Вчеравечер младата авторка Ксенија Николова ја промовираше нејзината нова, четврта по ред книга „Емотивен манипулатор", во издание на „Култура".
Со Ксенија поразговаравме за приказната полна со емотивен набој и поривот што ја поттикнал да ја создаде.
„Оваа приказна е приказна на која работев изминатава година за на крајот од истата, да ја споделам со публиката. Овој роман е полн со емоции, вистини и предизвици, кои раскажани преку животот на Катја (главната хероина ) креираат една реална слика во која секој од нас може да се најде. Овој роман зборува за емотивната манипулација, за последиците од истата, за депресијата и конечно за љубовта кон самите себе која единствено може да не заштити од сето тоа", објаснува писателката.
Овој пат нејзината книга е во издание на издавачката куќа „Култура".
„ Со оглед на одличната досегашна соработка и заедничкиот елан кој го имаме, сигурна сум дека ништо не е случајно. Се' што можам да кажам е дека ми е чест да бидам дел од вистинска издавачка куќа која вистински застанува зад мене и моето дело", вели Ксенија и додава дека ова е книга во која нејзините читатели може да го очекуваат истиот бран на емоции, истиот искрен и едноставен пристап на вистината, раскажан од сосема друг агол, за прв пат, раскажан во женски род.
На прашањето „Кој е емотивниот манипулатор", Ксенија вели:
- Тоа е некој кој сопствените фрустрации ги лечи така што, создава нови некому. Тоа е некој што ја грицка туѓата самодоверба и го убива духот на човекот со константни критики. Тој е опасен, но за него има лек. Љубов кон самите себе! Лекот е толку ефикасен, што од него бега за час. Проверено, потврдено.
На промоцијата на книгата, Ксенија изгледаше префинето и елегантно во дизајнерска креација од Елена Лука.
-Многу се радувам на финалниот производ кој ми го дизајнираа во Елена Лука. Се работи за класика, едноставност и елеганција. Јас сакам едноставни парчиња облека и речиси никогаш не експериментирам, не сум таков човек. Сакам да се чувствувам удобно и да бидам своја. Токму затоа и се одлучив за класични сако и пантолони, зачинети со доза уникатност, во сјај на прекрасна корално црвено боја.
„Емотивен манипулатор" може да ја најдете во сите продажни места на Култура по цена од 350 денари.