Новиот месец го започнуваме со разговорот и приказната на единственото фотографско дуо кај нас – Ани и Дими. Или Дими и Ани. Сеедно е како ќе речете, бидејќи тие функционираат како целина, на професионален и на приватен план.
Иако поради поврзаноста на мојата и нивната професија, досега сме имале многу средби, сепак оваа беше прва подолга, „домаќинска“, каде разговаравме на разни теми.
Не кријат дека предизвикот им е движечка сила и тоа веќе една деценија, јубилеј што ќе го одбележат следниот месец. Во нивните размислувања лесно се препознава онаа мисла од Имоџен Канингем „Најомилена моја фотографија ми е таа што ќе ја направам утре“.
Според, Димитар Петровски и Андријана Костова Петровска, нема краток пат до успехот, барем не до оној долготрајниот, вистинскиот. За тоа како гледаат на нивниот успех, животните лекции, состојбата во нивната професија, родителството, читате во интервјуто што следи:
Како почнува вашата професионална и приватна приказна?
Дими: Тие две приказни се испреплетуваат. И двајцата имавме заеднички интерес за фотографија, па така всушност и го направивме првиот контакт, блгодарение на еден сајт за фотографија, каде објавуваме свои фотографии. Ми се допаѓаше тоа што имаме сличен стил. Уште пред 10-тина години кога почнувавме, и двајцата сакавме да фотографираме луѓе и тоа нè спои. Потоа почнавме и да работиме заедно, а од едното, последнователно се разви и другото :).
Ани: Кога почнавме да сликаме заедно, се соочивме со ситуација да не знаеме која фотографија чија е. Затоа, решивме да работиме заедно, односно да сликаме под едно име - Ани и Дими.
За сите овие години, научивте ли да се слушате еден со друг?
Дими: Тоа никогаш не претставуваше проблем. Може да се рече дека тоа и беше една од работите поради која се зближивме. Одлично се разбиравме, зборувам пред сè од аспект на фотографија. Кога работам со друг фотограф навистина ми е потешко, бидејќи не знам што да очекувам. А со неа точно знам. Кога јас ќе згрешам, знам каде ќе ме надополни или обратно. Погледите во однос на фотографијата ни се поклопуваа. А погледите на фотографија и оние на живот се многу слични. Фотографите, а верувам и сите други артисти, својот живот, ставови, светогледи, си ги кажуваат преку фотографијата, односно уметноста со која што се занимаваат. Така е и во нашиот случај.
Најчесто ве препознаваат и ве нарекуваат модни фотографи. Се согласувате ли со таквата определба?
Дими: Ние, пред сè, сме професионални комерцијални фотографи. Она што ни е предизвик, а што сметам дека секој професионален фотограф треба да го има како вештина, е да можеме да одговориме на зададените задачи, со највисок можен квалитет и највисока можна професионалност. Тоа што нас ни е најдрага модната фотографија, или фотографирањето луѓе, можеби во перцепцијата на другите нè затвора само во еден свет. Но, мене подеднакво ми е драго да фотографирам спорт, автомобили, концерти... Во последно време адвертајзинг фотографија ми е многу голем предизвик и тоа е нешто кон што би сакал во иднина повеќе да се насочиме.
Тогаш, како гледате на релацијата уметничка фотографија наспроти комерцијалната?
Дими: Ја почитувам секоја уметничка дисциплина и сите уметници што се трудат да создадат некакво дело, да ја пренесат својата визија преку тоа свое дело, независно дали се работи за музика, слика, фотографија, филм, а притоа успеваат од својата уметничка способност да заработуваат.. Многу повеќе ценам луѓе што се турдат да направат нешто, без разлика за која дисциплина зборуваме, од оние што само критикуваат. Сепак, многу често имам впечаток дека тие што сметаат дека се занимаваат со арт фотографија, не нè ценат нас комерцијалнитe уметници и гледаат потценувачки на работата. Но, нема ништо срамно во тоа да си комерцијален уметник. Срамно е да не си квалитетен или да не се трудиш да бидеш подобар, не напредуваш. Но, дали си комерцијален или комплетно насочен кон уметничка фотографија е сосема сеедно, сè додека се трудиш да бидеш свеж во поглед на идеи и на новото време. Нас во моментов ни е работа она што вистински го обожаваме и заработуваме од работата што ја сакаме.
Што е најдобрата работа во тоа да се биде фотограф?
Ани: Најдобрата работа е дека имаш слобода да создаваш приказна. Имаш слобода, иако не секогаш ако се работи за однапред зададена задача, но можеш да креираш нешто на кое другите луѓе ќе му се восхитуваат, ќе го ценат, ќе уживаат во него. Тоа важи и за другите уметности. Многу е убаво чувството кога создаваш нешто што другите луѓе го засакуваат, се пронаоѓаат во него...
Кога некој ќе ги види вашите фотографии, што е она што сакате да го знаат, препознаат во нив?
Дими: Јас се „палам“ на естетика. Да видат убава естетика. Сакам кога фотографијата, односно естетиката е нежна и префинета. Тоа ме возбудува, професионално.
Сметате ли дека сте го достигнале врвот во Македонија?
Дими: Од една страна, можеби ќе звучи нескромно, но во основа да..., ако се навратиме на претходниот разговор за предизвикот како движечка сила. Но, од друга страна, ако сакаш да останеш свеж со идеи, постојано ти треба предизвик. Никогаш нема да го достигнам врвот, затоа што ако се случи тоа, човек почнува да се вообразува дека е најдобар. Нема полоша работа за уметник од тоа да мисли дека е најдобар. Во тој момент престанува учењето и предизвикот да направиш нешто подобро.
Во таа смисла, ви недостасува ли конкуренција?
Ани: Не, не гледаме на тоа така, иако имаше и доста „мртви“ периоди, кога буквално немаше никаква конкуренција. А фино е да се има, бидејќи на некој начин е фер натпревар.
Постои ли совршена фотографија?
Дими: Постои. На страна од добра композиција, добро светло, приказна, главниот репер за тоа што е добра фотографија е прво – дали е соодветна за намената за која што е направена и второ - дали може да го издржи времето, дали и после 10 години ќе може да биде сè уште актуелна... Ако имаш таква фотографија, со неограничен рок на траење, тогаш си многу блиску до совршена фотографија. Ени Лебовиц, или Ричард Аведон или Хелмут Њутн, се светски мајстори, чии фотографии и од пред 50 години денес изгледаат свежо. И во тоа е безвременоста и совршенството.
Што сè се смени од вашата прва фото-сесија?
Ани: Желбата за напредок била присутна и тогаш, а и сега е. Постои напредок во однос на тоа како визуелно да се изразиме... Сега знаеме повеќе работи, имаме повеќе искуство. Всушност, разликата е токму во искуството. Движечката сила е иста, но сега, со веќе изградено име доаѓа и поголема одговорност. А со таа репутација, да го задржиш и квалитетот.
Кој е натешкиот дел кога се работи една фото-сесија?
Дими: Кога ќе дојде клиент, кога плаќа, мора да се исполни тоа што го бара, тоа е многу важен сегмент од фотографијата. Тогаш не е ни толку важно колку си ти добар или имаш уметнички идеи... Тешката работа, ако може така да се каже, е да се исполни сè што тој бара. Од друга страна, нема многу тешки работи, ако ја сакаш работата и ако се трудиш. Важно е да сфатиш дека мора да работиш, не можеш да се откажеш, дека нема лесна работа, на страна од заработувачката. Нема момент кога си велиш, ок сега завршив и готово. Многу млади мислат дека е лесно да се стане фотограф. Не е лесно. Треба да балансираш со модел, светло, клиент...
Што најчесто ги советувате младите колеги?
Дими: Да работат и да мислат дека се лоши :). Фотографот секогаш треба да биде незадоволен, затоа што во спротивно престанува напредокот. Тоа е многу важно и повторно се навраќам на истиот разговор од погоре, но „најдобар сум“ е најчеста појава кај оние што допрва почнуваат. И тоа е нормално, и ние сме размислувале така. Но, важно е да се надмине тоа его и да се сфати дека мора да се учи. Нема скратен пат за напредок. Ако ништо друго, искуството и сите грешки со кои ќе се соочиш, ќе те направат подобар фотограф. Многу е важно секој уметник да падне, да се мачи, во смисла да се соочи со проблеми и предизвици, бидејќи начинот на кој што ќе се справи со нив, ќе биде важна лекција.
Кој медиум е најдобар за пренесување на фотографија?
Ани: Нема поубаво нешто кога ќе си ја видиш фотографијата испечатена, не е важно дали во списание или на билборд... Чувството е убаво, за тоа и е создадена. Интернетот нуди свои предности, но тежината на принтаната фотографија е поголема, без разлика за каков тип се работи.
Има ли суета помеѓу фотографите?
Дими: Има, како може да нема (се смее). Ние се трудиме да нема. Има ситуации кога, иако се познаваме, некои колеги не сакаат да се поздрават. Тоа е смешно, на граница со патетично. Во ера кога можеш да дознаеш исклучително многу работи преку Интернет, да чуваш знаење и да си вообразен е бесмислено. Така што, отворени сме за пријателство, размена на искуства со секој фотограф или човек што го интересира фотографијата. Се трудиме да им помогнеме на сите што почнуваат. Дури и на оние со кои можеби немаме идеална комуникација, доколку направат супер фотографии, немаме проблем тоа да го кажеме.
Бевте дел и од првиот интернационален самит на фотографи. Какви впечатоци носите од таму?
Дими: Многу ми е драго што Ангеловски со огромна волја и елан организираа и овозможија да имаме таков голем настан, кој изгледа како светски конгрес на фотографи. Од една страна, имаше добра екипа на предавачи, кои се навистина врвни, иако повеќето не се од нашата област, туку од свадбена фотографија. Но, тоа се луѓе што имаат еден куп награди и знаење, така што беше забавно и поучно да се слушне како тие работат. За жал, малку фотографи од Скопје го посетија настанот, што мислам дека треба да се смени. На Македонија ѝ се потребни вакви настани - да се прави размена со светските фотографи, да научиме нешто од нивното знаење и искуства, без разлика дали се работи за опрема, композиција... Убава е средбата. На настанот имаше свадбени фотографи, одлични фоторепортери, бевме и ние со нашиот стил на фотографија, и за три дена имате можност да запознаете три различни стила на фотографија, што сметам дека е одлично и за некој што почнува, но и за некој поискусен. Иако работиме една декада, сепак беше интересно да се слушне какви искуства имаат колегите од другите области. Би било убаво во иднина да дојдат што повеќе млади фотографи, бидејќи таквите настани се добри за напредување на македонската фотографија генерално.
Црно бела или фотографија во боја? Дигитална или филм?
Дими: Дали ќе е црно-бела или колор, зависи дали сакам да истакнам форма и емоција, нешто што црно-белата подобро го истканува, или нешто друго, каде што бојата ќе биде дел од приказната. А за второто, секоја си е приказна за себе. Криво ми е што немам повеќе време да си играм со апаратот со филм. Кај сликањето со филм ми се допаѓа што процесот е побавен. На пример, кога треба да исликаш филм со десет пози, мора многу повеќе да ги размислуваш фотографиите, бидејќи имаш ограничен простор, за разлика од дигиталниот медиум, кој ти овозможува да направиш 100 фотки за една сцена, па потоа од нив да бираш која е најдобра. Со денешното темпо на живот и работа немам многу време да се посветам, сепак дома имам два апарати и филмови за нив, со желба некогаш да ги исликам.
Како се подготвувате за фотосесија?
Дими: Правиме истражување. Јас многу сакам кога одам подготвен за задачата, без разлика за што се работи. Сакам да знам со кого и што си имам работа и сакам да знам што можам да направам од тоа, каков резултат можам да добијам. Гледам магазини, Пинтерест...
Ани: Јас на пример, не сакам да гледам туѓи фотографии или странски фоографии со локации и слично, бидејќи знам дека тоа тука не можам да го добијам. Кога ќе го видам местото, тогаш размислувам кој е максимумот што оттаму може да се извлече.
Дими: Мене тоа ме прави поподвогтвен, а неа покреативна. И двете опции се ок. Во однос на странските фотографии, и јас не ги преферирам за да не ми остане некоја идеја врежана во глава. А се случува да влијае. Имало и такви фотографии што не сме ги објавиле, бидејќи е без поента. Но, во свет каде што се создаваат милиони фотографии денвно, нормално е и тоа да се случи.
Имате и синче, што неодамна наполни четири години. Како изгледа еден ваш семеен ден, кога сте ослободени од професионални обврски?
Дими: Генерално, кога не сликаме и немаме фотографии за обработување, сакам да одиме надвор од Скопје или во природа. Сакам да му создадам љубов кон природата и планините пред сè. А од друга страна, и да го извадам од хаосот и загадениот воздух во Скопје. Ако времето не ни дозволува да сме надвор од градот, тогаш сакам да го возам на велосипед, во парк, повторно, за да развие љубов и кон таквиот начин на живот.
Ани: Јас го учам да црта, иако не е премногу талентиран (се смее), играме со лего коцки, ја развиваме креативната страна. Но, најважната работа е да сме присутни покрај него и да му посветиме време и внимание. Поради работата, понекогаш се случува да не можеме сосема да му се посветиме, што знае и мошне тешко да ни падне, особено кога го гледаме дека желно нè чека... Но, се трудиме сето тоа максимално да го надокнадиме.
Како се доживувате како родители, сметате ли дека успешно се соочувате и со тој предизвик?
Дими: Една од работите што се случува на глобален план, е што родителите стануваат премногу заштитнички настроени кон децата. Го разбирам тоа, понекогаш и ние сме такви, но од друга страна ми текнува дека и ние сме копале во кал, сме се „пентареле“ по дрва, сме возеле велосипед и ништо не ни фали. Се трудиме да не го „гњавиме“ со тоа дека не смее да се качи на велосипед без кацига сл. Да, во ред е да се грижите, но и ако падне, тоа е важна лекција и за него.
Ани: Ќе научи дека животот не е секогаш песна, дека ќе ги нема секогаш родителите да му даваат со лажиче во уста, да го штитат. Убаво е да се соочи со проблеми, да не биде разгален и да знае дека и да падне – ќе го боли – и ќе помине.
Дими: Важно е да го направите детето поцврсто. Инаку, во нашиот случај, јас сум „лошиот“, односно строгиот, бидејќи сметам, иако не значи дека сум во право, дека таткото треба да ја има таа улога, а детето треба да најде утеха во мајката.