Проект „40-те се новите 20-ти

Животот нема „демо“ верзија

Интервју со
Бранка Костиќ-Марковиќ
4 декември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Токму таква дама е и Бранка Костиќ – Марковиќ. Како музички критичар, слави полнолетство на телевизија „Телма“. Како Дон Кихот во новинарството и медиумите, за вистинските љубители на музиката и уметноста се труди да одржи и опстане врската, за која вели, во денешно време е неодржлива. Убедена е дека уметноста е посилна од естрадата. Прецизна во изразот и ставот, со Бранка можете долго да разговарате. Таа одвои време да ги сподели своите досегашни животни и професионални искуства, и со нас да создаде едно ново и поинакво. Нејзиниот живот е музика, но каква, за тоа што е убава жена за неа, за одразот во огледало, личните животни борби, читате во продолжение.

Уживајте!

Што научивте од животот досега?

-Многу работи, а сепак малку во однос на вечноста. Секој ден е нова лекција, но и ново задоволство. Кога ќе размисли човек, толку многу комплицираме, а потоа повторно се обидуваме да им се вратиме на базичните вредности и вистини. Како деца сите ние сме многу едноставни, многу малку ни треба за среќа, а потоа започнуваме да си го трупаме животот со непотребни мисли, материјални нешта, обврски, должности, кои само не тераат да им робуваме. Подоцна, сфаќајки ја апсурдноста на ваквата зависност, повторно сакаме да му се вратиме на детето во нас и да си ја вратиме едноставната живеачка. Тоа е тој животен (полу)круг „дете-човек-старец“ кој неминовно го поминува секое едно човечко битие. Мајсторството е во сите етапи да најдеме радост, да не ги пропуштаме пружените шанси за приватно и професионално реализирање и да не дозволиме да  остапиме од нашата визија за животот. Најнесреќни се оние кои дозволиле да влезат во замката во која својот живот го замениле со туѓ. Таа „финта“ никогаш не успева. Тогаш во зрелите години настапуваат разочарувањата, соочувањата со неминовните „грешки во чекори“, пукањето на убавиот меур од сапуница. Животот нема „демо“ верзија, ниту пак се дели на теорија и пракса. Морате симултано да учите и применувате. Се трудам тоа да го правам највешто што можам и со минимум жолти и црвени картони. Научив дека нема апсолутно совршенство и дека токму во тоа е убавината.

Кои се предностите и моќта на жените во 40-тите?

-Ако се задоволни од она што го направиле дотогаш, жените после 40-те зрачат со авторитет, убавина и спокој, кои се резултат на комоцијата која ја чувствуваат во својот ум и тело. Зрели се, стамени во своите ставови, точно знаат што сакаат, а што не, ретко може да им се подметне, уживаат без задршка, посветени се на она што вистински им значи, отворени се кон новите предизвици, но и резервирани кон она што проверено им штети. Кога нешто не им „штима“, категорично велат „не“, мудро селектираат, не се толку импулсивни и знаат да дадат фора ако веруваат во полезноста на конечниот  исход. Оние жени кои претходно вложувале во хранењето на својот дух, барем онолку колку што посветувале внимание на својата физичка појава, сега уживаат во благодетите од влогот во себе. Оние другите, кои воделе живот кој бил неискрен, пред сé кон самите себе, на кои животот им бил театарска претстава во која само глумеле, а не живееле, кои своето јас го темелеле едниствено врз надворешниот изглед, веќе во 40-те почнуваат да го живеат својот очај – за нив секоја бора значи старост, а не мудрост и искуство, секоја коцка чоколадо значи вишок килограми, а не слатко уживање, секое појавување во јавноста значи технички преглед на нивната амортизација, а не чин на дружење, опуштање, или можност за шегување на сметка на своите мани и доблести. Не е пријатно кога „годините-извршителки“ ќе дојдат во наплата на својата провизија.

Инаку, 40-те се години кога почнуваат првите сумирања за стореното. Млади сте за предавање, но во исто време и стари за навраќање кон некои непроживеани работи. Мислам дека тајната на (не)задоволството лежи во вистинското димензионирање на желбите. Ништо не е можно без сонување и копнеење, но нереалните желби во младоста водат кон незадоволство во староста. Има многу несреќни луѓе само заради тоа вештачки создадено незадоволство. Тие својот неуспех го препишуваат на други луѓе, на „виша сила“, завидуваат на туѓ успех небаре истот ним им е земен пред нос, а притоа не мрднале со прст за да си создадат услови за него. Нив не можете да ги израдувате ниту со најскапиот подарок, ниту со најубавиот гест. Никогаш не им е доста. Е тие жени си патат од сопствената глава и иако носеле потенцијална убавина, истата низ годините ја претвораат во одбивност во очите на другите. Тука не мислам на оние жени кои за жал имале вистински тежок живот, со семејни неприлики и здравствени проблеми. Иако, не по нивна вина, тие се здобиле со трајни лузни кои извираат од секоја една пора. Е за нив ми се кине срцето и да можам би ги конфискувала сите оние непотребни луксузи кои ги уживаат овие првиве и би им ги дала ним. Но, темава е деликатна и би можела вака да говорам до утре. Колку жени, толку приказни. Но, се чини дека мајсторството за задржување на убавината од младоста за старост е во тоа да најдеме начин како подобро да пливаме низ животот, да не офкаме како сé нешто ни недостасува и некој друг е виновен за нашите нереализирани планови, а притоа да го користиме секој еден пружен момент за уживање.

Вашата дефиниција за убава жена?

-Не сум сигурна дали постои дефиниција, но можам да ви ја кажам мојата перцепција. За мене е убава онаа жена која кога ќе ви влезе во видокругот не можете да ја игнорирате нејзината енергија. Впечатлива е, го привлекува вашето внимание, сакате да ја гледате и слушате и љубопитни сте да дознаете нешто повеќе за неа. Како е тоа постигнато зависи од случај до случај. Некогаш станува збор за рафинираност, нежност, питомост, ненаметлива, но складна појавност, но некогаш за доминантен поглед, впечатлив глас, интересен стајлинг, екцентричност, уникатност ... Се разбира, постојат и универзални убавини за кои е постигнат светски консензус, како онаа на Моника Белучи, но и такви кон кои дел од луѓето покажуваат инфериорност, па дури и антагонизам, а дел особено силна симпатија, како на пример специфичната убавина на Глен Клоуз, Мерил Стрип или Хелен Бонам Картер. Сепак, главно се работи за прилично лична работа, од сплет на индивидуални афинитетит, предрасуди, опкружување и конечно хемија, односно енергија. А целово ова мое мудрување на темава знам дека ќе падне во вода уште при првата воздишка на еден маж кога пред очи ќе му помине некоја физички раскошна убавица со сите женски атрибути. Како и да вртиме, колку и да наоѓаме алиби за нашата подлабока  перцепција на женската убавина, за миг ќе нè матира некоја подотворена уста на заведен маж (се смее). Џабе ни е да се лажеме дека физикусот не е важен, но доколку истиот не е поткрепен со други нешта, подоцна во животот станува обична каросерија со изгубен сјај. Јас сум среќна што имам сопруг со кој се сакаме во пакет со сите мани и доблести, па не сум потресена што украсната хартија во која сме завиткани почнува да се подзакинува со годините (се смее).

Задоволни ли сте со себе денеска?

-Да. Се разбира, никогаш до крај, но белким тоа не движи напред, тоа не ни дава да се опуштиме до ниво на летаргија, со тоа покажуваме дека ни значи какво ќе биде чувството кон нас од оние кои ни се важни. Порано, во раната младост мислев дека е празна фраза или алиби за староста, кога некој ќе речеше дека му е важно прво тој да си се допаѓа и да е комотен во сопствената кожа, па потоа доаѓа мислењето на другите, но сега сфаќам дека е тоа логична последица не нечија зрелост. Денес, кога ќе ме прашаат како не ме мрзи и како стигнувам секое утро да сум нашминкана и срдена до последното влакно на косата, а имам толку многу утрински трчаници како и секој родител, јас велам дека тоа ми е мојата јога. Тоа ми е единственото време за себе и со себе. Станувам час порано, но токму тој час ми е особено важен. Додека појадувам ги читам вестите „онлајн“, па оставам фејсбук да ми прави друштво и почнувам да се шминкам. Тогаш си ги средувам мислите, резимирам, правам планови за денот. Шминкањето ми е своевидна компензација за тоа што не станав ликовен уметник (уште една животна желба покрај музиката). Сите мои блиски знаат дека воопшто не ми е мака кога ги шминкам за посебни пригоди и дека уживам во тоа сликање на нивното лице. Таа моја утринска рутина ме прави подготвена за да можам без проблем да се втурнам во секојдневието. Така функционирам јас, што не значи дека така треба да функционираат другите. Секој си има некоја своја мантра. Важно е да се биде во добар однос со себе, зашто само така може да се градат добри односи со другите.

Си префрлувам што не наоѓам време за некоја физичка активност, а која гледам дека ми е многу потребна. Но, уште некоја година ќе ме одржува трчањето по син ми Марко, а потоа ќе се зачленам во некој фитнес клуб.

Како се чувствувате кога денеска ќе се погледнете во огледало?

-Некогаш пријатно, некогаш помалку пријатно заради подочниците и црвенилото со кои редовно се борам заради чувствителноста која ја имаат речиси сите луѓе со  светли очи и од тешкотиите кои ги носи загаденото место на живеење како Скопје. Но, главно сум задоволна и свесна за одразот во огледалото, а уште посвесна дека со само една весела мисла, убава музика, некоја будалаштина со најблиските, сé се поправа, односно заборава. Сигурно секој ќе се сети на некоја таква ситуација, кога ќе се израдувате за некоја работа и лицето почнува да ви свети, нешто што не се постигнува и со најскапиот мејкап. Инаку, ако се вратиме на практичните нешта, јас сум од оние кои се имаат решено за секојдневно домашно негување, наместо скапи повремени козметички третмани. Не посетувам козматички салони, но затоа откако паметам дека користам козметички производи, немам легнато со шминка и немам ниту еден поминат миг без крем на лицето. Тајната не е во скапите производи и третмани, туку во континуитетот. Но, затоа кусата коса му е доверена на професионалец. Ете речиси две децении ме потстрижува Сретен. Тоа не можам да го правам самата, а и да можам повторно би одела кај него зашто за ништо не би ги менувала неговите вешти раце, но и муабети за уметноста. Јас сум лојален тип и работите кои добро функционираат не ги менува по никаква цена. А огледалото, знае и да искара кога ќе се занесеме и кога не сме благодарни, но може и да пофали доколку ве види емотивно падната. Само бара искрено да го погледнете.  

Која музика би го „осликала“ Вашиот живот?

-Не сум размислувала, зашто музиката е многу важен дел од мојот живот откако паметам за себе. Можеби, полесно би одбрала музика која би ме илустрирала, односно би ги илустрирала моите различни расположенија. Но, и таа не би била една. Бах и Гарбарек кога сум сама со себе, добар фанк кога се радувам, Стравински кога во мене се надмудруваат неколкуте јас, поп музиката од 80-тите за дружба, џез и класика кога строгиот музички критичар во мене е во прв план, впечатлив гитарски риф кога возам (што се обидувам да не го практикувамзашто обожувам брзина), Крафтверк, Ино и компанија за посебни ментални состојби... Но, ако морам да изберам, еве јас би си се обоила во музиката на Пинк Флојд, за сите прилики и засекогаш (се смее).

Како изгледа врската – Македонија и музички критичар?

-Многу нестварно. Генерално, да се биде музички мислител во Македонија е крајно неодржлив профил и може да опстои едниствено со континуиран дотур на висока свест, голема љубов и ентузијазам. Но, јас си ја сакам мојата професија и не би ја менувала за ништо. Од себе не се бега. Но, да се разбереме, ниту моите колеги во светот не можат да се пофалалат дека нивната работа е меѓу оние највалоризираните. Сепак, тие имаат далеку подобри услови и средина за работа. Кај нас станува сé потешко и потешко живеењето со музиката, и како уметност и како наука.

Која е најголемата  битка во Вашиот живот досега?

-Најголемата извојувана интимна битка ми е мојот син Марко, која е всушност една голема семејна и медицинска победа. А најголемата професионална битка која постојано ја војувам, и која очигледно во моментов е најжестока, е да докажам дека ефтините краткорочни атрактивни финти, исто толку ефтино, краткорочно и неатрактивно завршуваат и дека само вистинските вредности траат долго и се полезни за човештвото. Убедена сум дека уметноста секогаш била и ќе биде посилна од естрадата, колку и да ме убедуваат во спротивното.

Сметате ли дека 40 – тите се новите 20 – ти?

-Не. Ниту некогаш биле, ниту ќе бидат. Колку и да се залажуваме дека тоа може да биде така, не може. Баш и не можам да се сетам дека кога имав 20 години станував со укочен грб или дека ми беше проблем со трчање да стасам „киднат“ автобус (се смее) „Задоволствата“ што ги носат одминатите годините не се поправаат со „Фотошоп“ кој создава привид само за на Фејсбук. Каросеријата можеш да ја светнеш, но моторот, не (се смее). Но, ова не значи дека 40-те не можат да бидат поубави од 20-те. Имаат тие многу предности и јас си ги сакам моите 43, толку колку и моите 23. Најлошо е човек да биде во заблуда и да се бламира себе сй, глумејќи нешто што не е. Напротив, треба да ужива во сé што го носат годините. Секоја декада си има своја младост. Само треба да се погрижиме да ни остане сјајот во очите. Тие се нашиот полиграф. Ниту борите, ниту намалената виталност не можат да и наштетат на убавината на задоволната, свесната и мудра жена.

Стајлинг: Fashionel.mk

Соработници: Fashion Group

Објавено:
4 декември 2015
object(stdClass)#496 (8) { ["nid"]=> string(5) "12553" ["ga_count"]=> string(4) "2794" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1684965600" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1684965600" ["fb_count"]=> string(3) "240" }
Прочитано:
2.794 пати