во бубрег не е тема што се третира преку Мовембер, сепак некои од нашите читатели ги интересира и што е причината за создавање на каменот во бубрег, кое исто така е чест проблем со кој се соочуваат мажите?

-Има неколку теории, но никој не потврдил која е причината. Значи, не е водата, како што често се мисли, бидејќи сите пиеме иста вода, ама немаме сите камења. Често се случува кај пациентите, само едниот бубрег да создава камења, а другиот не. Нема дефинитивно објаснување зошто настануваат. Теории има многу и тоа зависи од многу фактори – каков тип на камен е во прашање, на која локација е формиран, зошто едните се поголеми, други помалку, некои во форма на песок... Има многу прашања  - на некои од нив има одговор, на некои нема, но секако е најдобро кога постои камен, да се земат сите фактори заедно, да се испита составот на каменот и тогаш можеби ќе дојде до некој одговор  - зошто тој камен, баш на тоа место од таа страна... Многу е комплексно. Науката не дала објаснување на сѐ.

Меѓу помладата популација, постои тренд на носење потесни фармерки. Тоа го наложуваат светските трендови, кои ние ги преземаме во нашиот личен стил. Сепак, влијае ли носењето на тесни фармерки врз здравјето на машките гениталии?

-Влијаат. Пошироката облека овозможува полесно циркулирање на воздухот, кога носиме потесна облека, телесната температура останува тука, нема размена. Тестисите кај мажите, природата ги создала надвор од телото, бидејќи тие функционираат на пониска температура од телесната. Кога ќе ги ставите во тесни панталони во кои нема никаква циркулација на тој воздух, нема ладење, тогаш ја попримаат телесната температура и функцијата на тестисот полека се намалува. Многу е логично и по правила на физиката го одговарам прашањето. Сепак, постојат ситуации кога пациентот има воспаленија поради кои треба да носи тесна дола облека, за да го држи мирен тестисот, за да нема придвижувања. Но, само во таква ситуација препорачуваме тесна долна облека. Сѐ друго, ја зголемува температурата во околината на тестисот и тоа ја пореметува и сперматогенезата. Далеку од тоа дека е единствената, но дел од причините за тоа што има многу машки стерилитети во последните 20 години  се должи и на тоа - носењето несоодветна облека. Типот на долна облека не игра многу улога, сè додека е памучна, но изборот на панталони и фармерки да. Значи, сѐ е од начинот на живеење. Пак доаѓаме до напредокот на технологијата, зрачњето, модата и до тоа дека мора нешто да менуваме во начинот на живот.

 

фото извор: murraycountymed.org; cuiohio.com; pinterest.com; 

Објавено:
23 ноември 2018
object(stdClass)#483 (8) { ["nid"]=> string(5) "20465" ["ga_count"]=> string(4) "2371" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689458400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689458400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.371 пати