Жени со машки презимиња: Стојановска или Стојановски?

17 август 2015

Изминативе неколку години сѐ почеста е употребата на женските презимиња во машки род при стапувањето во брак. Иако тоа е апсолутно лична одлука и желба на секоја една Македонка, време е да поразговараме за фактот дали тоа е воопшто дозволено и дали станува збор за помодарство и желба секогаш да се биде поинаков и уникатен. На сите прашања на кои очајно нѝ требаше одговор секогаш кога и да ја ставевме на дневен ред оваа тема, ѝ се обративме на доктор Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Таа ќе посочи дека во моментов не се поставени никакви законски пречки за употребата на женските презимиња во машки род, но и дека периодов се прават измени и дополнувања на Правописот на македонскиот јазик, каде во делот „Препораки“ ќе биде предвидено на жените да им се сугерира при стапувањето во брак да го изберат женскиот облик на презимето. Доктор Јачева Улчар за Fashionel, на одличен начин ги објаснува сите страни на употребата на женските презимиња во машки род, со што се надеваме дека конечно ќе ги решиме сите дилеми околу оваа појава.

-Според македонскиот јазик, погрешно ли е жената да го земе презимето на мажот во машки род?

Во последнава деценија сме сведоци на сѐ почеста употреба на машкиот облик на презимето за лица од женски пол.  Во  однос на ова прашање неколкупати сум се произнесла во јавноста, а сум напишала и една статија под наслов „Женското презиме во Македонија“, објавена во еден Зборник посветен на нашата, за жал, почината проф. Лилјана Минова-Ѓуркова. И во оваа пригода ќе го повторам мојот став, кој го делам и со други македонски ономастичари и македонски лингвисти, воопшто. Спецификата на најчестите македонски женски презимиња е тие да завршуваат на -ева/-ова, односно на -е(в)ска/-о(в)ска. Според најискусниот македонски ономастичар, проф. Трајко Стаматоски, оваа специфика  треба да се чува, зашто е добро кога информацијата за родовата припадност ја носи и презимето, а не само личното име. Со употребата на машката форма на презимето за лица од женски пол се загрозува категоријата род која му е иманетна на македонскиот јазичен систем. Овие презимиња образувани  со горенаведените суфикси, всушност претставуваат номинализирани посвојни придавки (придавки кои станале именки). Презимињата како придавки стапуваат во конгруентска врска со именките по род, или поедноставно речено: придавката го добива родот според родот на именката. Како што е неправилно да се рече новогодишен елка, исто толку, е направилно да се рече и Јачев Елка. До пред две-три децении на Македонките и при раѓањето и при мажењето имињата и презимињата во  матичните книги им беа запишувани со застапена конгруенција по род. – Зошто? – Зашто така налага нашиот јазик, оној што го слушаме и зборуваме во секојдневниот живот, јазикот што е запишан и во старите книги, но и во нашата фолклорна традиција. Сетете се на македонската народна песна „Разболела се Ленка Пингова...“. Народниот пејач спонтано ѝ го дава презимето Пингова, а не Пингов!      

-Дали е воопшто дозволено жената да го земе презимето на мажот во машки род?

Тоа што ваквите презимиња се сè почести, зборува за тоа дека во нашата средина не се поставени никакви законски пречки за нивната употреба. 

-Дали оваа појава е одродување и непочитување на македонскиот јазик? Кое е Вашето мислење?

Ми се чини дека одродување и прегрубо употребен збор, но непочитување на македонските јазични стандарди – да!

-Од каде и кога всушност започна ваквата појава на земање на презимињата во машки род?

Оваа појава е резултат од влијанието на лингвистички и на екстралингвистички фактори. Од лингвистичка гледна точка, мене ми се чини дека почетниот импулс за ваквата појава го имаат дадено некои македонски презимиња кои не се образувани со најчестиот суфикс за образувања  македонски презимиња -ев/-ов, односно на -е(в)ски/-о(в)ски, т.е. презимињата кои се рамни на лични имиња или прекари, и кои од граматичка гледна точка не претставуваат номинализирани посвојни придавки, какви што се погоре спомнатите. Вакви презимиња се презимињата Каневче, Базерко, Крпач, Кадинец итн. По овие презимиња, родовата карактеристика почнале да ја губат и презимињата образувани со суфикските (с)ки и –ин (како Кацарски, Киселички, Антин итн.) кои ја имале и женската форма (сп. Кацарска, Киселичка, Антина), а кои кај поновите генерации почнаа да се појавуват без родово обележје, односно во машкиот облик за женските носители на презимето. Така, денес имаме Пируника Киселички (а не Киселичка), односно Даница Ружин (а не Ружина), Марија Милчин (а не: Милчина), за разлика од другите словенски јазици кај кои вака образуваните презимиња без исклучок ја чуваат женската форма (сп. Татјана Гаранина, Татјана Доронина, Бела Ахмадулина итн.). Во почетокот на деведесеттите години од дваесеттиот век, а особено во последнава деценија, оваа појава почна да се проширува и кај најчестите македонски презимиња, образувани со суфиксот -ева/-ова, односно на -е(в)ска/-о(в)ска. Во преземањето на машкиот облик на презимето повлијаеја и низа екстралингвистички фактори: животот во југословенската заедница со народи кои во официјалната форма на презимето не бележат род,   желбата да се биде оригинален, необичен, уникатен,  желбата да се истакне повисокиот степен на еманципираност и образованост на современите жени во однос на нивните претходнички, идејата дека со машкиот облик на презимето жените што ќе заминат во странство ќе немаат проблем со личните документи во земјите каде што категоријата презиме не познава граматички род (што според мое мислење е неиздржан аргумент: познавам цели семејства во која третата генерација Македонки родени во Шведска го носат презимето во неговата женска форма).

-Се случува ли подоцна поради ваквиот чин да има проблеми со документи и проблеми со презимето на детето?

Одговорот на ова прашање треба да се побара од правниците. Јас како јазичар само можам да укажам на тоа што е во духот на нашиот јазик кој во поглед на најчестите женски презимиња образувани со суфиксите  -ева/-ова, односно на -е(в)ска/-о(в)ска) корелира со речиси сите словенски јазици, освен со српскиот, хрватскиот, словенечкиот, кај кои, иако официјалната форма на женското презиме не познава род, во неофицијалната комуникација се манифестира скриената потреба за потенцирање на родот, па оттука и честата употреба на граматички маркери за женски род изразени со суфиксите –ова/ -(ј)ева, односно –ка. (Сп. Фурланова, Улчарјева, Паповиќка, Петровиќка итн.). Како ономастичар што работи во Институтот за македонски јазик познат ми е еден друг проблем што го имаат нашите луѓе кои заминуваат да живеат во странство, а кој се однесува на транскрипцијата на македонските имиња и презимиња со латинично писмо, што е една широка тема која излегува од рамките на денешнава.   

-Се случуваат ли проблеми во странство поради ваквото презиме на жената?

Ми се чини дека одговорот на ова прашање го дадов погоре. Ако Русинката Шарапова, Чехинката Навратилова (која денес живее во Америка), Бугарката Тодорова нема проблеми со своето презиме во една Америка, Франција, Австралија итн., зошто би требало да има проблем една Македонка која се презива Стојчева, Ивановска итн?

-Ако е дозволено Маријана Крстевски, значи дозволено е и Марјан Крстевска, ако сопругот го посака тоа?

Нашиот закон за личното име, колку што знам, не дава никакви ограничувања во овој поглед, што значи дека секој има право да се вика и да се презива како што сака. Сосема е друго прашањето за тоа колку некои избори што ги прави поединецот се во духот на македонскиот јазик и македонската традиција, и во крајна линија, во колкава мера е зачувано чувството за  добар вкус. 

-Што мислите Вие за ваквата појава воопшто, дали станува збор за помодарство или нешто што би можело некогаш и да се имплементира како можност во македонскиот јазик? 

Мене ми се чини дека ваквата форма на женското презиме кај нас Top of Formсе должи на еден вид помодарство и подражавање на презименски модели кои не се ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот антропонимиски систем. Во некои словенски земји со поголема традиција на употреба на презимиња (зашто кај нас категоријата презиме е помлада антропонимиска категорија, со оглед на задоцнетите општествено-културолошки процеси), како Русија, Полска, Чешка, Словачка и др. женската форма на презимето е стабилна и непроменлива. Затоа сметам дека оваа специфика на најчестото македонско женско презиме образувано со суфиксите -ева/-ова, односно на -е(в)ска/-о(в)ска  треба да се чува. Инаку, женската форма на презимето кај нас е нотирана во ракописи кои потекнуваат од втората половина на 18 век. Така, во Трескавечкиот кодик е забележано името и презимето на Ѓурѓа Бонболова, а во кодикот на манастирот „Св. Богородица“ во Матка е регистрирана жена чие име и презиме гласат Божна Поповска. Овие податоци говорат за една подолга традиција во употребата на горенаведената форма на женски презимиња во Македонија,  која, за жал, ја следиме низ ретки примери, што се должи на патријархалното опшество во кое живеел македонскиот човек.   Со цел зачувување на женската форма на женското презиме во Македонија, во овој период кога се прават измени и дополнување на Правописот на македонскиот јазик, во посебно поглавје насловено како „Препораки“ е предвидено на женската македонска популација да ѝ се сугерира при стапувањето во брак да го избере женскиот облик на презимето, со што ние како лингвисти би дале свој придонес и би ја насочиле македонската жена, таа „чуварка“ на јазикот и на традицијата, во зачувувањето на женскиот род во македонските женски презимиња. Ако се согласиме со премисата дека онимите се своевидни споменици за културата како заеднички содржател на јазикот и на идентитетот на еден народ, тогаш и категоријата презиме, иако понова во однос на преостанатите антропонимиски категории, претставува значајно и драгоцено сведоштво не само за јазично-историските процеси, туку и сведоштво за социјалните и за културолошките околности во кои се развивал тој. Оттука, грижата за неговото зацврстување и стабилизирање, особено во неговиот женски облик, треба да биде рамна на грижата што ја пројавуваме како народ спрема сите артефакти од нашето духовно културно наследство. 

Како што и самата доктор Јачева Улчар ќе каже, и повеќе од добро е да се чува спецификата која досега се употребувала и да продолжи да се негува кога се во прашање презимињата кај жените при стапувањето во брак. Како што постарите понекогаш ќе кажат, “Така треба, така останало од старо време“, ист е случајот и со презимињата во женски род. Станува збор за еден вид традиција, зачувување на женската форма на женското презиме во Македонија и сведоштво за македонскиот јазик. Доколку уживате да бидете пионери во нешто, има многу работи во светот што чекаат на вас. Се сеќавам, баба ми Ратка сосетките целиот живот ја нарекуваа Николица, бидејќи беше на Никола, па можеби некому и тоа ќе му се чини интересно, но не е правилно!

Објавено:
17 август 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
36.191 пати