Лејди Гага ќе ја глуми Харли Квин во „Joker 2“ ?

14 јуни 2022

Оскаровката од филмот „A Star is Born" е во преговори да се појави наспроти Хоакин Феникс во продолжението на филмот „Joker" на режисерот Тод Филипс. Филмот ќе биде мјузикл, а според „Холивуд Репортер", Лејди Гага би требало да се појави во улога на Харли Квин, доколку пејачката и актерката успешно го финализира договорот за снимање на филмот.
Минатата недела, режисерот Филипс, преку својот Инстаграм профил потврди дека веќе работи на долгоочекуваниот проект, објавувајќи ја насловната страница на сценариото за филмот, каде се гледа дека автори се Филипс и Скот Силвер.

Налсовот на продолжението на филмот, „Joker: Folie à Deux", упатува на медицинска состојба каде што „идентично или слично ментално нарушување влијае на две или повеќе поединци, обично членови на исто семејство". Ако е вклучен Џокер, единствениот лик со кој канонски би споделил ментално растројство би била Харли Квин. Квин често е прикажана како психијатар во менталната болница Аркам во Готам Сити, каде што го запознава Џокер и се вљубува во него.

Иако DC Extended Universe веќе има своја Харли Квин, Маргот Роби, која ја играше девојката на Џокер во „Suicide Squad", „Birds of Prey" и „The Suicide Squad", Џокерот на Хоакин Феникс не е сместен во истиот универзум.

Филмот „Joker" на Тод Филипс е сместен во минато време, и ја следи приказната на Артур Флек, уличен кловн и човек со сериозни ментални нарушувања кој полека го прифаќа идентитетот на Џокерот и го инспирира населението во Готам Сити на мрачни и застрашувачки начини.

И покрај фактот што ѕвездата на DC, Бетмен, не се појави во филмот (освен во мала улога како млад Брус Вејн), „Joker" беше неверојатен хит за Warner Bros, со заработка од 1,07 милијарди долари ширум светот. Феникс го доби Оскарот за најдобар актер за неговата изведба и изјавуваше дека би бил среќен да ја повтори улогата. Иако ова продолжение беше очекувано од фановите на DC Extended Universe и широката филмската публика, никој не очекуваше филмот да прерасне во мјузикл, а уште помалку да се појави Лејди Гага во улога на Харли Квин.

 

Објавено:
14 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
179 пати