Културната разноликост треба да е привилегија

22 мај 2014

kulturolog

На Светскиот ден на културната разноликост, 21 мај, во Скопје се одржа завршниот дел од конференцијата „Културлог“ во организација на ЦИУ „Мултимедиа“.

Начин да се направат позитивни промени или да се запрат оние декадентните (промени и иницијативи) не е конфронитирањето со властите туку партиципативноста, а културата е средството кое може да донесе иновација во практицирањето и менувањето на владините политики – нагласи Теодор Целакоски, координатор на иницијативата „Право на град“ од Загреб и добитник на овогодишната награда од Европската фондација за култура на конференцијата „Културлог“, во организација на Центарот за изведувачки уметности ЦИУ „Мултимедиа“ која што заврши денеска во Скопје.

Теодор Целакоски Теодор Целакоски

Главниот настан кој се одржуваше вчера во хотелот „Холидеј ин“ собра врвни интелектуалци, културолози и уметници од Балканот и Европа, се случи во очи на Светскиот ден на културната разноликост, 21 мај и го отвори прашањето колку културните политики на Балканот придонесуваат за афирмација на културната разноликост и интеркултурниот дијалог.

На конференцијата беа сумирани искуствата од спроведување на двегодишниот проект “Евалуација на културните политики и програмите финансирани од ЕУ како промотори на културна разноликост и интеркултурен дијалог на Балканот”, кој ЦИУ „Мултимедиа“ од Македонија го иницираше со партнерите од Австрија, Босна и Херцеговина, Швајцарија и Македонија.

Експертот и аналитичар од Словенија, Весна Чопиќ, во рамки на дебатата за иднината на менаџирањето на разновидноста, односно интеркултурната соработка во Југоисточна Европа во пресрет на ЕУ интеграцијата, потенцираше дека културната разноликост треба да ја заштити културата од процесот на глобализација, но, дека тука свое силно влијание има и долгиот процес на транзиција.

-Тоа, пак, придонесува приоритена грижа на културниот сектор да биде како да се заштити постоењето на културата, а не како да се демократизира. Имено, културата како да стана симболичен резервоар за некои други тенденции. Но, таа не е тула, не е супститут, уметноста си има свој идентитет – рече Чопиќ.

Весна Чопиќ Весна Чопиќ

Во оваа насока холандскиот писател Крис Колеманс порача дека многу е важно ​уметноста што се продуцира да биде препознаена и признена дома, во самата држава, и забележана како таква, затоа што подоцна, при влез во ЕУ, постои опасност истата да биде обезличена и непрепознаена.

Дипломатскиот претставник на австриското министерство за образование, уметност и култура, Готфрид Вагнер, нагласи дека она со што се соочуваме денеска е предизвикот кој е поврзан со разноликоста на Европа како целина. Тој потсети на цитаат на бугарската научничка Марија Тодорова – „Издвојувањето на Балканот (од целината на Европа) не е невин акт“.

-Со тоа само ја продолжуваме приказната на исклученост која се случува уште од почетокот на 20 век. Сите поминуваме низ тешки времиња кои се рефлектираат низ социјалната инклузија, културната разноликост и сиромаштијата. Не е само Западен Балкан тој кој кои ги чувствува ефектите на ксенофобијата и исклученоста. Една од сличностите со Европа е и употребата на разноликоста како закана за државите. Другата сличност е употребата на културата во економска и социјална смисла. Има и разлики, а една од нив се однесува на минатото, и Македонија во таа насока треба да биде многу внимателна да не ја искористи преексплозивно – рече тој, нагласувајќи дека она за кое сонува е трансформација на ЕУ, што значи трансформација на капитализмот.

Готфрид Вагнер Готфрид Вагнер

За предизвиците во владеењето со разновидноста, односно за социо-економската и политичката рамка на Балканот и прашањата за интеркултурниот дијалог во Македонија говореше Ѓунер Исмаил, политички аналитичар и публицист, и поранешен министер за култура. За него македонската култура ја има судбината на сите други мали култури, кои, колку и да се оригинални, имаат и проблеми што не може да ги совлада критичната маса на една мала култура.

-Доаѓаат од мало јазично подрачје, и во нив, генерално, тешко може да се создадат паралелни линии на она што се нарекува мејнстрим, и на она што се нарекува алтернатива, која тешко заживува како контратежа на она што е „важна култура“. Култура, пак, во која не се исполнети овие елементи, не може да исполни друга, поважна задача, а тоа е да биде субверзивна. Малите култури ако се под окупација, тешко воспоставуваат дури и внатрешен дијалог со себе, или тој дијалог е заменет со некој дијалог со праисторијата и тогаш би било илузорно да очекуваме во амбиент на мала окупирана или под популистички режим, култура,  да се воспостави меѓукултурен дијалог или пак културата да ги облагородува односите меѓу заедниците или социјалните групи - смета Исмаил.

Извршната директорка на ЦИУ „Мултимедиа“, Виолета Симјановска, кажа дека во македонската културна политика постојат паралелизми во јавната и реалната политика.

Виолета Симјановска Виолета Симјановска

- На хартија постојат елементи на сериозни размисли за интеркултурен дијалог и културна разноликост, особено во Стратегијата 2013-2017, но, во реалноста имаме паралелен свет, нешто што не одговара на таа стратегија. Реалната политика покажува монотетничност, затвореност, нетранспарентност, невклучување на граѓаните во неопходни дискусии и дебати. Ова не се лични заклучоци, туку ставови како резултат на научно истражување, со оглед на тоа дека се правеа сериозни анализи на сите закони што постојат. Не постои експлицитна и кохерентна културна политика во Македонија, која се однесува на интеркултурниот дијалог и различност – вели Симјановска.

Претставникот на Министерството за култура, Борче Николовски, потенцираше дека Македонија има посебна канцеларија чиј фокус е интеркултурниот дијалог и културната разноликост и објасни дека се отворени за идеи за подобрување.

-Ние имаме сопствен поглед за културната разноликост во нашата земја и ЕУ треба да се отвори и да нè слушне и нас. Во идните ИПА-проекти ова треба да се земе предвид -  рече Николовски.

Проектот, освен во Македонија, опфати сериозно истражување на инструментите на културните политики, и во Србија, Црна Гора, Хрватска и во Босна и Херцеговина. Во исто време беа анализирани и проекти од Европска Унија, кои се однесуваат на интеркултурниот дијалог и разноликост.

Беше заклучено дека секоја земја носи различен контекст, и покрај тоа што имаме  заедничко минато, и дека засега во однос на интеркултурниот дијалог најдобро стои Хрватска во поглед на хармонизирање на легислативите и нивно спорведување. Во однос на проектите кои ја афирмираат културната различност ситуацијата е покомплицирана во Босна, но и во Србија каде постои дистанца помеѓу декларативните заложби и оние во пракса.

kulturolog 2

Професорката Маја Мухиќ направи компаративна анализа на извештаите од земјите-учеснички во проектот.  Таа нагласи и дека со соработката од повеќе страни, како НВО секторот и универзитетите, ќе се надмине површноста:

-Наша алатка треба да биде вмрежувањето и стратешките партнерства за промоција на интеркултурниот дијалог.
Двегодишниот проект резултираше и со сајтот www.kulturlogue.org каде е поставена база на податоци со голем број материјали од сите земји-учеснички, а кои се однесуваат на активности врзани за интекултурниот дијалог и културните разноликости.

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Култура