17-ти Виенски бал: Музика, танц и хуманост

20 март 2016

Во „Александар Палас“ вчеравечер се одржа 17-тото издание на манифестацијата „Виенски бал“. Освен по музиката, танцот и добрата забава, годинешното издание се издвојува по хуманитарната нишка.

Така, дел од средствата од продадените билети се наменети за лица со попреченост, меѓу кои и лицата со Даунов синдром, при здружението за промомоција на општествена инклузија, „Инклузивни решенија Скопје“, а во пресрет на Светскиот ден на лица со Даунов синдром, 21-ви март.

Присутните се потрудија и оваа година да го испочитуваат дрес-кодот на „Виенскиот бал“, носејќи свечени тоалети, односно темни одела или смокинзи, со што ѝ оддадоа почит и на самата манифестација.

Ленче Карпузовска со ќерката во креации на „Елена Лука“

Дел од дамите одлучија за оваа пригода својата доверба да ѝ ја дадат на модната куќа „Елена Лука“. Една од нив е и Ленче Карпузовска, менаџерката на одделот за комуникации во ЕВН, која веќе со години наназад на „Виенскиот бал“ носи креации од овој бренд.

Црна тоалета без ракави, со благ V-израз кај деколтето беше нејзиниот избор. Здолништето пак, се шири, а горниот слој од тул го збогатува и му дава лелеавост. Креација на „Елена Лука“ носеше и ќеркичката на госпоѓата Карпузовска, за која специјално беше подготвено фустанче со сатен и тул во виолетови нијанси, што направи да изгледа како вистинска мала принцеза.

Бернарда Ловрин

За оваа македонска модна куќа се одлучи и Бернарда Ловрин, дел од тимот на НАТО во Македонија, која носеше исто така црна толета, но во сирена крој и со отворен грб.

„Елена Лука“ повторно беше изборот и на водителката и на годинешното издание, Јована Стојменовиќ, која за оваа пригода одбра да носи црвена широка тоалета, со златна апликација во пределот на половината.

Изборот на водителката Јована Стојменовиќ беше црвена тоалета со потпис на „Елена Лука“

И покрај напредокот да се изгледа што погламурозно на еден ваков настан, сепак ни треба уште учење. Недостатокот на вакви отмени настани, или пак недостатокот на лично искуство на вакви настани, кај поединци веднаш се забележува, можеби не толку во изборот на креација, колку во ставот, држењето, однесувањето.

Кај повеќето тоалетата била во центарот на вниманието, што се заборавило на „ситниците“ што многу значат. Ако веќе сте одлучиле да дојдете на „Виенски бал“, тогаш незамисливо е да носите монтка или било каква друга јакна со неа. И покрај тоа што нема да застанете да се фотографирате во јакната, впечатокот се гради од моментот кога ќе стапнете во „Александар Палас“, па до последниот момент кога ќе излезете. Кожени палта што се носат во секојдневни комбинации се исто така недозволени.

Веројатно некои од вас ќе речат дека не секој може да си дозволи крзно, но тоа не е оправдување. Не е бундата единственото решение за одозгора. Можете да изберете палто, но соодветно со пригодата и фустанот. Деловните секако ќе ги оставите дома. На крајот на краиштата, доколку знаете дека немате соодветен избор за со тоалетата, едноставно од автомобил до хотелот издржете без било што да носите одозгора. Или пак, одберете убав шал што ќе соодветствува. Ако сте подготвени да се појавите на „Виенски бал“, тогаш потрудете се тоа да биде како што доликува, во секој сегмент од вашето појавување.

Оваа година доминириаа црните креации, но можеше да се забележат и такви во интензивини бои, како розова, тиркизна, или пак тоалети украсени со светки, украсни камења и монистра.

Кога заврши модната парада во холот на хотелот, гостите се упатија во салата, каде и официјално започна манифестацијата.

Амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер

На присутните им се обрати амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер, која уште еднаш посочи на хуманитарниот карактер на годинешното издание на балот.

Веднаш потоа се појавија и членовите на танцовиот клуб „Прима Данца“, што деветта година по ред е задолжен за  атрактивните точки, што на присутните им даде можност за момент да се почувствуваат како навистина да се во Виена, воодушевувајќи се на танцот на влацерите на Штраус.

На подиумот се појавија и првенците на балетот при МОБ, Мими Поп Алексова – Атанасовска и Бобан Ковачевски.

Кога е музичкиот дел во прашање, за комплетно доживување се погрижија професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ под  диригенство на Саша Николовски – Ѓумар, а освен во валцери, присутните танцуваа и на евергрини и македонски хит-рефрени во изведба овој пат на Нина Јанева, Горан Папаз, „2Exit“ и  „Тумбао Салса бенд“.

„Виенски бал“ е во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус", а под покровителство на амбасадата на Австрија во Македонија.

Во продолжение погледнете како изгледаа гостите, како и дел од атмосферата:

Објавено:
20 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
7.661 пати