Го гледавме „Куќата Гучи“ - Што се крие зад вревата по филмот?

26 ноември 2021

Премиерното прикажување на „Куќата Гучи“ во Македонија се случи вчера. Генерално, ова е еден од најочекуваните филмови и на светско ниво.

Фантастична актерска екипа, интригантна приказна за една од најпознатите модни династии, совршено спакувани најавни видеа, одличен маркеинг, луксузни вили, одлични костими и славно режисерско име (Ридли Скот) беа и повеќе од доволни да помислиме дека ова ќе биде спектакуларно остварување. 

Сепак, впечатоците ни се далеку потивки од љубопитноста што ја имавме претходно. И тоа е чест случај со филмови што се најавуваат бомбастично, со актерска екипа што не може да не ви го привлече вниманието. Ако се' уште не сте го гледале филмот, а планирате, одлучете сами дали ќе го читате текстот до крај сега или откако ќе го изгледате остварувањето :).

ЗА АКТЕРСКАТА ЕКИПА

Претпоставувавме дека во филмот ќе се обидат да го задржат италијанскиот нагласок, иако зборуваат на англиски (сепак семејството долги години ќе живее и работи во Њујорк), но мора да признаеме дека на моменти навистина тоа пречеше, бидејќи не изгледаше природно.

Можеби ќе беше подобро ова да е италијански филм, бидејќи тоа ќе донесеше многу поинаква динамика и емоција во филмот. 

Гага изјави дека околу една година зборувала како Патриција, учела неколку италијански дијалекти со цел да го претстави ликот што поавтентично. Трудот секако е препознаен, а нејзината глума одлична, со што само потврди дека успехот со „Ѕвездата е родена“ не е воопшто случаен.

Од друга страна е Адам Драјвер, кој одлично успева да портретира лик кој од една несигурност и млакост се претвора во бизнисмен и човек кој нема проблем да ги постави границите, ако тоа била целта. На моменти премногу млак, но ако го гледаме тоа низ призма на динамичноста и карактерноста на Патриција (односно Гага), тогаш контрастот е постигнат.

Сепак, нашиот фаворит од филмот кога е актерската екипа во прашање (иако сите се одлични) е Џаред Лето. Да не знаете дека е дел од актерската екипа, нема ни да го препознаете. Уште една фантастична трансформација. Го толкува ликот на Паоло Гучи, синот на Алдо (Ал Пачино), односно прв братучед на Маурицио Гучи. На граница на трагичност и комичност, Лето успева да создаде една мелодичност и ритам во говорот кој би го поистоветиле со италијанскиот. Успева од една страна да го карикатурира, но толку умешно и со вистинска доза, создавајќи лик кој е „на врвот на медиокритетот“ како што го нарекуваат во семејството, а всушност е ѕвездата на филмот.

Филмот трае два часа и 40 минути и успева да го задржи вниманието, но сепак откако излеговме од салата, не бевме сосема воодушевени. Излеговме со чувство дека нешто недостасува.

Приказната не е фокусирана само на убиството, од неа можат да се видат и семејните односи, алчноста за пари, традициите наспроти бизнисот, љубовта, лојалноста... Сепак, имавме впечаток дека работите што кај Патриција ќе разбудат желба за смрт на Маурицио, се некако претрчани. Гага успева да ја претстави и нејзината доминантност, желба за богатство, па дури и комплекси, лудост и храброст, но слушајќи и гледајќи низ годините за Патриција, не добивме многу од нејзиниот „остар“ јазик. Не добивме многу ниту од реалната суровост на Маурицио. Прескокнати се делови кои ќе дадат малку појасна слика за тоа како во една жена се буди желба за таква одмазда. 

На пример, Патриција и Маурицио имаат две ќерки, не само една како што е прикажано во филмот. На Патриција во реалниот живот ќе ѝ биде откриен и тумор на мозокот, а оваа состојба само ја нагласила бесчувствителноста на Маурицио кон неа и уште низа други работи кои би фрлиле друго светло на приказната. Секако дека е невозможно да биде опфатено се', но во веќе и така разводнетото дејство, можеше да биде направен и поинаков избор.

ЗА МОДАТА

Костимите се одлични. Изгледот на Гага во филмот е инспириран од  Џина Лолобриџида. Поголемиот дел од костимите се шиени специјално за филмот, освен модните додатоци - чевли, торби, ремени, марами, кои секако се „Гучи“...  

Интересно е што и машката мода во филмот е впечатлива, но не е „Гучи“. Во времето кога се одвива дејството на филмот, модната династија се' уште не креира парчиња за мажи, па Алдо и Маурицио носеле одела на Ерменегилд Зегне, а тој факт е испочитуван и во филмот, па актерите носат нивни модели во комбинација со „Гучи“ мокасини и ремени.

За љубителите на модата ќе биде интересна епизодата за тоа како Том Форд доаѓа во „Гучи“ и ја започнува својата модна приказна.

Но, за нас е уште поинтересно ова:  Паоло Гучи постојано бара одобрување од татка си и чичкото (Родолфо Гучи, а го толкува Џереми Ајронс) за неговото уметничко творештво. Во филмот само тој носи сомотски одела во боја, парчиња со принт и живописна палета бои, што е неспојливо со класичната „Гучи“ естетика која ги признава само класична палета бои во комбинација со црвена, зелена и тегет.

Пастелните бои во комбинација со кафена, на пример, како што тоа го замислувал Паоло, се доживуваат како навреда за естетиката која сениорската гарда Гучи ја негува.

Сепак, ако размислите каква естетика „Гучи“ пласира веќе години наназад, изгледа дека се многу поблиски на размислувањата на неразбраниот и неталентиран Паоло, отколку на класичните постулати кои ги поставуваат Родолфо и Алдо Гучи.

Денес во модната куќа нема ниту еден од семејството „Гучи“. Алесандро Микеле токму со таа живописна и еклектична естетика ќе му даде нов живот на брендот пред умирање, далеку од неговите корени. 

Што би помислил Родолфо да го види денешниот „Гучи“?

Инаку, интересно е што во светските медиуми постојат изјави од ќерката на Паоло Гучи, Патриција, која вели дека филмот е навреда за семејството - од тоа како се физички претставени, до тоа што се' се содржи во филмот, а не би требало, бидејќи се преминува граница која не смее да се премине.

Но, да не навлегуваме во тој дел од приказната, заклучокот е дека филмот го држи вниманието, но не можете да речете дека е најдоброто нешто што сте го виделе од Скот - затоа што овој филм тоа не е. Сепак е филм што би требало да го погледнете и на крајот да си создадете свои впечатоци.

Ако ништо друго, да ја погледнете Гага, за која велат дека е сериозен кандидат за „Оскар“. Дали ќе биде навистина така - ќе видиме наскоро. 

 

 

Објавено:
26 ноември 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.028 пати