„Баскерфест“ почнува со парада на улица Македонија

10 јуни 2016

Од денеска, па се до 19 јуни Скопје ќе биде домаќин на единаесеттиот по ред меѓународен уличен фестивал „Баскерфест" 2016. Театарот под отворено небо ќе започне со своите претстави утре од 19 часот на Градскиот Плоштад „Македонија". Програмата ќе се одвива на три стејџа, а ќе има и музички стејџ во вечерните часови, како и пивска градина.

„Баскерфест" ќе започне со парада од Стара Железничка до плоштадот „Македонија" каде фестивалот ќе го отворат: магионичарот и илузионист Мистер Буџинага, светски познатиот танчар Суад Демировиќ и германскиот мајстор за комедија, Вили Вондер.

Посетителите секојдневно од 19:00, па се до доцните вечерни часови ќе имаат можност да се забавуваат и дружат заедно со над 100 артисти од целиот свет- Мексико, Бразил, Јапонија, Америка, Нов Зеланд, Шпанија. Во Скопје, како и низ градовите во Македонија ќе гостуваат жонглери, акробати, танчери, магионичари, кловнови, илузионисти, музичари.

За првпат на фестивалот ќе има галерија под отворено небо, каде што македонските уметници ќе ги изложат своите дела: фотографии, уметнички слики и скулптури.
И годинава за најмладите ќе има детско катче, односно детска креативна работилница каде што ќе можат да ги покажат своите таленти.

Во склоп на „Баскерфест", во сабота 11 јуни, на „Градска Плажа Парк" со почеток во 21:00 ќе се одржи и „One Day Fest", спектакуларна забава со пена и учество на многу баскер артисти и диџеи.
Подгответе се за 10 дена позитивни вибрации во градот- Баскерфест 2016!

 

Објавено:
10 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
171 пати