Мадона ќе го режира својот биографски филм: Главната улога ја доби Џулија Гарнер

13 јуни 2022

Актерката Џулија Гарнер, која се прослави со улогите во популарните Нетфликс серии „Ozark" и „Inventing Anna", неодамна ја доби и главна улога во биографскиот филм на една од најголемите музички, модни и филмски икони во светот-Мадона.

Филмот, чиј режисер е самата Мадона, ќе се снима според сценарио на Дијабло Коди, кој исто така го напиша сценариото за „Young Adult". Планот на Мадона да го сними овој филм ѝ беше претставен на јавноста уште во 2020 година, а оттогаш, низ обемниот процес на аудиција поминаа кандидатки како Флоренс Пју, Алекса Деми од „Euphoria" и Одеса Јанг. На крајот, сепак улогата ѝ беше понудена на Гарнер.

-Сакам да го пренесам неверојатното патување на кое животот ме однесе како уметник , музичар, танчерка и човечко суштество кое се обидува да го пробие својот пат во овој свет. Имам толку многу нераскажани и инспиративни приказни, а кој подобро да ги раскаже ако не јас? Од суштинско значење е да го споделам ова „возење низ тобоганот" во мојот живот, со мој глас и визија. – изјави Мадона за Variety во 2020 година.

Џулија Гарнер, Фото: Esquire

Ова не е прв обид да се сними филм за познатата пејачка.

Во 2016 година, сценаристката Елисе Холандер напиша сценарио за филм за Мадона. Филмот ќе беше насловен „Blond Ambition", но тој воопшто не доби шанса да влезе во процес на продукција, откако Мадона гласно го искритикува сценариото на социјалните мрежи, а текстот се најде на врвот на Црната листа на најдобри непродуцирани сценарија за 2016 година.

-Никој не го знае тоа што јас го знам за себе и она што јас сум видела. Само јас можам да ја кажам мојата приказна. Секој друг што се обидува е шарлатан и будала. Зошто од Universal Studios би сакале да снимат филм за мене врз основа на сценарио кое е целосно базирано на лаги? – гласеше критиката на Мадона во 2017 година.

Џулија Гарнер неодамна се појави во серијата на Нетфликс „Inventing Anna", базирана на вистинската приказна за руската измамничка Ана Сорокин која успеа да се инфилтрира во високото американско општетсво и да изнуди големи суми на пари, додека пак нејзината улога во филмот „The Assistant" (во режија на Кити Грин), каде се обелоденува вознемирувањето во филмската индустрија, важи за една од најдобрите филмски улоги на младата актерка.

Објавено:
13 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
170 пати