Џон Њуман пристигна во Скопје

21 јуни 2016

Вечерва во ВИП Арената во салата „Борис Трајковски" големата англиска соул ѕвезда Џон Њуман за прв пат ќе одржи концерт пред македонската публика.

Организаторите Авалон информираат дека Њуман пристигнал во Скопје во раните утрински часови, и дека вечерва на неговиот концерт нè очекува вистинско шоу, достојно за калибарот на таква светска ѕвезда.

„ Еден од најпопуларните музичари на денешницата ќе го промовира новиот албум „Revolve", каде македонската публика премиерно ќе може да слушне неколку песни што досега овој пејач ги немал изведено во живо. Имено, вечерашниот концерт ќе биде со продукција и тоа на ист ранг како онаа за вчерашниот концерт на Enrique Iglesias", се вели во соопштението на Авалон.

Моќниот соул вокал стои позади некои од најголемите хитови на денешницата како што се: „Love Me Again", „Loosing Sleep", „Out Of My Head", „Cheating", „Tiring Game", „Come and Get It", најновата „Give Me Your Love" на која соработува со Nil Rogers и Sigala, како и соработката со Rudimental со хитовите „Not Giving In" и „Feel The Love" или ултрапопуларната „Blame" со Calvin Harris со која ги освои светските топ листи.


Сите синглови заедно бројат речиси милијарда прегледи на YouTube, додека во последниве две години, Newman продаде 1.3 милиони примероци само во Велика Британија.

Пред концертот на Њуман, ќе настапат Даниел Кајмакоски и групата Eye Cue.
Покрај Скопје, Џон Њуман ќе биде главен „headliner" на фестивалите Belgrade Calling (22.06) и Zagreb Calling (23.06), исто така во организација на Авалон продукција.

Објавено:
21 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
724 пати