Жени во АРМ: Униформата на АРМ е чест, а бисерите задоволство (втор дел)

Интервју со •
26 февруари 2015

Вториот дел од  нашиот ден во посетата на Армијата, го помиваме во касарната „Илинден“. Откако завршивме со сите законски процедури пред да влеземе зад капијата,  пред нас се отвори една нова димензија, еден поинаков свет кој недалеку од целиот градски метеж и хаос, создава една изолирана средина во која владее дисциплина и достоинство. Додека се движевме кон баталјонот за врски каде што не очекуваше подофицерот за движење и транспорт,  Верица Илиевска, се воодушевувавме на перфектно уредената околина: пространа чистина, зеленило во недоглед , дисциплина владее насекаде, а чистиот воздух се дише со полни гради.

Верица Илиевска Верица Илиевска

Подофицерот Верица Илиевска не' пречека со широка насмевка. Прво што забележавме кај неа беше перфектната уредност, соодветно собрана коса, работната униформа на која беа аплицирани нејзините чинови, исправеното држење кое секако е рефлексија на професионалоста и искрен сјај во очите кој кажуваше дека тука таа ќе ни раскаже приказна која заслужува да ја чуе јавноста и која ќе ни ја доближи сликата за жената во Армијата на Република Македонија.

Нејзиниот работен простор беше полн со позитивна енергија: многу фотографии од нејзиното семејство и блиски луѓе, ракотворби од нејзините дечиња, фотографии од колеги, различни професионални признанија, распореди за работни обврски, но и една интересна рамка за фотографија на која пишуваше: shopping girl, за која таа ќе се насмее и ќе каже дека токму тоа е нејзината слаба страна.

Откако не' понудија со топло кафе, Верица почна да ни раскажува како во суштина спонтано дошло до нејзиното влегување во Армијата, за која најголем „ виновник“  била нејзината мајка која ја пријавила на јавен конкурс за нови членови. И тоа е вистинската причина зошто таа денеска е таква каква што е: жена со цврсто изграден карактер, дисциплинирана во секој поглед, рационална во размислувањата, но истовремено и жена која ужива во шопинг, ја следи модата, најслаткото кафе го пие со колешките и често оди во театар.

„АРМ може да биде вистинска платформа за професионален развој на една амбициозна, храбра, издржлива, дисциплинирана, со еден збор жена која навистина го сака тоа што го работи односно вистински ја сака оваа повеќе „машка“ професија. Денеска жената ја има секаде па и во Армијата застана рамо до рамо до посилниот пол како што секогаш велиме, меѓутоа баш поради тоа мораме да признаеме дека жената мора да даде и да се докаже многу повеќе за да успее да биде рамо до рамо со мажите. Исто така Армијата нуди можност за школувања и надоградувања на професионално поле, а со тоа и запознавање колеги од другите држави што е навистина едно непроценливо богатство“, задоволно ни раскажуваше Верица која благодарение на нејзината упорност успеала професионално да се надоградува на повеќе нивоа во рамките на својата институција.

Додека разговаравме со Верица во нејзината канцеларија, постојано ѕвонеа службените телефони,  што ни укажа на фактот дека нејзината работна позиција бара постојан контакт со колегите на терен и нивна координација. Па ја прашавме, како изгледа едно нејзино работно секојдневие.

„Секој нов ден за мене е предизвик. Секој работен ден за мене претставува предизвик за нови достигнувања, за постигнување нови резултати на поставените задачи, заедно со добрата соработка со колегите од  другите единици, а понекогаш и соработката со цивилните структури, кога за тоа има потреба. Мојата обврска на моето работно место е одговорно и сериозно да дадам логистичка поддршка за мојата единица, односно моето секојдневие е исполнето сo многу контакти, односно соработка со колегите од мојата и другите единици“, вели Верица.

Првиот визуелен печат за нејзината припадност е нејзината униформа, на која на левата страна-блиску до срцето е испишано нејзиното име и презиме. Кога ќе ја облечеш оваа униформа, покрај тоа што е голема привилегија, достоинство и престиж, исто така значи и огромна одговорност кон својата татковина и нејзините граѓани. Верица ни објасни какви се типови униформи има Армијата и што се тие содржат.

„Постојат три различни видови на униформи на АРМ: работна униформа (маскирна), службена униформа и свечена. Униформата која ја носам секојдневно на работа вклучува панталони, пододело, блуза, ветровка и чизми. Службената униформа освен панталони содржи и женско здолниште, исто така и свечената униформа“, потенцираше нашата соговорничка.

Но, надвор од работното секојдневие, Верица има свој препознатлив стил кој е дефиниција за женственост и елеганција .

„Јас како и повеќето жени имам изградено свој стил на облекување, што го сметам за нешто што го отсликува карактерот на една личност. Инаку мојата професионална определба не влијае на мојот личен стил на облекување. Меѓутоа сепак како ќе бидам облечена зависи од местото каде што треба да отидам. Најмногу внимавам на тоа како тоа парче е искомбинирано и дали ми прилега“, вели Верица.

Со оглед на тоа дека Верица исклучително внимава на својот имиџ, не' интересираше и што таа лично смета за највпечатлив момент во нејзиниот изглед.

„За личен печат на мојот имиџ ги сметам моите интерени парчиња гардероба и модни додатоци кои секогаш обожувам да ги купувам и носам. Кога велам интересни парчиња гардероба мислам на необичните кои секогаш ме привлекуваат повеќе од она класичното“, вели Верица и додава дека нејзиниот плакар е огледало на нејзината главна пасија – шопингот и затоа постојано нема место и секогаш е во потрага по поголем плакар. Затоа за себе милува да каже дека е купохоличарка и дека е лечност која ужива да купува и секогаш внимава на тоа што ќе облече.

Но, нејзината мултифункционалност има уште една, многу значајна улога: Верица е мајка на две малолетни дечиња кои се главната причина за нејзините животни радости и кои целосно го исполнуваат нејзиното време надвор од работните обврски.

„Слободното време што скоро и го немам секогаш, се обидувам да го искористам за да се одморам, да ги прошетам децата, да се дружам со пријатели, да одгледам една убава театарска претстава“, го привршивме разговорот со оваа храбра жена која  успешно се соочува со своите секојдневни предизвици на својата сериозна позиција која бара целосна посветеноста, а истовремено ужива во привилегијата да се биде жена и мајка и сите пасии на женскиот свет.

Жените во униформа, мајките во Армијата, со машка храброст и издржливост, а дами во своето секојдневие – тоа се жени во кои треба да се огледаме сите ние.

 

Објавено:
26 февруари 2015
bool(false)