Жарко Димитриоски: Сакам да сум продуцент на реално шоу

Интервју со •
13 декември 2014

Секоја сабота го гледаме Еден на Еден со личности од јавниот живот од Македонија, а и регионот. Хуморот е неизбежен дел не само во неговата емисија, социјалните мрежи преку кои комуницира, туку и во неговиот живот. Млад и позитивен, водителот Жарко Димитриоски се согласи да биде еден на еден со Fashionel, но на наш терен и да одговори на неколку брзи прашања.

Доколку сакате да дознаете што го прави Жарко среќен, што е последната работа што ја купил, какви му се амбициите и уште многу други интересни и не толку познати работи за него, прочитајте го интервјуто во продолжение:

Каква е моменталната состојба на твојот ум?

-Хаотична! Се бори со разни дијагнози. Фрчат мисли и електрицитетот е доволен да си го напојувам домот под услов да не пуштам бојлер многу често.

Кога би можел да смениш една работа кај себе, која би била?

-Би ми било поубаво кога попросто би гледал на работите. Ignorance is bliss. Им завидувам на таквите, ама кај мене тој софтвер не е инсталиран, за жал.

Џими Фалон – само инспирација или пример?

-Не знам. Многу повеќе Крег Фергусон, Кимел, SNL и Хауард Стерн. Иако, Фалон неминовно е број еден на пазарот, очигледно не сум јас добар репер.

Кога си најсреќен?

- Кога муабетам со некого и ми минуваат часови во истото. Нема ништо поисполнувачко од тоа да седнеш и искрено да си муабетиш, филозофираш, менуваш размисли, идеи, искуства...

Да можеш повторно да се родиш, би бил...? 

-Продуцент на некое евтино српско ријалити на кое ќе го бараме најдоброто дете-пејач на песни од Цеца. Ќе скокнувам 10-ина минути до студио да видам како оди снимањето и да им дадам пар совети на Шабан и Харис, после на тенис со пријателите, а вечерите ќе ги поминувам во мојата хациенда во Сењак или Дедиње, каде ќе пливам во 25-метарскиот базен полн со евра, заедно со следните, едвај полнолетни, фолк ѕвезди.

Кое е последното парче облека што си го купи?

-Купувам еднаш годишно. Не се шегувам. Не сакам шопинзи и таков тип на работи, одам еднаш годишно во неколку бутика и купувам 3-4 сакоа, 3-4 панталони, 3-4 кошули, пар блузи и сум готов за годината. Единствено нешто што го правам во следните 365 дена поконтинуирано е што  си се подновувам со некои интересни Адидас маици, патики, дуксери.

Која е твојата најголема страст?

-Нашата маркетинг агенција, продукцијата во која работиме како нездрави, музика, психологија, астрономија и Хауард Стерн. Летаат страсти!

И за крај, со кого би сакал да бидеш еден на еден? И зошто?

-Со девојката. Зашто не можам да имам секс сам со себе...

Објавено:
13 декември 2014
bool(false)