Дамите на „Охридско Лето“ грациозни во стајлинзи на Елена Лука блеснаа на свеченото отворање

5 август 2020

Вчеравечер, во вонредни услови, со посебен протокол на безбедносни мерки и редуциран број на гости, свечено беше отворено јубилејното, 60-то издание на престижната музичко-сценска манифестација „Охридско Лето".

Сцената на Античкиот театар блесна со концертот на арии насловен како ,,Вокални бисери – по стапките на Ана Липша,, во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран од Србија, Дарио Ди Виетри – тенор од Италија, Иван Томашев – бас од Србија и Аманда Стојовиќ – мецосопран од Црна Гора, а во пијано придружба на Миливое Велиќ.

„Традицијата на гламурот на Свеченото отворање, најголемите ѕвезди да настапат на Античкиот театар ја продолжуваме и годинава. Овој грандиозен проект на Антички на 4-ти август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот, ќе биде во знакот на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 год. ја создаде магијата наречена Охридско Лето", пред почетокот на манифестацијата изјави директорката на „Охридско Лето" Наташа Поповиќ.

Директорката на манифестацијата, заедно со селекторката на музичката програма, Даница Стојанова и модераторката Вера Мештеровиќ, изгледаа беспрекорно во уникатни креации на реномираниот моден бренд Елена Лука, во духот на грандиозноста и големината на фестивалот и неговиот јубилеј.

„Престижот и реномето на „Охридско Лето" нè задолжуваат сите да го негуваме неговиот препознатлив дух и традиција, иако оваа година во вонредни услови и со посебни протоколи. Но, и покрај сите предизвици, наша одговорност како професионалци е секој максимално да се посвети на изведбата на својот дел, како што оваа реномирана манифестација заслужува. Грандиозноста на „Охридско Лето" и неговата сцена неминовно бараат стајлинг што ќе плени и ќе одговори на неговата важност и значење. Затоа Елена Лука комплетно се посвети на дефинирање на перфектна стилска целина, за секоја од трите дами посебно, што истовремено ќе одговара на нивниот сензибилитет, но и функција.", вели г-ѓа Елена Пандева, генерален менаџер, водечки дизајнер и сопственик на модниот бренд Елена Лука.

г-ѓа Елена Пандева, генерален менаџер, водечки дизајнер и сопственик на модниот бренд Елена Лука.

И трите дами беа стилизирани во авангардни, макси тоалети, секоја во уникатно и грациозно издание.
Директорката Поповиќ во гламурозна тоалета во впечатлива розова нијанса, со суптилен детаљ со гравираното лого на брендот, ги заслужи сите пофалби за комплетниот впечаток.

Селекторката на музичката програма на фестивалот, почитуваната пијанистка Даница Стојанова, блесна во романтична тоалета во нежни земјени нијанси, со рачно аплицирани флорални дезени што даваат дополнителен шарм на женствениот изглед.

Модераторката на јубилејното издание на манифестацијата, Вера Мештеровиќ, пленеше на сцената во луксузна тоалета што ги обединува безвременскиот дизајн и актуелните тенденции. Во елегантни беж нијанси, проткаени со златни тонови, овој сценски изглед е совршено координиран со гламурот на манифестацијата.

Инаку, за првпат од 1961 година, овој културен настан се одржува надвор од вообичаениот термин, и ќе трае до 30 август.. Освен Античкиот театар, уметниците и посетителите ќе уживаат и во сцената и амбиентот на Сарај, Предворјето на „Света Софија", како и самата црква.
Драмската програма на „Охридско Лето" пак, ќе биде отворена вечерва и тоа со претставата „Сестрите Прозорови" во продукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот" од Велес, која ќе биде изведена во предворјето на црквата „Света Софија" со почеток од 21 часот.
Оваа премиера, чија премиера беше на почетокот на 2020, е коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, според мотиви на Чеховите „Три сестри", авторски и документаристички материјали. Костимографијата на претставата е на Раде Василев, а во неа учествуваат актерите: Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилости, а плакатот е на Филип Коруновски.

Годинава учество ќе земат преку 300 уметници, со посебен акцент на домашната уметничка фела.

Фото: Mega Production

 

Објавено:
5 август 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.914 пати