организатори на првата сит - ски школа во Македонија

Заедно ги разбиваме стереотипите за лицата со попреченост

Интервју со
Гере Трипков и Вангел Тркаљанов
2 април 2019

Вангел со неговата „Без ограничувања“, а Гере со „Equality“ се вистински пример за сè она што луѓето со попреченост можат да го постигнат, а им било кажано дека можеби нема да можат. Трипков и Тркаљанов неодамна беа домаќини на првата сит – ски школа организирана во Македонија, на која вкупно 13 лица со разни видови попреченост докажаа дека спортот е за сите. Преку нивните организации и неверојатните проекти што ги спремаат, докажуваат колку е важно да се отстранат бариерите што постојат во ова општество за нивно нормално функционирање. Преку нивни лични искуства, тие накратко нѝ доловија како изгледа еден „обичен“ ден за нив, колку е важно сите да сме трпеливи, уште поважно сите институции да се пристапни, а најважно, да ги прифатиме и никогаш да не се сомневаме во нивните можности. Ние имавме чест да поминеме едно претпладне со нив и да разговараме на исклучително важни теми на кои има уште многу да се работи. Иако знаевме, тие само нѝ потврдија колку се залагаат за лицата со попреченост и дека има уште многу што да понудат, а дознавме и дека се ултра забавни и имаат супер проекти кои едвај чекаме да ги реализираат.

Ако досега не сте се запознале, во продолжение ви ги претставуваме Гере Трипков и Вангел Тркаљанов. 

-Како дојде до реализација на идејата за сит – ски школа во Маврово?

Вангел: Идејата ми беше од пред три – четири години кога прв пат пробав сит – скиинг во Италија. Желбата ја имав некои 10, 11 години кога прв пат видов дека лица со попреченост можат да се занимаваат и со скијање и дека попреченоста воопшто не ги ограничува. Пред четири сезони отидов во Италија каде пробав сит скиинг и оттогаш се зљубив во овој спорт бидејќи и претходно скијав. Следната година отидов пак, но ми беше доста напорно бидејќи морав да возам 1700 км во еден правец и сакав да најдам нешто што е поблиску. Така ги најдов Велшаните кои се експерти и кои се занимаваат со обучување на тренери за сит скиинг. Во тој момент беа во Бугарија и работеа исклучиво со лица од Велика Британија. Станав дел од нивната сит-ски школа и така и почнавме да разговараме за тоа да организираме една ваква школа во Македонија. Оваа година конечно мојата идеја се реализираше. Во изминативе три години активно работев на пронаѓање на лица кои може да ми бидат од помош како Гере, како Јане Стефанов и останатите кои ме подржаа. Наоѓав грантови за сè ова да може да се реализира.

-Имаше ли заинтересирани за учество, наидовте ли на проблеми во однос на организација и слично?

Вангел: Од ски центарот „Заре Лазаревски“ во Маврово и од хотелот „Спорт“ беа на добра волја да нѝ помогнат. Најголем дел од трошоците за сместување и за ски билети беа покриени од страна на ски центарот и хотелот. Сакам да им изразам огромна благодарност во овој момент. Бидејќи оваа идеја не беше од денес за утре, јас ја обмислував и бев во обид да ја реализирам подолго време, имаше голем број заинтересирани, но дел поради неизвесноста и поради тоа што не го искусиле ова, се откажаа со изговор дека ќе пробаат од следната година. За првиот ски камп имавме 13 лица, а и поголем број тренери нѝ излегоа во пресрет. За следната година планираме повеќе ски кампови, не само еден, имаме обучено повеќе тренери, а во процес сме на набавка на уште опрема. Во моментов во Македонија имаме само два сета за скијање, но во процедура сме за набавка на повеќе. Планираме и летни кампови во кои ќе бидат вклучени повеќе спортови, а не само еден.

Гере: Јас сакам да се навратам на прашањето за учесниците во сит-ски школата. Многу битен елемент е што имавме луѓе со попреченост од различен тип. Не беа само параплегичари како мене, туку имаше и луѓе кои имаа посебен тип на попреченост и тоа е битно да се спомене, бидејќи успеавме на некој начин уште од првата сит ски школа да ги привлечеме луѓето и што не се од Скопје. Драго ми е што и Вангел одеше на опцијата да опфатиме повеќе општини, затоа што сакаме да го промовираме како еден вид национален проект, а не лоцирано само во Скопје. Во однос на плановите, оваа прва сит – ски школа беше еден вид тест за нас, да видиме како ќе поминеме, каков ќе биде фид бекот од страна на институциите и компаниите, и секако, да го видиме пулсот на сите оние кои може да нè поддржат. Сега видовме дека има добра шанса сит – ски школите да бидат уште поуспешни. Како надоврзување на ова планираме да ги споиме, да биде тоа целогодишна програма, односно да има зимски и летни спортови. Летните школи за адаптивни спортови ќе бидат во еден од нашите туристички центри, на езеро. Уште сме во преговори на кое точно место. Сакаме да имаме летна школа која ќе вклучува спортови како кајак, пливање, нуркање...сакаме да го заокружиме проектот, да не застанува во зима или лето, туку да биде долготраен процес.

-Кои се импресиите на учесниците, можно ли е да се опише ваквото чувство на успех?

Гере: Тука има два аспекти. Едниот аспект е тоа што лицата со попреченост имаат некоја позитивна енергија во нив што е многу добро и за нас, она што го добиваме за возврат, онаа благодарност, дружељубивост, е нешто неверојатно. Таму имавме и луѓе кои во животот се соочуваат со маргинализација во своите средини. Сме успеале да допреме до нив, тие се охрабриле тоа да го направат, иако се соочуваат со длабоки проблеми, а тоа делува и на психата. Од друга страна, имаме таков аспект што нè охрабрува и за понатаму. Ние обучивме и сит ски инструктори, односно тоа го направија Велшаните кои нѝ беа гости и се експерти во областа. Верувам дека веќе ќе се појавуваат лица како мене или Вангел кои индивидуално ќе го практикуваат овој спорт.

-Значи ли ова и поголема самодоверба кај сите оние лица со попреченост кои би сакале да спортуваат?

Гере: Да, секако. Иако постои нешто што не секогаш се гледа, а тоа е некој вид на здравствена проценка на самиот човек, односно потенцијалниот учесник. Себепроценка, дали јас сакам, каква ми е повредата, каква ми е здравствената состојба, дали јас можам или не можам тоа да го практикувам и слично. На крајот, важно е дека сите заминаа среќни и насмеани.

-Се сомневаше ли некој дека сит - ски школата нема да успее?

Гере: Да, сите. И јас се сомневав. Но, не во сит-ски школата бидејќи одамна го познавав Вангел, туку во себе. Имав некои лични, индивидуални убедувања дека можеби јас не можам, а од друга страна ги знаеме нашите услови во нашите ски центри. Бев малку скептичен како сето тоа ќе изгледа. Се направија огромни напори за сето ова да успее. Ски центарот „Заре Лазаревски“ реално беше единствениот ски центар што ги даде сите ресурси на располагање.

Вангел: Тие нѝ понудија максимална помош од сите можни аспекти. Сега менаџерите од ски центарот се расположени за адаптирање и на ски лифтовите и на жичарата и на дел од сместувачките капацитети, бидејќи размислуваме за проширување на програмата и привлекување странски туристи.

-Вангел, кои се најголемите успеси на здружението „Без ограничувања“ досега? Кои се Вашите најголеми предизвици за иднина?

Здружението „Без ограничувања“ се занимава со промоција и унапредување на правата на лицата со попреченост. Преку спортот, кој е еден сегмент и многу важен, можеме да ги промовираме вистинските потреби и вистинските можности на лицата со попреченост. Од друга страна е немањето свест на општеството за нашите потреби, па затоа и еден од последните проекти беше испитување на пристапноста на здравствени институции и прикажување на потребите на лицата со попреченост од активни инвалидски колички. Одржавме повеќе работилници, беа направени испитувања баш од лица со попреченост кои одеа на лице место и ги исптиуваа условите, по што беа направени брошури, а направивме и статистички податоци кои беа промовирани јавно токму за пристапноста и дојдовме до едни запрепастувачки резултати што за мене беа и очекувани. Кога ќе погледнеме, ситуацијата во нашата земја е навистина очајна.  Како надвор, така и внатре во институциите, на паркингот, пристапот до него....

-Што да се направи за да се подобрат резултатите­?

Вангел: Да се почитуваат законите.

Гере: Мислам дека тука навлегуваме малку и во нашиот менталитет. Мораме да бидеме отворени за промени. Да ја поминеме таа бариера која всушност не е наша бариера, туку бариера од другата страна. Зборуваме за институции, фирми, јавни средини итн. Откако ќе ја поминеме таа бариера, на што ние работиме со ваквите проекти, сакаме да ја разбиеме дистанцата меѓу нас и останатите. Откако ќе ја разбиеме таа дистанца, одиме на втор чекор, а тоа е како ние да помогнеме на другата страна да стане поотворена со укажување на сите оние проблеми кои ние ги имаме. Еве еден конкретен пример кој можеби никој не го размислувал. Ако паркирате до мојот автомобил од страната на возачкото седиште и сте одалечени помалку од 80 cм од мојата врата, јас не можам да пристапам до возилото. Не можам да пристапам со количката, не можам да ја внесам внатре во автомобилот и не можам да заминам. Тие места се на обележани простори што се најблиску до пристапната патека, што имаат најмногу простор помеѓу автомбилите и сето тоа е добро осмислено за нас. Тоа е пракса која постои во светот, дури и не станува прашање дали јас треба да го заземам тоа место или не. Сега работиме и сме посветени да ја разбиеме дистанцата помеѓу нас и општеството. Друго е кога ќе влезете во „моите чевли“ и ќе видите со што се соочувам јас, а друго е кога гледате од ваша перспектива. Друг пример е оној колку време му треба на човек што нормално функционира за да се подготви од сабајле, а колку на нас. На нас ни е потребно од еден до два часа повеќе за нормално да функционираме, кај нас во Македонија. Тоа е реално ¼ од вашето работно време.

-Гере, кажи нѝ нешто повеќе за новиот конкурс за проектот „Инклузија, не ексклузија“...

Новиот конкурс што го објавивме со „Скопје постер фестивалот“ е на тема инклузија, за вклучување на лицата во општествените текови, во општественото живеење, намалување на таа бариера, на маргинализацијата. Конкурсот се вика „Инклузија, не ексклузија“ и е во соработка со швајцарската амбасада. Ова е тема која денес е многу горлива, не само во Македонија, туку и самиот Балкан некако е пример кои работи треба да се поправат, а не да се гордееме само со убавините што нашите земји ги поседуваат. Тоа е конкурс што е наменет само за европски студенти, а финалето ќе биде работилница во некој од нашите туристички центри, најверојатно во Преспа. Ќе ги поканиме победниците заедно со менторите, кои ќе бидат сместени заедно во куќа 10 дена и ќе работат дополнително на дела кои ќе ги изложиме по настанот. Најверојатно ќе издадеме и публикација од сите дела и ќе ја искористиме истата за подигање на свеста кај луѓето.

Во однос на „Скопје постер фестивал“ и неговото 11-то издание, сè уште немаме датум, но се спремаме. Минатата година направивме еден конкурс кој ги сумираше сите десет години, вклучително на тема „Моќта на плакатот“, оваа година подготвуваме друга, но повторно и повторно опшествено релевантна тема.

-Кој е следниот предизвик за вас?

Гере: Вангел со неговата „Без ограничувања“, јас со мојата „Equality“ како организација која исто така ќе се занимава со прашањата на лицата со попреченост и нивно етаблирање во јавноста, сакам да направиме еден вид апликација која ќе биде од помош за нормалното функционирање. Повеќе планови ќе откриеме во иднина, сакаме тоа да биде еден вид врска помеѓу нас, помеѓу институциите и општините и на крај да имаме некои релевантни информации, статистики од таа апликација која ќе ни каже во која насока да се движиме понатаму. Каде имаме најголеми проблеми, кои се најголемите предизвици и потоа заедно ќе пробаме да нудиме конкретни решенија. Дали тоа ќе биде од типот на физички бариери, услуги, ќе видиме, бидејќи за сè има решение, а и ние самите се соочуваме со истите.

Вангел: Покрај ова што Гере го спомена, со овие летни и зимски кампови ќе се развива и јавната свест, тој веќе искористи пример за тоа како изгледа кога некој ќе се паркира до него. Од друга страна, во зимски центар каде што има снег, луѓето не се навикнати да видат човек во количка и тоа беше и најголемото изненадување кога не видоа таму. Секако дека обележаните места беа  зафатени, иако најчесто ги нема или се малку, од лица кои не се со попреченост. Е тука сакаме да ја развиеме јавната свест, дека ние можеме да возиме и дека тие места се потребни за да бидеме најблизу до објектот. Ќе кажам уште еден пример за тоа како се менува перцепцијата за лицата со попреченост преку позитивни примери. Кога бев во Хрватска на „wakeboarding“ и кога успеав без помош да го постигнам она што го сакав, луѓето се изненадија. Некои од нив пробаа и на даската за седење, па дури и на таа не успеја, е дури тогаш се смени перцепцијата за нас дека не сме компетентни за водени спортови или било какви други. Тогаш, почнаа да доаѓаат кај мене и да ме прашуваат од кога се занимавам со овој спорт, а кога слушнаа дека и мене ми беше прв пат, се изненадија од мојата способност, односно не само од мојата, туку и на сите лица со попреченост кои не се неспособни за спортување.

Фото: ЗГПК Без ограничувања

-Која е најголемата инспирација во вашиот живот?

Гере: Мислам дека животот и прифаќањето на различностите. Ако прифатиме различност, тогаш сме на чекор поблиску до љубовта. Ако е убаво само она што сме ние, тогаш живееме во свој убав свет, но ако ги прифатиме различностите надвор од нашиот свет, тогаш сме отворени и позитивни и подуховно развиени.

Вангел: Инспирација секогаш се добива во моментот кога ќе излезеш надвор од Македонија и кога ќе ги видиш можностите кои се нудат во светот. Многу често инспирација, иако можеби звучи нескромно, сум си бил сам на себе. После мојата повреда, имав наговестување дека ќе бидам во кревет, дека нема да можам ниту да седам, дури ни во количка, бидејќи бев дијагностициран со квадриплегија. Но, докажав многу работи. Дали е тоа мотивација, инает или инспирација, не знам, но направив сè за што ми рекоа дека нема да можам, вклучувајќи го и пливањето, сит скиингот, скокањето со падобран... Сит скиингот е предвиден за луѓе со многу полесни повреди од мојата и ми рекоа дека нема да можам, а јас докажав дека е можно.

Објавено:
2 април 2019
object(stdClass)#455 (8) { ["nid"]=> string(5) "21349" ["ga_count"]=> string(4) "2072" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689717600" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689717600" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.072 пати