Автор и водител на „Лица и дела“

Уметноста ме донесе во простор на неограничени можности

Интервју со
Мери Тодорова Младеновска
15 јуни 2016

Првиот впечаток што го стекнав кога се запознав со Мери Тодорова Младеновска, беше: Оваа девојка мора да е уметник! Не бев далеку од вистината, иако нејзиното формално образование е во поинаков правец. Таа е дипломиран филолог и наскоро магистер по комуникологија, но интимно голем обожавател на уметноста во секоја форма, а и самата е креатор на уметнички дела. Веќе неколку години е автор и водител на емисијата „Лица и дела", телевизиско искуство кое ќе и донесе многу нови познанства и сведоштва на различни животни приказни на голем број познати личности.

-Во водителството влегов не сосема по своја желба, но благодарение на луѓе кои кај мене го препознаа талентот за оваа област што за мене значи многу и претставува уште една потврда за тоа дека можеме да се занимаваме со она за што имаме талент, а не поседуваме соодветно образование и каде што квалитетно одговараме на професионалните повици, а не само во оние сфери за што сме се образувале. Водителството е специфична професија и бара одговорност и познавање на многу области што се стекнува преку истражувачката работа. Токму овие карактеристики до ден денес го држат моето внимание и ме поттикнуваат уште повеќе да се посветам на оваа професија преку која лесно можат да се споделат многу квалитетнии интересни информации, го започнавме разговорот со Мери за нејзиниот актуелен ангажман.

За жал за домашната културата и уметност, медиумскиот простор се повеќе се стеснува, па емисиите од типот на „Лица и дела" која инаку се емитува на Тв Сонце се од исклучителна важност за промоција на истите.

-Кога ја осмислувавме емисијата и кога работевме на концептот, пред околу четири години, најпрво се определивме за ТВ проект кој ќе ги опфати културата и уметноста како две интересни и специфични сфери, на што останавме доследни до скоро, но со оглед на тоа дека и самите почувствувавме потреба од уште попродлабочени и посуштински разговори, се одлучивме „Лица и дела" да ја посветиме на животот воопшто, со цел да добиеме повеќе интересни и значајни информации од разговорот со нашите гости, што секако пред сè оди во прилог на нашите ценети гледачи и почитувачи на нашиот проект, Мери ни го објасни концептот на емисијата.

Секогаш со интересен повод и добра приказна, дел од познатите што ги интервјуирала се и: Гаро и Диран Тавитјан, Елена Лука, Есма Реџепова, Вања Лазарова, Наум Петрески, Јоце Панов, Крсто Јовановски, Горан Илиќ, Маријана Станојковска, Жаре „Еден на еден", ДНК и други познати личности од различни професионални сфери.

Нејзиниот брачен партнер Симе Младеновски е продуцентот на емисијата, па ја прашавме Мери како брачните партнери функционираат и во професионалниот свет.

- Кога се соработува со некој кој ви е близок, а особено кога станува збор за член од семејството, секогаш соработката треба да биде професионална и никогаш не треба да се меша приватноста со професионалното однесување. За мене, од професионален аспект, Симе претставува личност која има огромно искуство во однос на работата во медиум, имам чест да соработувам со еден голем професионалец, човек богат со идеи кои се во согласност со совремието и новите трендови во продуцентството. Не е чест случај брачни партнери да функционираат и надвор од брачната заедница, поконкретно, да соработуваат и професионално, но од моите досегашни сознанија, од неколкуте случаи со кои лично сум запознаена, ваквата соработка секогаш резултира со позитивен исход и со успешно изработени проекти, секако, без разлика за која сфера станува збор. Се разбира, доколку професионалните интереси и талентите на двајцата сопружници се поклопуваат, треба да се оствари соработка која секако ќе донесе успех, освен заеднички така и индивидуален поради разменувањето на искуствата и паралелно надградување на истите, нашата соговорничка го објаснува искуството.

Уметничко дело на авторката

Но, покрај медиумската професија, Мери својот креативен „издувен вентил" го наоѓа во повеќе сфери на уметноста: сликарството, вајарството, дизајнот (ентериер, парчиња мебел и сл.), дизајнирањето облека и модни додатоци, литературата (поезијата и прозата), музиката...

Разговорот го продолживме околу автентичноста на нејзиниот уметнички израз и кој е белегот што таа го остава како уметник.

-За мене годините никогаш не биле пречка да застанам или да се повлечам туку секогаш значеле искуство и знаење повеќе. Оттука, полека веќе можам да зборувам за свој автентичен авторски печат секаде каде што „ме има", на секое мое дело на кое посветувам огромен труд и внимание и успешно ме упатува на следното кое би било уште побогато и уште повеќе би „личело" на мене, така што, дефинитивно, подеднакво ме има и во ликовните дела, и во дизајнот, и во креациите, во сè што е мое дело, вели Мери.

Својата инспирација во креирањето ја наоѓа во реализмот и надреализмот како уметнички правци, но имињата на уметниците Албрехт Дирер и Мајкл Годард имаат посебно значење во градењето и усовршување на нејзиниот талент.

-Реализмот како правец секако го има во ренесансата, па оттаму и Албрехт Дирер е еден од моите најомилени ликови и творци во уметноста, што секако е носителот на ренесансата во Германија. Подоцна, кога го анализирав неговиот живот и дела, всушност дојдов до еден податок што за мене значеше многу, односно неговиот прв автопортрет Дирер го изработил на негови тринаесет години, што се поклопува со возраста на која бев кога прв пат изработив свој автопортрет. Во тој период, секако сè уште не бев запознаена со животот и работата на овој ренесансен уметник. Поради тоа што за мене не е карактеристично да репродуцирам и да повторувам нешто што е веќе завршено од друг автор, започнав да го барам личниот израз и мојот „потпис", па тоа ме доведе до еден простор на неограничени можности, таму каде што сè може да се претвори во слика. За мене тој неограничен простор претставува надреализмот, таму најдобро се доловувам себе си, моите емоции, мисли, гледишта. Работејќи на сопствениот автентичен израз имав можност да се запознаам со работата на еден современик, ликовен уметник кој припаѓа на овој правец, надреализам, Мајкл Годард. Има и други ликовни творци кои ги почитувам и од кои учам, но сепак би ги одвоила овие две имиња и нивната работа, како најблиски примери до она што бев, сум и се стремам да бидам во светот на уметноста, додава Мери.

Нејзиниот темперамент, љубопитност и авантуристичкиот дух ги заокруживме со нејзината пасија за спознавањето на туѓи култури и народи и патувањата низ различните димензии на нашето време.

- Секоја дестинација која зрачи со топлина, скромност и човечност кај мене остава посебен белег. Секаде каде што сум се почувствувала како дома, а всушност сум била само посетител и странец претставува атрактивна дестинација за мене. И тоа за среќа секако не е само едно место, не е само една дестинација, а повеќето дестинации сум ги посетила благодарение на работните обврски за кои сум се определила во даден момент. Денес се соочуваме со синдром на иселување на младите од нашата држава или заминување на привремена работа во странство, меѓу што како опција доаѓа и работата на крузери. Една од многуте Македонци кои работеле во странство бев и јас и тоа неколку пати, од што би го издвоила краткиот работен престој во една наша соседна држава од што бев и сум навистина задоволна и работата на крузер. Во вториот случај буквално може да се зборува за школски пример за спојување на убавото со корисното, што би го потврдиле сите оние кои ја искусиле работата на брод. Секако, работните обврски се прилично тешки и бараат огромна одговорност, но од друга страна има доволно време да се посети омилената дестинација. Од тој период и од сите дестинации кои ги посетив, генерално, меѓу Карипските острови и Европа, повторно би ги избрала Кариби, но не поради општото мислење за оваа дестинација како една од најегзотичните, туку поради самиот амбиент, позитивната атмосфера, чистата средина и топлината на жителите, кои се трудат на најдобар начин да го претстават тоа што е нивно.

 

Објавено:
15 јуни 2016
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "13895" ["ga_count"]=> string(4) "1344" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1682460000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1682460000" ["fb_count"]=> string(3) "157" }
Прочитано:
1.344 пати