Понекогаш и самиот Валентино Гаравани се запрашува – Дали ја заслужувам оваа среќа и сите убави работи?, за неколку минути подоцна сам да си одговори – А, зошто да не? Легендарниот креатор сака да биде запаметен како човек кој цел живот го посвети во потрагата по убавина во секој домен и иако долго време се противеше за издавање на книга, сепак на крајот издавачката куќа Assouline го издаде најдобриот божиќен подарок за сите вљубеници во модата. Книгата „Valentino at the emperors table“ е раскошна илустративна монографија, која ги вклучува рецептите од најомилените јадења на Валентино. Модниот дизајнер оваа книга ја посветува на Џанкарло Џамети, неговиот најдобар пријател и најголема поддршка во неговиот живот, кој всушност и бил најголем иницијатор за издавање на ова дело.
Самиот Џамети минатата година ја објави монографијата „Private“, во која се собрани најдрагите приватни фотографии направени со модниот дизајнер. Иако модниот великан се противеше на издавањето на ова дело, сепак во него се докажува неговата позиција во високото друштво и модните кругови. Гаравани е еден од последните дизајнери кои тајните на haute couture занаетот ги изучуваше од мајсторите на француската кројачка велемајсторија. Како што наговестува и самиот наслов, Валентино е цар со уникатен начин на живеење, работење, дружење... Како поинаку би можел да се опише неговиот статус со целиот придонес на моден план, а и најмалку петте локации кои ги менува на годишно ниво, поради своите обврски. Покрај батлерите, куќните помошници, шофери и готвачи, модниот дизајнер најчесто е во друштво со Џанкарло Џамети (најдобар пријател со кого покрај 12 годишната љубовна врска го врзува и сопствеништвото на модната куќа која ја продадоа пред креаторот да се повлече од својата работа), Брус Хоуксем (љубовниот партнер на Валентино во последните 30 години), Карлос Соуз ( PR на модната куќа, кој исто така бил во врска со дизајнерот, но и со двата други негови партнери) и поранешната сопруга на Карлос - Шарлен Шорто, со која има двајца синови, на кои кумови им се Валентино и Џамети.
„Угостувањето на триесеттина луѓе или само еден човек е исто. Добрата храна треба да биде послужена во убава чинија“ – изјавил Валентино, кој својата маса сака секогаш да биде украсена со четири свеќници, преферира доминација на пастелни нијанси и цвеќиња и за крај присутните на масата мора да бидат облечени соодветно според поводот. Исто така се внимава на бон - тонот, а Валентино потврдил дека животното искуство кое го има зад себе, му овозможило запознавање различни и интересни профили на луѓе, кои му помогнале да се изгради како на приватен, така и на професионален план.