Од утре стартува 7 - то издание на „Скопје постер фестивал“

4 декември 2014

Седмото издание на меѓународниот студентски конкурс за плакат „Скопје постер фестивал“ и официјално стартува утре (05 декември) и ќе трае сѐ до 20 – ти месецов.

Годинешното мото на настанот е „Дизајн за мир“, а истиот ќе опфаќа идејни решенија на графички дизајнери кои ја искористиле својата креативност на уникатен начин.

„Секоја година, фестивалот привлекува сѐ повеќе интерес и го зајакнува регионалното реноме, за што потврда се и гостите, но и светската препознатливост што седум години го прави овој проект отскочна даска за младите креативци“, изјави на денешната прес конференција претседателот на Плакарт, Лазе Трипков.

Тој посочи и дека оваа година жирито ќе има сериозен предизвик пред себе, а тоа е да избере победници од вкупно 2.023 пријавени постери на Фестивалот.

Свое обраќање на денешната прес конференција на која беше најавен фестивалот, имаше и претседателката на Светската асоцијација на дизајнерски здруженија Icograda Ива Бабаја од Хрватска, како и Ајшеѓул Изер од Турција, но и еден од најпознатите македонски плакатисти, професорот Костадин Танчев.

Ајшеѓул Изер Ајшеѓул Изер

Гостите посочија дека конкуренцијата на пристигнатите плакати е огромна, а инспирацијата на младите таленти е на високо ниво, со што уште еднаш се потврдува дека плакатот бил и е неверојатен медиум за комуникација.

Настанот всушност неофицијално започна со изложбата на Лазе Трипков во МКЦ, по што следеа уште неколку настани за одбележување на месецот на плакатот во нашата земја.

Во рамки на фестивалот, оваа сабота ќе се случи и првата регионална дизајн конференција во земјава, на тема „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“.

Професор Костадин Танчев Професор Костадин Танчев

 

Она што е од особена важност, е тоа што токму во сабота, своја презентација ќе одржи и Давор Брукета – еден од најуспешните креативци на Балканот и во Југоисточна Европа.

Повеќе за фестивалот и за младите кративци во Македонија, ќе можете да прочитате во утрешното интервју со Лазе Трипков на fashionel.mk.

Објавено:
4 декември 2014
Категорија: 
Култура