Зошто треба да ја гледате „Maid“ – насилството не е само физичко

20 септември 2022

Иако не сум голем фан на серии, неодамна имав прилика да ја гледам првата (и засега единствена сезона) на драмата „Maid" во продукција на Netflix и не погрешив.

Ако очекувате патетика, ова не е тоа.

Напротив, низ 10 епизоди Моли Смит Мецлер развива една сурово реална и болна приказна, базирана на делото „Maid: Hard Work, Low Pay, and a Mother's Will to Survive" од американската авторка Стефани Ленд.

 

Да, ова е една од оние серии која не ти дозволува да се одлепиш од екранот додека не го видиш крајот на приказната, која низ сите епизоди држи висока тензија, но на на моменти има такви процепи низ кои влегува светлина и малку среќни моменти кои ви го враќаат оптимизмот дека сепак „сѐ добро ќе заврши".

Дејствието е реплика на реалноста на денешницата која во фокусот ја сместува младата самохрана мајка Алекс (Маргарет Квали, ќерка на холивудската ѕвезда Енди Мекдауел која и во филмот ја глуми нејзината откачена, хипи мајка Пола).

Алекс води борба на неколку животни фронтови, растргната помеѓу нејзиното дисфункционално семејство и таткото на нејзиното дете, класичен манипулатор кој психички ја злоупотребува и токму тука е една од главните поенти на филмот кои укажуваат на нефункционалноста на системот, ригидно поставен кон жртвите на семејно насилство, ставајќи еквивалент единствено помеѓу насилство и физичко малтретирање.

Соочена со ситуација која не ѝ остава избор, Алекс заедно со нејзината ќерка ја затвораат вратата на бараката во која живеат со манипулаторот и се сместуваат во шелтер центар од каде Алекс добива нова перспектива на животот. Ништо не е сјајно, нема никаква романтика, единствено нејзината желба да преживее за да може да ѝ обезбеди подостоен живот на својата ќерка.

Открива дека може да се надмине себеси, почнува да работи како хигиеничарка, излегува од маѓепсаниот круг во кој секогаш е зависна од некој друг и осознава дека таа е ѕвер подготвен на сѐ за своето дете.

Карактерите во филмот се длабоко психолошки портретирани, оставено е доволно простор да развиете релација со секој од ликовите колку и да е тој спореден во целата приказна, затоа што целиот амбиент на драмата го градат сите ликови заедно.

Веројатно додека ја гледате серијата постојано ќе чувствувате грутка во грлото, свесни дека сега некој можеби и многу блиску до вас, ги проживува истите сценарија и ги води истите битки сам со себе, со околината, со системот...

Свесни сте за суровоста на животот и за тоа колку оваа игра „не е фер", но истовремено и дека секогаш има некоја врата која води кон подобро, колку ситуацијата и да изгледа безизлезна.

Ако ме прашувате мене, доколку серијата има продолжение, би го гледала без размислување.

Објавено:
20 септември 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.302 пати