Од утре, (петок 25 јуни), почнува 12. издание на Патувачото кино на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс", а ќе трае до 4 септември.
Ова е 12-та година како Патувачкото кино на „Македокс“ ги радува граѓаните низ државата, а оваа година ќе ги опфати и Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни).
Следниот месец пак, Патувачкото кино ќе прикажува документарни филмови во Штип (2 и 3 јули), како и во с. Оризари (9 јули) и Кочани (10 јули).
Последната сесија годинава ќе се случи во септември со проекции во Виница (3 септември) и с. Пекљани (4 септември).
Проекциите ќе почнуваат во 21 часот.
Годинава Патувачкото кино го менува својот формат и место 15-дневно доживување ќе направи викенд-проекции во осум градови и населени места во североисточниот регион. Досега беа прикажувани документарни филмови во речиси сите градови и региони низ државата.
Важно е да се напомене и дека сите проекции се под отворено небо и се бесплатни, а во најголем дел од овие села никогаш претходно немало кино проекција или имало неколку децении претходно. Проекциите на „МакеДокс" сред село се доживување и атракција за сите жители за која зборуваат и ја паметат долго време.
Раскажаните приказни покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Патувачкото кино досега посети 75 места, тргнувајќи од Витолиште, преку Прилеп, Дојран, Кочани, Богданци, Лазарополе, Вевчани, Гевгелија, Кавадарци, Штип, Берово, Двориште, Ратево, Русиново, Владимирово, Блатец, Пехчево, Панчарево, Ресен, Стење, Царев Двор, Езерани, Подмочани, Грнчари, Сливница, Љубојно, Долно Дупени, Крушево, Журче, Жван, Единаковци, Слепче, Смилево, Бабино, Сопотница, Слоештица, Издеглавје, Мешеишта, Слатино, Ботун, Злести, Оровник, Лешани, Велмеј, Фурка, Пирава, Чалакли, Костурино, Јосифово, Валандово, Крапа, Девич, Црешнево, Требино, Локвица, Брест, Косово, Манастирец, Калишта, Радолишта, Октиси, Мислодежда, Ташмаруништа, Радожда, Мали Влај, Струга, Лабуништа, Вишни, Драслајца, Луково, Драчево, Радишани, Волково, Горна Матка и Булачани. „МакеДокс" во 2019 посети и три места во Албанија: Бучимас, Пустец и Лин.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Поради пандемијата со ковид-19, задолжително ќе биде носење маска за секој посетител – влезот нема да биде дозволен без маска, задолжителна е дезинфекција на раце, на влезот за секој посетител, како и мерење на температурата.