Емисијата „Лица и дела“ со престижни признанија за афирмација на македонскиот јазик и култура

17 јуни 2020

Емисијата „Лица и дела" која се емитува на Тв Сонце, чиј автор и водител е Мери Тодорова Младеновска, а продуцент Симе Младеновски, периодов се закити со неколку престижни интернационални признанија, како потврда за долгогодишната успешна работа.

Првото признание е за афирмација на македонскиот јазик и култура, кое емисијата и тимот што стои зад неа, го добија во рамките на меѓународната литературна манифестација „Планетопја".

Второто признание се всушност три златни плакети од светски ранг, што ја доделува американско-македонското друштво за уметност и култура „Македонија", лоцирано во Сиетл, САД.

„Ние веќе три години сме медиумски покровител на оваа манифестација која се одржува во Сиетл. Трае четири дена, а на истата учествуваат голем број уметници од САД. Комисијата ја сочинуваат професори, доктори и стручни лица од различни области. Уметниците се претставуваат со нивни дела од ликовната уметност, проза, поезија итн. Оваа година Мери се претстави со три слики: „Печалбари", „Caress Vol.1" и „Sister moon". А секако беше прикажан и дел од емисијата „Лица и дела". Бидејќи имаше голем избор, организаторите ја избраа емисијата со Вања Лазарова и Гаро Тавитијан. Добивме три златни плакети, една за емисијата за афирмација и медумско прикажување на македонската уметност и култура, другата плакета за продуцент и третата за водител и уредник, кои ги добивме јас и Мери", објаснува Симе.

Тој воедно упати и голема благодарност до целиот тим кој е одговорен за реализацијата на емисијата „Лица и дела".

„Сакаме да се заблагодариме на целиот тим на Тв Сонце, на чело со г-дин Џорџ, директорот Спасиќ, Владо, Игор, како и на сите што досега учествувале во емисијата, на сите гости, а секако и на гледачите. Изненадени сме и пресреќни, а во иднина секако ќе продолжиме да ја презентираме и афирмираме Македонија пред светот", додава Симе.

Објавено:
17 јуни 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
264 пати