Ќе се одржи промоција на книгата „Патот на душата по зборот што гори“ од Кристина Краличин

17 октомври 2022

Во четврток, со почеток во во 17:30 часот, во Morris Caffe Bar во Дебар маало, ќе се одржи промоција на книгата „Патот на душата по зборот што гори" од Кристина Краличин.

Промотор на настанот ќе биде Сребра Ѓорѓијевска, модератор Билјана Црвенковска, делови од стихозбирката ќе ја прочитаат Јована Аврамовска и Благоја Чоревски.

За приликата, писателката ќе биде облечена во креација на ЕЛЕНА ЛУКА.

Кристина Краличин е родена во Скопје каде се школувала и завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески". Љубовта кон пишаниот збор ја носи во себе од своето раѓање, и токму во таа насока ги усмерува своите намери во работата што ја исполнува целосно.

Не само што пишува уште од најраното детство – поезија и раскази, туку водена од предизвикот на текстот, информацијата и пишаната мисла, работи како новинар во една од нашите телевизии 3 години, што ѝ дава искуство пред јавност и пред публика, како да го изнесе своето размислување и да ја почувствува моќта на пишаната или изговорената реч.

Откако има насобрано материјали за да издава книги, таа се решава да го направи првиот чекор кон авторството и да ги обелодени пред јавноста сите свои дела, да си ја разголи душата и да ја претстави својата ризница на убаво напишани мисли.

Во поговорот на нејзиното првенче, стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори", авторката Кристина Краличин вели:

„Книгата ја извезов со поетска инспирација, ја врзав со говорот на сетилата, ја проткав со небото, реките, планините, калта и земјата по кои транзитира времето. Се роди спонтано и ненаметливо течејќи низ формите на невозможното, каде што се мие и блеска љубовта како кристално чиста есенција на зборот и мислата. Ја давам несебично, топло и даровно на секој што знае да вреднува подарок испишан со мастилото на срцето."

Објавено:
17 октомври 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
145 пати