Ако сте обожаватели на неверојатно напнати серии чиј крај едвај можете да го дочекате, тогаш ние имаме една таква за вас. А ако ви кажеме дека во истата ќе можете да видите и македонски актер, тогаш возбудата е и повеќе од загарантирана. Доколку досега Висар Вишка го гледавте повремено во некои македонски претстави, сега ќе ве воодушеви со неговиот лик Доку Закаев во новиот феномен на TNT „Legends“, рамо до рамо со големиот Шон Бин. Во ексклузивното интервју за Fashionel, тој говори за тоа како се случила понудата на неговиот живот, како е да се соработува со неверојатно професионална продукција и уште подобри светски актери, но и кои се неговите желби во новата година. Со него разговаравме и за тоа дали нешто ќе се смени во матичната куќа со доаѓањето на новиот директор, за љубовта, за синот Дион и уште многу други работи за кои веруваме ќе го задржат вашето внимание. Тој беше доволно љубезен и одвои време да направиме и едиторијал во новиот салон за мебел „Think“, а истиот го гледате заедно со интервјуто во продолжение.
Уживајте!
-Кој е Висар Вишка?
Не знам, сѐ уште барам кој е точно Висар Вишка и не знам дали воопшто некогаш ќе стигнам да се опишам во четири, пет збора. Во разни периоди од животот, различни ни се приоритетите и на различни начини можеме да се опишеме и да го кажеме она кон што се стремиме. Во моментов, можам само формално да се опишам како Висар Вишка – актер, татко на едно прекрасно момче Дион кое во моментов ми е најважно и сакам да бидам што подобар за него. Тој е едно младо, невино суштество кое треба допрва да го запознае овој свет и ќе се трудам да остане колку што е можно добар, да не се расипе, а во исто време да не дозволи да го злоупотребуваат во овој свет.
-Како се случи понудата за „Legends“?
Сето тоа беше многу чудно...Снимам многу кастинзи, ми праќаат понуди за многу филмови, некои ги добивам, некои не, што е и нормално. Кога го прочитав ликот што ми го пратија, накратко беше опишан како мускулест тип во средни години, поранешен војник, голем билдер со дебел врат и ѝ кажав на мојата агентка случајно да не згрешила, бидејќи јас воопшто не сум таков. Бидејќи многу често ми праќаат и нешто што не е во мој oпис, a агентката ми рече да го снимам тоа, бидејќи ако не сум добар за таа улога, може ќе бидам одличен за некоја друга. Снимив каков што го замислував, еден поинаков тип на негативец, не таков каков што побараа, а потоа побараа да снимам уште некоја улога. После втората, ми пратија уште една и се запрашав што се случува. На крајот, имав кастинг сесија преку Скајп со Џејми (режисер и продуцент), кој ми рече дека веќе сум одбран, ова е само формалност, сакал да ме види и да ми честита. Не ми се веруваше, па неколку пати го прегледав разговорот, бидејќи навистина не можев да верувам. Тој ми рече дека толку сум добар во сите три улоги, што не знаеја која да ми ја дадат. Сите три улоги беа одлични, големи улоги. Мене искрено Доку ми беше најинтересен, најмногу ја сакав неговата улога. После тоа ми се јавија и ми кажаа дека сум одбран за него и не можев да поверувам. Тоа ми беше толку многу предизвикувачки, бидејќи тие бараа сосема друг тип на актер, а на крај избраа сосема нов кога ме видоа мене. Прво беа сигурни четири епизоди, потоа ми рекоа дека едноставно не можат да ме убијат, па ми ја продолжија и проширија улогата. Јас бев пресреќен и со една, а не четири, или па осум од десет... тоа беше неверојатно.
-Што можеме да очекуваме од Доку Закаев во серијата? Се снајдовте ли брзо во целата таа машинерија и исклучителна продукција и актерска екипа?
Многу е полесно да се снајдеш во таква машинерија каде што секој ја работи беспрекорно својата работа и не се занимава или изигрува експерт за туѓата работа. Не ми е првпат да работам во ваков голем проект, имам веќе неколку големи проекти како овој и уште од првиот пат беше уживање. Најтешкото на снимање за еден актер е чекањето. Може да те разбудат во четири наутро, брзо да ти ја подготват шминката и костимите и сѐ друго и да чекаш шест часа за да ги снимиш тие десет секунди кои се многу важни. И замислете која енергија и концентрација е да бидеш сите тие часови подготвен и на „штрек“ дека ете, сега ќе те викнат. И нема време, мораш веднаш. Секогаш се потсетувам на една српска актерка на која кога и се извиниле зашто чекала премногу на сет, им рекла „Душо мене за ово чекање плачају, а снимање, глуму радим за своје задовољство“. Тука е разликата што во големите или поточно искусните продукции, чекањето е сведено на минимум и се работи како швајцарски часовник. Така да многу лесно можеш да испланираш ритам или ритуал или кога ќе почнеш со внатрешната трансформација. Само одговорноста е и многу поголема во вакви големи проекти, но кога најодговорно влегуваш и во најмалите проекти, тогаш си подготвен и за големите.
-Точно ли е дека Вие сте еден од најплатените актери на сетот?
Така ми кажаа. Но, тоа беше најмалку важно за мене. Се разбира дека ми даде дополнителна самодоверба, која човек ја губи брзо во својата маќеа држава, но парите за мене секогаш биле средство, а не цел во животот. Јас ќе играв за што и да понудеа, но изгледа се исплашиле дека ќе ме изгубат затоа што мојата агентка истовремено преговараше за една друга серија, каде што имаше повеќе епизоди, а тоа се повеќе пари, но јас сакав во оваа.
-Колку Шон Бин Ви помогна при снимањето на епизодите, Ви даде ли некој совет?
Шон Бин имаше толку многу работа што му завидував на енергијата што ја има и на тие години. Тој беше целосно концентриран во својата улога. Напротив, јас еднаш му дадов совет, на нашата прва сцена, да се сврти малку полево затоа што неговиот лик добива поубави сенки така. Јас застанав на негово место и му реков оди види на монитор. Отиде, се врати и ми се заблагодари многу. И сцената излезе одлично. Тоа е работата со големи актери. Тоа се големи луѓе, без преголеми суети и секогаш колегијални затоа што сите сакаме да направиме што подобар филм.
-Ја гледате ли Вие серијата? Како ќе заврши Мартин на крајот од она што може да ни го откриете?
Ја гледам и за чудо уживам исто како кога ја читав. Има толку многу случувања, што е одлично затоа што сум ги подзаборавил многуте, па сега ми е поинтересно. А за крајот, не сакав да ги читам деветтата и десеттата епизода, и им кажував на колегите да не зборат пред мене за тоа што ќе се случува, без „споилер алертс“, затоа што сакам да ги видам и уживам како публика. Не знам што ќе се случи, најискрено. Сите ми се чудеа и продуцените и колегите ама сфатија дека сум во право. Кога си дел од некоја одлична претстава или филм, ти си лишен од таа магија која ја создаваш. Ви завидувам што не сум на ваше место, често сум им рекол на луѓе од публика за некоја претстава или филм. Така што, едвај чекам да видам што ќе се случи до крај.
-МНТ има нов уметнички директор. Дали можеби со него сте разговарале за Вашите ангажмани во театарот?
Јас со стариот директор, Пројковски, сум разговарал за истото. Му реков не барав да се вработам за да седам дома, туку затоа што многу режисери се жалеа дека сум бил прескап или немаат толку пари за хонорари. Па затоа реков, ете ме на платен список, сега таа пречка ја немате. Пројковски е човекот кој ми ја додели честа да бидам првиот селектор за Македонски претстави на МОТ. Во тој момент од животот кога имав тешки удари од секаде, тоа ми значеше многу. Повеќе од вработувањето во МНТ. А и Тони ми е одличен пријател и со него секогаш сме се разбирале лесно. Не знам дали поради нашите повеќе сличности отколку различитости, без да навлезам во неговите сегашни политички ставови со кои воопшто не се сложувам и се противам. Но, со него секогаш сме имале искрена комуникација, тоа е најважното, не се лажеме за да не се „навредуваме”, а позади грб ножеви да летаат. Имаме многу заеднички непроспани ноќи кога бевме помлади, и сѐ уште ќе имаме кога ќе работиме пак нешто заедно. Се разбира дека ќе разговараме и за многу други работи, како и за моето место во МНТ, кое сега за сега е само симболично или со години игнорирано, спречено, цензурирано од разни колеги, па и од режисери кои што не ризикуваат „тезга“ однесувајќи се против веќе воспоставените правила и подобни личности. И тие одлични режисери, поради самоцензура ќе направат еден куп компромиси околу поделбата на улоги и на крај им се гледа резултатот. Или има и случаи - те немаше на листата на вработени. Или, имаше указ од горе, само наши да играат, ова за филм еднаш ми го кажа режисер кој сакал да ме земе да го играм Карев или Делчев. Можеби е вистина, можеби само автоцензура. Мислам, црева ми се превртуваат кога сфаќам дека оваа фела која што треба да биде предводник на хуманото, на највисоките човечки особини, да зрачи со љубов и разбирање и толеранција дури и повеќе од будистичките свештеници, нашите не би ги спомнал...Овде и леви и десни, колку и да се караат меѓусебно, кога ќе дојде до ниски национални страсти, сите се едно, сите се фашизоидни. Секоја чест на исклучоците. Мене сегашната министерка Канчевска ме „одбрани” од условно речено моите” и направи сѐ да се вработам во МНТ, но таа не дели улоги. Другите околу нејзе шират неофашизам и ги слушнавме јавно и јасно. И во таква атмосфера дури и неистомислениците молчешкум прифаќаат такви дејанија. И тие кога ќе добијат проект од тие кои ги плукаа до вчера, пак ќе се прилагодат на тие „правила” што ги поставиле самите кога биле силни и на власт. Или ќе прифатат доделена поделба, или сами ќе се умилкуваат со поделба составена од подобни актери. Значи уште еднаш, попросто, да не бидам злоупотребен. Оваа власт се однесува и шири фашизоидни чувства. Двајцата партнери на власт. Едни кон едни, други кон други, во соработка меѓу себе. Но, мене ме обесхрабрува што и некои што се опозиција, иако јавно се противат, прикриено се однесуваат исто. Омразата знае да биде силна во недостиг на љубов. Насилството е помоќно кога имаш уплашени мирни души. Тоа се одразува и во театарот и филмот. Многу се ретки, премногу за жал, врвни уметници. Едните ме саботираат партиски, затоа што не одработувам за нивна партија, другите национално, затоа што не сум „наш”. А позади сите овие „квалификации” стојат бедни души кои погрешно учеле од своите родители и предци дека успешен и богат се станува умилкувајќи му се на најакиот и елиминирајќи ја конкуренцијата. И со секој мој успех надвор, уште пожестоки се. Не сфатија дека само порешителен ме прават и ме насочуваат кон поголеми работи. Да ме оставеа да работам како сите други, да си имам и јас по некоја улога, па некогаш и главна како сите, можеби немаше никогаш да барам спас надвор, ќе се стопев во срединава. Затоа, од оваа дистанца, им благодарам многу и дел од успехот им го должам ним. Многу е мал кругот на, првенствено добри луѓе, па после уметници, со кои соработувам. Мојот ценет професор викаше, „не можеш да станеш добар уметник ако не си добар човек!” Со овие малкуте добри луѓе со кои соработувам одлично, нашите дела го шетаат светот, а и ние со нив. И секој мој успех досега и во иднина, ќе биде и нивен.
-Сега, кога сте на пат да станете холивудска ѕвезда, сметате ли дека токму тоа е Вашата среќа и патот по кој треба да одите?
Една од моите желби е преку мојата професија и работа да прошетам и доживеам што повеќе култури, цивилизации, природни убавини. Некои работат напорно за после да платат за такви авантури, некои живеат така аскетски, јас пак сакам да го запознам светот со моите најблиски. Се надевам дека ќе добивам разни проекти по светот. Два три месеци ваму, две три таму…се разбира со некаква база некаде, или на неколку места. А за статусот на ѕвезда, тоа е титула која многу врати отвара, многу можности. Но од друга страна, ти зема голем дел од интимниот живот. Не знам дали ќе жртвувам толку многу од моето време со син ми и семејството за да постигнам таков статус. Мојата идеја за среќа е некаде помеѓу.
-Кој е Вашиот најголем страв?
Никако не ги откривам. Сите имаме стравови со кои се бориме, но полесно би се соблекол гол во јавност отколку да ја разголам душата до толку.
-Како Вашето семејство реагира на успесите што Ви се случуваат? Подготвени ли се тие да живеат во еден поинаков свет?
Моите успеси се скалести и бавни. Ништо не е преку ноќ и не е ова што се случи летово толку поголемо од другите што претходеле. Особено што моето семејство знае какви проекти не сум прифатил или не се случиле во последен момент поради разни причини. А едвај чекаат да бегам од Македонија. Сите. Од тесното до поширокото семејство. И се радуваат најмногу за мене гледајќи што се преживувам овде. Се радуваат повеќе од мене, најискрено.
-Имате ли вие Ваша „Легенда“? Посакувате ли некогаш да излезете од кожата на Висар?
Висар, а и сите ние сме многуслојни битија. Само размислете како ве гледа и за каков/ва ве смета професорот, да речеме. Какви сте со мајка ви? Каков човек гледа вашиот татко според начинот и содржината на комуникацијата со него? Ние сме различни луѓе со различни луѓе. Јас сум тотално друг човек, други муабети, друг речник имам со некои блиски пријатели, тотално друг сум со други луѓе, или кога лупам пиперки со мајка ми. Тотално сум друг кога и приоѓам на некоја непозната девојка среде добра журка, поднапиени од алкохол и разно, условно речено. Тоа се сите наши слоеви и што повеќе ги имаме, толку сме поинтересни. И да, имам и потреба и желба да ги негувам па дури и откријам нови слоеви, длабочини. Затоа ми недостасува театарот. Тоа е местото каде што го правам тоа и луѓето сакаат да ме гледаат како го правам тоа. Не играм претстава да „заработам” плата или да станам познат, ако е без тронка уживање во работата.
-Што претставува љубовта за Вас?
Љубовта е почетокот и крајот на нештата. Во и од љубов се раѓаат сите работи и од недостиг умираат истите. Таа е движечката сила на универзумот. Еден од најубавите описи на љубовта ми е химната на љубовта од Свети Павле.
-Кој е советот што ќе му го дадете на Дион кога ќе порасне?
На децата можеш да им даваш милион совети, но сепак на крај тие ќе учат од твоите постапки. Затоа јас се трудам да работам на себе да станам подобар човек. Сакам кога моето дете ќе порасне да биде гордо на мене и на моите постапки во одредени битки и потешкотии. Да оди со крената глава, како што одам јас во Гостивар и кога ќе ме прашаат чив си, со полна уста го изговарам името на татко ми знаејќи дека ќе слушнам нешто убаво за него. Сакам и син ми да оди со крената глава знаејќи дека јас во овој свет сум оставил само убави спомени, сум влијаел позитивно на другите луѓе, на општеството. Кога ќе чита „тајмлајн“ на Фејсбук, да прочита убави коментари, пофалби за мојата работа, како сум направил некого да се чувствува горд. Кога ќе кликне на google и ќе го впише моето име, само убави работи да чита од луѓе од цел свет. Никогаш не сакам да сум му товар да ме надмине со кариера, туку да ме надмине како човек. Тоа ќе се потрудам да го направам преку моите дела, преку моите битки да го учам дека да се биде добар човек, е најтешката, но најубавата работа во животот.
-Кој е подарокот што си го посакувате за Нова година лично за себе?
Ништо материјално не ме задоволува во моментот, колку и да звучам скромно. Сакам да се случи чудо и да се освестат, да се крене маглата од душите на луѓето во Македонија. Навистина не сакам да мораме да бараме друга околина и да заминеме далеку од нашите најблиски. Ако нешто ми дава надеж, е дека после 25 години, првпат во историјата на „демократска” Македонија, граѓаните се спојуваат по други основи, не по национални. Вклучете се. Активирајте се. Заедно сме посилни. Гласајте кому верувате, ако немате за кого, напишете „за џедаите”, само нека знаат. Замислете каков удар би добиле политичарите ако над 50% се неважечки. Сами треба да заслужиме службеници, не водачи, службеници како Канада или Шведска или Норвешка. Тие не ги добиле од Дедо Мраз. Сами ги одбрале најдобрите меѓу своите сограѓани, не се поткупуваат со сопствената крв и пот. Тоа е подарокот што си го посакувам за 2016 - тата. Убави, здрави, успешни, насмеани и среќни луѓе околу мене да зрачат со љубов и среќа.
Локација: Салон за мебел Think
Стајлинг: Fashionel
Комбинации: Fashion Group
Шминка и фризура: Елена Лука