бренд

Уште малку ќе ја обединиме нашата Југославија!

Интервју со
Ivica I Majica
8 јули 2016

Ако сте од оние кои сакаат едноставни, но впечатливи комбинации, тогаш сигурно ги знаете маичките на „Ivica I Majica“. Владимир Ниќифоровиќ и Борис Карготиќ се младите и супер талентирани момци кои стојат зад брендот, заедно со „сестринскиот“ Demode Jewelry каде се прави совршен накит. Натписите кои ги ставаат на маичките се неверојатно креативни и секогаш ултра хумористични поради што за многу кратко време достигнаа голема популарност во Србија. По нивната родна земја, маичките обожаватели најдоа и во Хрватска и Словенија, а многу наскоро „патуваат“ и за Босна и Херцеговина. Владимир беше доволно љубезен со нас да ги сподели досегашните искуства околу брендот, како се создаваат сите тие хумористични натписи кои ги обожава цел Балкан, а разговаравме и за Белград, љубовта, музиката и најлудите работи што им се случиле досега.

Борис и Владимир

Интервјуто со Владимир како еден од најинспиративните луѓе што сме ги запознале го читате во продолжение.

Уживајте! 

Раскажете ни нешто повеќе за брендот...Од кога постои и зошто токму „Ivica I Majica“?

Брендот „Ivica I Majica“ настана пред три години и тогаш бевме првиот бренд кој печатеше маици од тој тип на мајчин јазик. Сѐ почна како забава и потреба креативно да се изразам во некој друг правец. Името дојде по три дена brainstorming со пријателите и луѓето од околината. Бев неодлучен, но кога четвртото утро се разбудив ми дојде идејата брендот да се вика „Ivica I Majica“ и така и беше.

Како настануваат сите тие креативни и хумористични натписи на маиците?

Секој ден настанува некој нов натпис кој или е некоја локална шега, или фраза од интернет, некогаш пародија на некоја ситуација во земјата или на естрадата...Генерално, сите настануваат од секојдневни разговори со луѓе кои ме опкружуваат и целата инспирација ја црпам од карактерот на луѓето и комичните ситуации.

Кој е вашиот омилен натпис што досега сте го смислиле?

Мене сѐ уште ми е омилен првиот што го смислив „Devojka iz grada“ под кој се наоѓа фотографија од село со „овци на број“ (се смее).

Вашите маички неодамна „отпатуваа“ во Хрватска...Каков прием имавте таму?

Многу подобар од што мислев и очекував, бидејќи кога дојдовме сите веќе знаеја за работата на „Ivica I Majica“ и сѐ тргна супер како да сме таму отсекогаш. Почнавме со Загреб, а маичките сега може да се најдат и во Сплит, Метковиќ, а покрај Хрватска почнавме да продаваме и во Словенија, а од септември почнуваме со производство и продажба и на територијата на Босна и Херцеговина. Уште малку па ќе ја обединиме нашата Југославија (се смее).

Од промоцијата на брендот во Хрватска

Кој е „најлудиот“ натпис што некој побарал од вас да го ставите на маица?

Имало работи кои навистина не можам ниту да ги опишам, но можеби најнеобичното барање кое некогаш сме го имале е маичка која една девојка ја бараше за нејзиниот сопруг. На цртежот требаше да има опасен, тетовиран билдер (со напомена да личи на Кристијан Голубовиќ), а покрај него жена на колена во „положба“ во која ќе се види кој е „газда“. Тоа на крајот, сепак не го изведовме.

Опишете ни го Белград со една реченица која би ја ставиле на маичка...

„Jer sam pun mogućnosti“ или „Jer me treba očistititi“... Можеби и „Jer nas ima raznih“, „Komunalci kraljevi“...Белград е една непресушна инспирација, особено ако живеете во него и секојдневно се сретнувате со разни луѓе.

Кои се всушност Владимир и Борис?

Ние пред сѐ сме дипломирани актери. Борис пред четири години го отвори својот бренд за рачно изработен накит „Demode Jewelry“, а јас почнав со „Ivica I Majica“ и од самиот почеток со заеднички сили работиме на двете платформи. Да решевме да работиме самостојно, никогаш не би постигнале ваков успех.

Каква музика сакате да слушате?

Кога сум дома најмногу сакам да ја слушам музиката од 50 – тите и 60 – тите, а кога излегувам или одам на свадба сакам да слушам и народни песни, всушност сакам да слушам што и да пуштат, само да можам да играм. Не сум од оние кои ќе пуштат песна и чекаат да ги погоди.

Дали сте романтични?

Па сум, во зависност од приликата. Не се трудам да бидам романтичен, но некогаш спонтано сум, најверојатно тоа е вистинска романтика.

Која е најлудата работа што сте ја направиле во животот?

Се трудам речиси сѐ што правам во животот да биде најлудо досега. На 19 години отидов во странска држава да студирам без никаква идеја што значи самостоен живот. Еднаш дури се верив без да сум свесен дека после тоа треба да се оженам и што таа веридба всушност значи, а имав 20 години. „Ivica I Majica“ е исто така една од најлудите работи што сум ја направил со оглед на тоа што почнав да работам со позајмени пари, додека живеев кај родителите, а пред тоа не сум се занимавал ниту со цртање, ниту со дизајн, ниту со мода генерално, а денеска тоа е сериозна работа од кога живеам. Тоа е најдобрата и најлудата работа која сум ја направил во животот. За вакви слични работи можам да говорам цел ден...

Кои се вашите супер моќи?

Ги прашав пријателите за овој одговор и ми рекоа дека тоа што со леснотија успевам да ги развеселам луѓето во секое окружување е мојата супер моќ.

Велите, „Зад секоја успешна жена стојат пет љубоморни“... Кој стои зад успешните мажи?

Исто така пет љубоморни жени (се смее). Се шегувам, секако, стои успешен партнер, успешни пријатели, пред сѐ, семејството.

Објавено:
8 јули 2016
object(stdClass)#533 (8) { ["nid"]=> string(5) "14084" ["ga_count"]=> string(4) "1044" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1671577200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1671577200" ["fb_count"]=> string(3) "116" }
Прочитано:
1.044 пати