Многумина што вчера беа присутни во публиката на премиерната изведба на долгоочекуваната „Брачна игра" во Македонскиот народен театар, се препознаа во ликовите на Џек (во маестрална изведба на Игор Џамбазов) и Џилијан (во исто толку брилијантна изведба на Весна Петрушевска), што ветува безвременска претстава на домашната сцена која ќе стане задолжителна „лектира" во театарската уметност.
Оваа поставка е значајна од повеќе аспекти.
Режисерско деби на Тони Михајловски, навраќањето на театарската сцена на Игор Џамбазов, тандемот со Весна Петрушевска, вонвременска тема, генијалната музика, синхронизирана комуникација со светло, сценографија во која се пресликува личната приказна на Џек и Џилијан и одлична костимографија преку која визуелно ги доживуваме карактерот и трансформацијата на ликовите, а ја реализираше докажаната Елена Лука.
Едвард Олби преку „Брачна игра" ни поставува тешки прашања, по чии одговори сме во вечна потрага. Токму тоа ја прави оваа претстава интригантна, возбудлива, очекувана – а сепак, секогаш различна.
Патување низ нервниот систем на двајцата брачни партнери, психоанализа до баналност, трагика која преминува во комичност, љубов до омраза, брак до развод и назад, забава „божем" на туѓа сметка.
Се работи за драма која започнува со ритуална игра, продолжува во бескрајна симболична војна на идентитети, човечност, поврзаност, фрустрации, разочараност, за со доза на лиричност да се трансформира во сценска поезија.
„Да се режираат Игор и Весна е најлесната работа на свет, бидејќи пред сè се искусни актери, стари мајстори и знаат што се бара на сцената и што таа нуди. И луѓе кои ја разбираат до дното актерската игра. Оваа претстава нема да ве фасцинира можеби со нејзиниот изглед, бидејќи суштината е брачната игра. И тоа е поврзувањето помеѓу нашата професија и претставата", изјави режисерот на претставата, Тони Михајловски кој неслучајно го направи овој кастинг.
Игор Џамбазов по подолга пауза од театарската сцена, имаме привилегија да го гледаме повторно.
„Мене ми е најдраго за оние што првпат ќе ме видат во театарот, затоа што мислам дека ќе им се допадне тоа што ќе го видат. Јас ќе ја паметам оваа претстава по неколку работи. Прво, по тоа што се уверив сам себе дека сум бил во право кога сум одлучил дека нема да се женам по втор пат. Овие трауми што ги преживував додека ја спремавме претставата, ми направија една реминисценција на тоа што ми се случувало во бракот и дека тоа е тоа што ме натерало на таква одлука. Потоа оваа претстава ќе ја паметам и по огненото крштевање на Тони Михајловски како режисер и колку и да ви звучи чудно, јас сум сигурен дека времето ќе покаже дека ќе биде подобар режисер отколку актер, а вие ќе процените колку тоа ќе биде добро. Третата работа по која ќе ја паметам оваа претстава е што месец дена пред премиера костимите беа комплетно готови, беше направена проба за шминка и фризура, декорот беше готов, музиката...", вели Џамбазов.
Според тоа како реагира публиката, не постои поидеална партнерка за Џамбазов во оваа „Брачна игра", од Весна Петрушевска.
„Јас уживав во подготовките. Прво, затоа што имаме режисер што многу бара од нас, што нема да ви прости да згрешите дури и запирка, да прескокнете реплика. Нема да прости ако не вратите со иста енергија кога пробувате. Ова беше тежок, макотрпен процес, затоа што Тони нè натера да проникнеме во себе, да се потсетиме што сè сме правеле, кои компромиси сме морале да ги издржиме во нашите бракови, бидејќи имаме по еден зад себе", вели Петрушевска.
Во целата визуелна приказна на камерната сцена кој интимно допре до публиката и во физичка и во суштинска смисла, особено ни оставија впечаток костимите преку кои ги доживувавме карактерите на ликовите и нивните трансформации.
„Брачна игра" за нас беше огромен предизвик затоа што да следите една таква генијална емоција и актерска игра како што јас имав прилика да следам на сите проби досега, бара големо вложување, одлично познавање на ликовите и суштината на приказната. Од една страна треба да претставиме двојство на личноста или да речеме ликот на поединецот во општеството позициониран по општествени норми кои налагаат извесен дрес код или нашето однесување во текот на денот, а од друга страна кога ќе се затворат вратите на нашиот дом и спонтано ќе почнеме да го играме животот и стануваме она што сме ние. Сето тоа да успеете да го доловите визуелно во костим, не беше воопшто едноставно", изјави Елена Пандева.
Сите оние што ја пропуштија премиерата, вечерва ќе имаат уште една можност да ја гледаат „Брачна игра" во МНТ со почеток во 21 часот.
Галерија од сцена:
Галерија од гости: