Хистеријата што се случува во светот по пуштањето во продажба на заедничката колекција на луксузниот бренд Балман и шведскиот гигант H&M, го поттикнува прашањето: Зарем не мислите дека после оваа масовна „балманија" ќе се униформира една цела армија во која ќе избледе индивидуалноста?

Па секој дизајнер во процесот на творење тргнува од идејата за свој личен придонес во задржувањето на автентичниот визуелен одговор на целата внатрешна состојба на единката. Но, лудилото во кое заглавила масовната потрошувачка сила ја девалвира возбудата ете на пример да се поседува парче кое го носи дизајнерскиот сенс на Балман. Декаденцијата присутна на сите културно-општествени нивоа не ја штеди ниту модната индустрија, а ова е еден од оние моменти што придонесуваат за тоа.

Ваквите соработки помеѓу луксузни и „high-street" брендови е разбирлива, и подвлекува дека модата покрај другото е и бизнис, но многу е значајно да се подигне свеста кај потрошувачите дека не по секоја цена мора да бидат униформирано лице од армијата. Верувам дека не сите кои чекаат во редици пред продавниците на H&M и буквално предизвикуваат човечко стампедо, имаат стил во кој идеално би се вклопило парче од оваа колекција.

Но, очигледно масовното лудило е сепак пред индивидуалната свест за личниот идентитет. Во оваа насока нештата задолжително мора да се менуваат, зашто во спротивно едноличните копии во глобализацијата ќе ја уништата вредноста на личноста, која покрај сите други аспекти го вклучува и визуелниот имиџ.

И информативно, парчињата од колекцијата на Балман со H&M се поскапи од некои од дизајните на Балман што се достапни на интернет.

„За среќа" во Македонија сè уште немаме H&M, па го избегнавме ова лудило...

Објавено:
6 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.083 пати