Магично доживување во 2015- Вевчански карневал!

3 јануари 2015

На самиот старт од Новата 2015 година во Вевчани нè очекува една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја, Вевчански карневал! Настанот кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар во 2015 година ќе се одржи со богата програма внимателно селектирана за на најдобар начин да го долови уникатниот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава.

Програмата на Вевчанскиот карневал ќе се одвива од 9. јануари до 14. јануари. Во рамки на програмата ќе бидат одржани повеќе свечености, промоции, перформанси, концерти на познати музички групи и секако традиционалната карневалска поворка која ќе финишира со традиционалното палење на маските на 14. јануари, со што и официјално ќе биде затворен Вевчанскиот карневал.

Организаторите  веќе ја потврдија  главната музичка програма кој ќе се одржи на 12. и 13. јануари, а која пред посетителите ќе ги претстави настапите на повеќе значајни музички имиња од земјава и регионот.

На 12. јануари ќе гостува Суперхикс, нашата најактивна „банда инструментале“ која е позната по енергичните и еуфорични настапи и е веќе докажан бенд кој гарантира секојпат ново концертно лудило. Покрај нив, Вевчани ќе ги  пречека и регионалните музички ѕвезди, хрватскиот легендарен бенд „Прљаво Казалиште“.

На 13. јануари музичката програма ќе ја предводи музичкото име кое на најдобар начин го негува традиционалниот македонски звук, групата „Љубојна Брас Фантази“. Во овој состав групата е актуелна со концертите насловени „Музика на дланка“ со кои на секое свое гостување и настап ја восхитуваат публиката. Покрај нив таа вечер гостите на Вевчанскиот карневал ќе ги забавува и фолк пејачката, Елена Велевска. Но тука не завршува понудата на манифестацијата на која исто така предвидени се и трибини, како и настап на КУД „Дримкол“ во чии рамки постои и патувачкиот театар.

Вевчани со својата и онака специфична локација во прекрасното природно опкружување, за време на овој настан со секој свој дел прераснува во голема отворена сцена подготвена да ги пречека илјадниците посетители на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.
Во продолжение низ фотографии ве потетуваме што се случуваше на Вевчански карневал 2014 година.

 

Објавено:
3 јануари 2015
Категорија: 
Култура