Големата победа на скопската трка...

9 мај 2022

Убавото време, големиот број натпреварувачи (околу 1300), спортсхиот дух и една голема победа на целта, го направија вчерашниот ден посебен на шестото издание на трката Halkeco Skopje Run 10km.

Во една фотографија од трката која вчера вирално се споделуваше на социјалните мрежи, е доловена пораката со одговор на прашањето што всушност е ЦЕЛТА.

На фотографијата во фокусот е натпреварувачот со број 809, Снежана Караџовска на која по сообраќајна несреќа во Турција ѝ беа ампутирани двете нозе. Таа по долгогодишна голгота, пред неколку месеци доби протези и вчера еве ја на трката „Скопје трча", на целта со пораката: можеме и не се откажуваме, затоа што тука е битен духот и неговата борбеност.

А Снежана токму како таква ѝ е позната на јавноста, борбена до срж.

И вчера тоа го докажа одејќи до целта: да ја разбуди свеста на општеството за луѓето со попреченост, а истовремено и нивната присутност во секоја смисла.

Секој во животот трча своја трка. И секој трча кон различна цел. Скопје вчера трчаше кон вистинската...

Во официјалната трка, со почеток и цел кај фонтаната „Лотус" во градскиот парк, победник како и претходните 5 изданија, е Дарио Ивановски, со нов рекорд од 29:42, на второто место се најде Џастин Фриман, со време од 32:03, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 32:36. Од женските прва беше Билјана Кираџиева, со 37:48 минути, второто место го зеде Mиљана Ристиќ со 41:27 минути и на третото место заврши Весна Кираџиева со 43:18 минути.
Оваа трка, како и другите кои се дел од Виз Ер Скопски маратон, е мотивација за сите учесници, кои го даваат максимумот од себе, да продолжат со тренирање, вежбање и одржување на здрави навики.

Фото: Europe House Skopje

 

Објавено:
9 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
698 пати