„Моја инспирација“ - изложба која го претставува минатото преку современата мода

15 јули 2014

Дека Битола е град кој постојано ја афирмира културата на урбаното живеење, црпејќи инспирација од корените во минатото потврдува и новиот проект кој е во соработка со музејот на град Битола, текстилната насока при СОУ „Таки Даскало“, финансиран од Министерството за култура од Република Македонија.

moja-inspiracija-01

Проектот носи наслов „Моја инспирација“ и има за цел да ги реактуелизира традиционалните вештини во изработката на носиите, да ги документира експонатите во музејската збирка на носии во Н.У. Завод и музеј Битола кои денес претставуваат богато културно наследство и воедно да ги едуцира младите за негување интерес кон традицијата и културата.

moja-inspiracija-04

Почетната едукативна активност со учениците од средното училиште „Таки Даскало“ од текстилната насока, ги претстави основните кроеви на женската и машката кошула. Овие експонати се избрани како основни облековни елементи преку кои се диференцирал социјалниот статус на поединецот, концептуалната поставеност на везбената орнаментика, симболика и семантика во најзначајниот период на развој на македонската народна носија.

Значајно место од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век има и градскиот костим и е претставен со џубе од костимот „ала турка“ (ориентално влијание) и дводелен фустан од костимот „ала франга“ (западно-европско влијание). Со изборот на овие експонати, запознавањето со историско-културните влијанија, нивната функција во минатото, естетско декоративна и семантичко симболична страна, целта е учениците да ги имаат овие традиционални знаења во инкорпорирањето во современиот живот. На овој начин облеката која ја изгубила својата функција и денес е  дел од музејските збирки  што би биле линк помеѓу минатото и сегашноста и би биле инспирација во креирањето современ израз со мотиви од традиционалното културно наследство. Вкупно ќе бидат изложени десет креации на учениците инспирирани од народните костими и староградската облека, а настанот ќе се случува во малата сала во музејот на  Битола на 17-ти јули со почеток од 20.00 часот. Автор на проектот е Наде Геневска Брачиќ-етнолог, кустос и советник во Н.У.Музеј во Битола, под креативно менторство на проф. Лили Кадинска.

moja-inspiracija-02

„Проект со кој учениците ќе направат нешто за трајните вредности, проект во кој традицијата ќе ја стават во служба на модерното живеење. Сега кога зборувам на самиот крај на оваа фаза од проектот можам да кажам дека не само што го исполнија она што се очекуваше од нив туку и стекнаа некои животни трајни вредности, како мотивација, вредност, посветеност, одговорност... Бев среќна што гледам група на млади и талентирани луѓе како неуморно работат. Иницијативни како никогаш до сега, самоуверени и жедни за докажување на своите способности. Мојата работа како нивни ментор беше исклучително задоволство. Видов прекрасни идеи и креативни решенија, многу од тие идеи останаа само на хартија, но она што е направено е навистина вредно. Ги задоволува сите аспекти на модниот дизајн. Испочитуван е концептот, а парчињата облека освен што имаат дизајн, функционалност и естетика претставуваат колекција спремна за сериско производство“, ни откри професорката Кадинска.

moja-inspiracija-03

moja-inspiracija-06

Објавено:
15 јули 2014
Категорија: 
Култура